„МакеДокс“ и „Докувизија“ го претставуваат „Доаѓаме како пријатели“ на Хјуберт Саупер

22.09.2015 09:31
„МакеДокс“ и „Докувизија“ го претставуваат „Доаѓаме како пријатели“ на Хјуберт Саупер

По априлската кино-средба со кинеските зависници од интернет во Подгорица, на 23 септември (среда) следува уште една во рамки на „Докувизија“. Овојпат, домаќинското слатко за добредојде ќе го послужи „МакеДокс“ во Џепното кино во МКЦ во 20 часот, а филмската приказна за „пријателите“ на Јужен Судан паралелно ќе се раскажува и во Љубљана, Загреб, Белград, Призрен и во Подгорица.

По бесплатната проекција на отворено, останете на муабет со режисерот Хјуберт Саупер, програмскиот селектор на „МакеДокс“ Петра Селишкар и со публиката од останатите градови. Приказната е уникатна, а богами и погледот!

За филмот:

„Доаѓаме како пријатели“ 
(Франција, Австрија /2014 /110’)

Режисер, снимател, сценарист: Hubert Sauper
Помошници-режисери: Barney Broomfield, Ross Turnbull, Xavier Liébard
Помошници-сниматели: Barney Broomfield, Xavier Liébard
Монтажа: Hubert Sauper, Cathie Dambel, Denise Vindevogel
Музика: Slim Twig
Вокал: Malia
Тон: Veronika Hlawatsch
Продукција: Hubert Sauper (Adelante Films, Paris)
Копродукција: KGP, Gabriele Kranzelbinder (Vienna)

Ова е модерна одисеја, вртоглаво и само навидум фантастично патување во срцето на Африка, каде што децата или ги мажат или ги наоружуваат. Благодарение на малиот авион којшто режисерот сам го направил од лим и платно, пристигнуваме во Јужен Судан – земја со највисока стапка на мајчина смртност во светот, дом на 230 илјади бегалци... и очигледно, рај за странските инвеститори. Кинески нафтени работници, мировници на ООН, судански воени лидери и американски протестанти доаѓаат како пријатели во најмладата држава во светот, нестрпливи да поттикнат „соработка и развој“. Наградена на Берлинскиот филмски фестивал и на „Санденс“, оваа филмска приказна ни покажува дека империјализмот никогаш навистина не си заминал од Африка.

„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ) во која покрај „МакеДокс“, членуваат и „Dokufest“, „Underhill Fest“, „Baš Volim Dokumentarce“, Slobodna Zona / Free Zone Film Festival, Petra PAN FILM Production и Demiurg distribucija. Поддржан е од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото