Ќелија со пет ѕвезди

24.09.2015 00:20
Ќелија со пет ѕвезди

Владата денеска - според рокот што ѝ го дадоа роднини на затворениците - треба да реши дали ќе распише референдум со кој ќе се измени Законот за амнестија и така ќе бидат ослободени сите кои „одлежале“ половина од казната затвор на која биле осудени. Повеќето од нив неправедно, тврдат роднините. Тие протестираа пред Собранието, а тоа го прифати нивното барање.

Состојбата во затворите одамна е повеќе од катастрофална. Условите за преживување, поточно за опстанок, во овие таканаречени казнено-поправни установи (домови?) се далеку полоши од оние надвор од нив. Овие неспорни оцени не се само на тие што се внатре или што имале можност да влезат на кратко, туку и на оние на кои власта не им дава ни да се приближат до бодликавата жица - Народниот правобранител, членови на Хелсиншкиот комитет, активистите за човекови прави и други заинтересирани. За волја на вистината, оваа влада секоја втора година им овозможуваше услови слободно, пред сите други, значи во сабота, да гласаат за неа.

Постојните десетина затвори одамна не се доволни да ги примат сите казнети. Во ќелиите има најмалку двојно повеќе луѓе од предвидениот капацитет (за нијанса подобро во споредба со исполнетоста на становите со гласачи од Пустец). Но, затворениците и роднини може да бидат оптимисти. Како што ќе напредува истрагата на специјалниот обвинител, така ќе расте и заинтересираноста на владата за модернизација на затворите.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња