Промоција на книгата „Оди си! (осум писма до Никола Груевски)“ од Петар Гошев

23.09.2015 14:25
Промоција на книгата „Оди си! (осум писма до Никола Груевски)“ од Петар Гошев

На 28 септември (понеделник) во ГЕМ клубот (Стара чаршија, над Менада) во 18:30 часот ќе се одржи промоција на книгата „Оди си! (осум писма до Никола Груевски)“ од Петар Гошев, која неодамна ја објави издавачката куќа Темплум во едицијата Градот.

На промоцијата, со авторот ќе разговараат Бранимир Јовановиќ, Ида Протуѓер и Никола Гелевски.

Книгата е составена од осум поглавја т.е. писма упатени до Никола Груевски, а илустрирана е со слики од Свирачиња:

-Фотелјата не е поважна од човечкиот живот!
-Неуспешна „Преродба“
-Ревизија на создадената нација
-„Скопје 2014“
-Колонизација на умот
-Ја урниса економијата!
-Клучни факти за уништувањето на економијата
-Безусловно заминување

 

Извадоци од книгата:

 

Ти, Никола, ќе бидеш запаметен како најголем измамник, разгорувач на нетрпеливост и омраза меѓу граѓаните, подривач на темелите на државата, расипник на националното богатство и распродавач на суверенитетот на македонскиот народ.

*

24-часовното врескање за безбројните проекти, како производ, наводно на твојата непресушна имагинација, посветеност, неуморност, како и твоите седници на владата како театар на отворено кој требаше „да ја засени простотата“, треба да признаеме дека успеаја да излажат многу луѓе.

*

Го гледам тоа ново Скопје и си мислам: оној што го смислил би требало да се испрати на психијатриско вештачење.

*

Зошто ја грабна целата власт? И, покрај другото, лично посака да му го смениш, од темел, ликот на Скопје, кој знае по кој пат во неговата долга и драматична историја; да ставиш симболи на еден нов владетел; да нема ни трага ни глас од „комунистичко Скопје“. Да ја избришеш целокупната лична и колективна идентификација на многу генерации негови жители.

*

Им градиш споменици и музеи на оние што застанале на страната на фашизмот, а на оние против тоа зло одамна им се скратени, дали главите, дали труповите.

*

Бидејќи неукоста ти е огромна, опсесијата за власт патолошка, а од неодамна целата нација дозна колкава ти е и алчноста за лично богатење, ти не си способен да разбереш и прифатиш ниту едно елементарно предупредување од науката.

*

Целокупното твое „економско знаење се сведува на палирство, и тоа лошо. Значи, Никола, на чело на нашата економија, со тебе како премиер, всушност имаме еден лош, ужасно лош палир. А палирот е, сите знаат, раководител на една помала група градежни работници, кои изведуваат градежни работи, но со туѓи пари.

*

Потроши многу пари и енергија на патувања за да довлечкаш некој од белосветските хохштаплери во земјата: за да се фотографираш и пофалиш дека водиш успешна економска политика. Бездушно се вклучи да им помогнеш на богатите да станат уште побогати, а на нашите сиромашни да им ја заковаш судбината под нивото на потребите за преживување.

*

После сите твои видови злосторнички здружувања против државата, твојата политичка и човечка рехабилитација, Никола, е невозможна. Твојата политичка кариера, дефинитивно, е завршена.

*

Ти, најбесрамното, најлажливото, најлицемерното, најкорумпираното суштество што се појавило во македонската политика во последниве седумдесетина години, иако раскринкан, соголен до гола кожа, до последен момент не сакаш да ја прифатиш неизбежната оставка.