Парламент на еврозоната

24.09.2015 15:16
Парламент на еврозоната

Интервју со Томас Пикети: за изненадувачкиот реизбор на Алексис Ципрас на грчките избори, за грчкото прашање воопшто и потребата од формирање на парламент на еврозоната.

Победата на Ципрас беше изненадување. Што значи тоа за Грција?

Во нормални околности би очекувавале одредена стабилност во текот на наредните години. Но, Грција и Европа треба да го надоместат изгубеното време. Досега Европа тврдоглаво ги одбиваше сериозните разговори за отпис на грчките долгови, што доведе до пад на минатогодишната владата на Самарас. Европа навести дека ќе размисли за отпишувањето на долгот кога Грција го балансира својот буџет со малиот примарен суфицит – повисоки владини приходи од расходи, не сметајќи ги каматите за отплата на долговите. Но, кога Грција побара помош во декември 2014 година, Европа ги одби. Таа одлука го доведе Ципрас на власт. Во меѓувреме ништо не се промени, бидејќи Европа одби да ги започне преговорите за долгот во периодот јануари – јули 2015 година. Сега е септември, а новите пакети за помош за кои се дискутираше за време на летот, дополнително го одложија почетокот на преговорите. Доколку Европа и понатаму продолжи да инсистира на отплата на целокупниот долг, ќе дојде до нова криза, а проблемите ќе останат.

Зошто мора да се промени начинот на преговарање меѓу Европа и Грција?

Европа има и други проблеми: мигрантската криза и општата економска ситуација. Европа, Германија и Франција не можат да опстанат во состојба на постојана криза. Европејците мора да се приспособат на својата позиција. За да биде тоа можно, Франција мора да покаже многу поголема храброст, а тоа важи и за другите. Можеби изборите во Шпанија кон крајот на оваа година ќе донесат промени. Комбинацијата од сите овие елементи може да влијае на европската политика во однос на Грција.

Кои би требало да бидат економските приоритети на Ципрас?

Модернизацијата на даночниот систем е од суштинско значење. Тој мора да биде поправеден и поефикасен. Но, тоа може да се постигне само со соработка со Европа, под услов таа да понуди позитивен пример. Да се потсетиме дека големите компании во Европа плаќаат помал данок од малите и средни претпријатија. Тоа е затоа што владите се обидуваат да ги добијат најповолните услови за своите национални компании, а да не зборуваме на Европската комисија и нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер, кој како премиерот на Луксембург, потпиша договори со мултинационалните корпорации на кои тие им плаќаат данок од 1 до 2% . Европа не може да дели совети додека самата ја избегнува фискалната транспарентност. Суштината на сегашниот систем е дека германските и француските банки со задоволство ги чуваат парите на богатите Грци.

Што би требало да направи францускиот претседател во врска со Грција?

Оланд ова лето даде неколку предлози за демократизација на еврозоната. Еден од нив е и основање на парламент на еврозоната во кој би имало претставници на земјите членки. Но, сето тоа е премногу претпазливо и нејасно. Ако има намера да добие и втор мандат, но пред сè, да ја унапреди ефикасноста на еврозоната, Оланд треба да излезе со прецизни и јасни предлози. Верувам дека би направиле договор за олеснување на политиките за штедење во Грција и дека би дошле до подобри решенија во јавната и демократска дебата во парламентарната еврозона составена од претставници на земјите членки. 

Проблемот е во тоа што со еврозоната моментално управуваат технократи. Лидерите на земјите членки се состануваат зад затворени врати и изнесуваат неверојатни предлози среде ноќ, како што се приватизација на грчката државна сопственост во износ од 50 милијарди долари, и покрај тоа што секој знае дека ова ќе се претвори во распродажба под цена. За ниту една економија не е добро да го продава имотот под вакви услови. Сето ова се случува без правна рамка и преиспитување на мотивите за донесување на одлуки. Тоа мора да престане. Потребен ни е нов почеток со транспарентен парламент на еврозоната. Она што сега е важно е дека Франција, заедно со сите земји кои сакаат промени, претстави конкретна низа предлози за демократска реформа на еврозоната.

Дали сè уште стравуваме од Грексит?

Да. Постои ризик дека ако се продолжи со одложувањето на преговорите за реструктуирање на грчкиот долг, за две или три години ќе стане јасно дека Грција повторно не може да ги исполни барањата на новиот пакет помош. Бидејќи од Грција се очекува да го одржува големиот примарен суфицит во наредните 20 до 30 години и поголемиот дел од тие пари да го употреби за отплата на долговите. Како тоа да им се објасни на младите луѓе во Грција? Би било поодговорно доколку примарниот буџетски суфицит го поврзевме со годишниот раст на грчката економија. Тоа решение би било помалку брутално. Загрижен сум бидејќи некои луѓе ќе продолжат да инсистираат на Грексит, поставувајќи неразумни цели кои Грција не може да ги исполни, туркајќи ја на тој начин кон излезот од еврозоната. Тоа е многу ризично. Затоа нам ни се потребни конкретни и реални цели.

Извор: The Conversation, 21.09.2015.

ОкоБоли главаВицФото