Синиот Јавач

22.09.2015 14:41
Синиот Јавач

Сто години поминаа од формирањето на „Синиот Јавач“ (Blaue Reiter)1 и сто години од појавата на современото апстрактно сликарство. Отприлика исто толку години поминаа од појавата на атоналната музика. Револуционерниот концерт за Гудачки квартет бр. 2, оп.10 од Арнолд Шенберг (Arnold Schönberg) е изведен на 2 јануари 1912 година во Минхен, и на него присуствувале Василиј Кандински и Франц Марк (Franz Marc), основачите на Blaue Reiter. Истата таа година во Австрија веќе длабоко се понира во психоанализата. 1912 година е и година кога Рудолф Штајнер ќе се одвои од Теозофското друштво за да го формира Антропозофското друштво. Во многу сфери се рушат границите на етаблираните вредности, се поместуваат границите на (и)рационалното и духовното. Се разбира, сето тоа воопшто не се одвивало непречено, напротив, со голем отпор од естаблишментот и згора на тоа, било попречено од катастрофа: Првата светска војна, а потоа уште помонструозната Втора светска војна... На човековите страдања им нема крај!

.......................

Екстрахирани доживувања на светот, на себеси, на другите суштества, животните, природата, потполно постоење во еден внатрешен живот е апстрактното сликарство! Во 1911 година, за пресвртниот момент кој се случил во преубавата природа на Мурнау, Габриеле Мунтер (Gabriele Münter) ќе запише во својот дневник: „Таму, после еден краток период на измачување, направив голем скок - од копирање на природата - помалку или повеќе импресионистички - кон чувството на задоволство, кон апстракцијата - доживување на екстракт.“

Пред тоа, во 1908 година Вилхелм Ворингер ја објавува својата докторска дисертација на тема „Апстракција и сочувствување“. Теоријата на науката за уметноста, преку ова дело, ја погодува жицата на стремежот кон апстракцијата кај уметниците од „Синиот Јавач“, посебно на Франц Марк и Пол Кле (Poul Klee). Во ова дело меѓу другото се разработува тезата дека апстракцијата е примарна во процесот на восприемање/асимилирање на реалноста од страна на уметникот, што е идентично со естетско доживување.

Во експресионизмот на „Синиот Јавач“ суштинска е дуалистичката спротивставеност меѓу духот и материјата, меѓу прогресивните и конзервативните сили во човекот, воедно и во општеството. Таков судир е неминовен во моментот на „прекршување“, кога огромни маси - содржини на несвесното си пробиваат пат кон светлината, за да се преобразат.

Апстракцијата на Кандински зафаќа огромна област од несвесното и потсвеста, а токму тоа е потребно на патот на самосознанието, да се освести несвесното, што како чин истовремено значи пробив на духовното. Бидејќи, колку повеќе се спознаваме себеси, се намалува незнаењето во нас и правопропорционално се отвора можноста за духовен раст.

Комплексниот систем за себеспознание, јогата, и главната техника, медитацијата (dhyana, дхана), веќе биле познати во Антропозофското друштво на Рудолф Штајнер. Тој верувал дека вистината на универзумот е скриена позади лажната материјална копрена, која може да се надмине со соодветна медитативна техника. Антропозофското друштво се заложувало (и ден денес се заложува) и за обновување на христијанските вредности, низ еден нов пристап, близок на современиот човек. Сето тоа му било познато на Василиј Кандински, и благодарение на синтезата меѓу искуствата во современата музика, сликарството и медитацијата, тој успешно го пробивал патот кон внатрешната преобразба.

Како да се достигнат повисоките нивоа на менталот во arupa level и синестезичкото слевање во духот, за да се „слушне“ вибрацијата на боите и да се „видат“ звуците на емоциите и расположенијата (лајтмотивите во делото), вибрацијата на „првиот импулс“, креирањето психички слики, и, вознесувањето во хармониите на музиката е стремежот на Кандински, како и на мистичките струи.

„Сликата е како громогласен судир на различни светови, чија судбина е, во и низ својот конфликт, да го искреираат тој нов свет наречен дело. Технички, секое уметничко дело се создава на ист начин - низ катаклизма, која конечно, од какафонијата на различните инструменти, ја креира таа симфонија, која ја нарекуваме музика на сферите. Создавањето на уметничкото дело е создавање на нов свет“, вели Кандински во своите Реминисценции од 1913 година.

Кај Кандински, судирот, конфликтот, е како чистилиште низ кое треба да се помине, за да се роди новиот свет. Истото се забележува кај Франц Марк, кај кого прочистувањето е низ кристалната реалност на внатрешното битие, каде што, според него, духот е чист пред да се прекрши во материјалниот свет.

Во апстракцијата на Кандински очигледно е помирувањето низ конфликтот и воспоставувањето на гешталд еквилибриум. Така Апокалипсата или Потопот како почетна идеја-тема ја симболизира деструкцијата на стариот поглед кон светот, на стариот образец во сликањето (и образец во посматрањето), катастрофа од која што возникнува нова хармонија, неочекувано, со и во самиот процес на сликање, повторно и повторно „изненадувајќи“ го сликарот. Сликарството е автотерапија, а самиот креативен чин е чин на деконструкција/конструкција.

Според Кандински, човештвото е на прагот на „епохата на Големата Духовност“, за којашто сликарството, со своите нови знаци и симболи, го расчистува, пробива патот.

Во амбиентот на „Синиот Јавач“, заеднички за сите уметници бил искрениот стремеж кон духовното, возвишеното. Се разбира, не било неопходно да се биде апстрактен сликар, како што бил Кандински, за да се биде дел од тоа „случување“ наречено Синиот Јавач. Франц Марк е сликар во кој се проникнати духовно-апстрактните доживувања на стварноста низ органски форми - животните и природата (Рајот на земјата), сето тоа изразено многу интензивно, низ орфички чисти бои, „боите на внатрешната есенција“. Според Франц Марк, „тежнеењето кон неподелено битисување, ослободено од илузијата на нашиот ефемерен живот“ може да се реализира само „ако го сведам значењето на мојот живот на духовна димензија, духовна димензија која е независна од материјалното тело, т.е. апстракција.“

„Се обидувам да ја зголемам својата осетливост кон органскиот ритам на сите нешта, се обидувам да постигнам пантеистичко сочувство со пулсирањето на крвта во природата, во дрвјата, во животните, во воздухот - се обидувам тоа да го насликам преку нови движења на потезите и со бои кои 'го предизвикуваат старото штафелајско сликарство'“. (Ф.М.1910)

Органското и апстрактното како два пола во уметничкиот импулс (Worringer) се на еден многу страствен начин сплотени во делата на Франц Марк. Емпатијата во органското и уживањето во природата од една страна и стремежот кон апстракцијата како порив во изнаоѓањето на законитост-апсолутна форма низ која животот ќе се смири и ќе се исполни, од друга страна, се две линии кои може да имаат и движења во различна насока. Ако овие движења не се усогласат, често се случува внатрешен конфликт, како кај сликарот Франц Марк. Затоа тој во своите последни слики потполно се насочува кон апстрактната форма, но, и таму неговиот немирен дух не се смирува. Него го обземаат месијанските идеи за мисијата на уметникот, идеите дека чистата кристална слобода на духот може да се оствари само преку себежртвувањето. Фанатичното верување во новите сили, (сето тоа се поклопува со апокалиптичното време на Првата светска војна) на крајот и ќе го втурне директно во смрт...

Фанатизмот е точка на разидување меѓу Франц Марк и Пол Кле, до тогаш многу блиски пријатели. Додека Франц Марк се движи кон „ангажирано дејствување“, Пол Кле се повлекува во подлабока контемплација.

Екстремните услови за живот, војна или друга репресија, многу често се негативни стимули со позитивен ефект - нурнување во внатрешниот свет. Внатрешниот свет на Кле уште од неговите рани години се Музиката и Поезијата, но негов медиум, дефинитивно, е Сликарството.

Карактеристичен за Кле е долгиот пат на трудољубиво, трпеливо, систематско истражување и откривање на многубројни ликовни техники, начини, како таа Негова Внатрешна Музика и Поезија да ја направи видлива. А бидејќи во Сликарството бојата е чувството, моментот кога Кле ќе прокламира „Бојата и јас сме едно, јас сум сликар!“ е пробивот на содржините и енергијата кои подолго време буеле и созревале во него. Две работи го забрзале ова откритие: средбата со сликарството на Роберт Делоне (Robert Delaunay) и патувањето во Тунис, прочистените бои на Делоне и просторот полн со светлина на Северна Африка.²

Потоа сè се одвивало поедноставно, поетското сликарство на Кле било родено! Друга карактеристика кај Кле, би рекле, е психичкиот автоматизам. Меѓутоа, тука тој доста се разликува од психичкиот автоматизам на надреалистите и дадаистите, бидејќи произлегува од сосема различен центар (на перцепција). Психичкиот автоматизам кај Кле произлегува од духовниот центар во Срцето. Кле разви многу оригинален, уникатен, неповторлив стил до совршенство-отчукување-треперење на Духовното/Срцето, во секое негово дело. (Во поетско сликарство ги вбројувам и Ханс Арп и Хуан Миро.)

И Кандински и Франц Марк, Кле и Јавленски (Alexej von Jawlenski), Верефкин (Marianne von Werefkin), Аугуст Маке (August Macke), сите биле обземени од живите и чисти бои во сликите на Роберт Делоне. Тој бил дури и многу попопуларен во Германија отколку во Франција во тоа време!

Делоне го открива законот на симултаните контрасти, не толку благодарение на теоријата за боите на Мишел-Еуген Шеврол (Michel-Eugène Chevreul), колку на своите експерименти со призми, а уште повеќе студирајќи ги Сера (Seurat) и Сињак (Signac) и како континуитет на фасцинацијата од ефектите на светлината во сликарството на импресионистите. Тој е фасциниран и од футуристичката динамика на новото време. Поетот Аполинер го нарекол неговото сликарство орфизам, сугерирајќи врска меѓу бојата, светлината, музиката и поезијата.

Интуитивно следејќи ја традицијата на импресионистите, радоста на живеењето, јoie the vivre, Делоне конечно ја ослободува бојата од оковите на формата. Бојата во полн сјај зрачи со емоции. Во неговите слики бојата-светлина станува најнепосредна манифестација на моќта на душата, со што уметноста се востановува на нови духовни темели. Новите духовни темели се: играта - контрастот на чистите бои и транспарентните бои низ раскошот од градација на тонови, игра од која возникнува силна мистична енергија и чудесна хармонија. (Чувството е многу блиско на музиката на Дебиси и Скрјабин). Сето тоа, всушност, произлегува од орфејското радосно славење на музиката на Светлината.


„Спротивставеност и контрадикторност - ова е нашата хармонија. Композицијата врз основа на оваа хармонија е јукстапозиција на колористични и линеарни форми, кои имаат независно постоење како такво, и произлегуваат од внатрешната нужност, и кои креираат, во тој живот кој возникнува од тој извор, сè што се нарекува слика“ (Василиј Кандински, За духовното во сликарството), е опис на заедничкиот порив на уметниците кои биле здружени под името „Синиот Јавач“.

Се прашувам дали и денес важи овој слоган во ликовната уметност?

Дали денес, сто години после појавата на „Синиот Јавач“, имаме непречен духовен тек, непречена духовна инспирација во сликарството?

Дали денес можеме да ја слушнеме оваа музика во розово и сино, која Џорџија О’Кифи (Georgia O’Keefee) ја насликала во 1919-та година? Не мислам преку развивање на екстрасензорни способности или видовитост, туку со интерферирање на двете уметности!?³

__________________________________________

[1] Есејов е пишуван во 2012 година.

[2] Патувањата имаат многу значајно место во животот и во сликарството на Кле. Токму тие придонеле во збогатувањето на неговиот ликовен јазик со нови поетски елементи. Ова инспиративно патување во Тунис, а подоцна и тоа во Египет, имале ослободувачки ефект од јаремот на европоцентристичката култура, „мрзливоста на духот“; патувањата носеле импулс за избивање во нов простор, за излегување од клише и освежување...

[3] Од 1915 година, па сè до крајот на животот, на нејзиниот творечки пат, Џорџија О'Кифи постојано ќе ја придружува и ќе ја инспирира делото За духовното во уметноста на Василиј Кандински.

Слики:

1. Василиј Кандински, Мурнау - Пејзаж со црква II, 1910
2. Габриеле Мунтер, Вечер во Мурнау, 1908
3. Франц Марк, Форми во судир, 1914
4. Василиј Кандински, Композиција VI, 1913
5. Маријан вон Верефкин, Полициска станица Вилна, 1914
6. Франц Марк, Син коњ I, 1914
7. Пол Кле, Се нурнува во Бранот, 1928
8. Роберт Делоне, Симултани прозорци кон градот, 1912
9. Алексеј Јавленски, Мурнау, 1910
10. Аугуст Маке, Куќата на Хелес, 1914
11. Џорџија О'Кифи, Музика - Розово и Сино II, 1919

ОкоБоли главаВицФото