Џејмс Џојс: Панк на книжевен начин

25.09.2015 10:25
Панк на книжевен начин

Во еден језуитски колеџ, 1893 година, младиот Џејмс Џојс бил повикан на разговор со управникот во четири очи. Разговорот се однесувал на неговиот иден повик. Му нуделе да стане свештеник. За сиромашно момче од нестабилно семејство, какво што било семејството на Џојс, ваквиот повик требало да значи голема чест. Чест која во никој случај не требало да се одбие. Управникот зборувал дека ниеден владетел на светот нема моќ каква што има свештеникот, а целата приказна му делувала примамливо на младото момче. Сè додека ненадејно не ја здогледал следната сцена.

„Кон Финдлетеровата црква чекореа четири момчиња, држејќи се под рака, ги нишаа главите и одеа во ритамот на полетната мелодија која нивниот водач ја свиреше на хармоника. Таа музика за момент пролета по сонувачкото ткиво на неговата свест, како што секогаш бидува со првите тактови на неочекуваната музика, и го растопи безболно и бесшумно како што ненадејниот бран ги распаѓа детските топчиња направени од песок. Насмевнувајќи се заради таа испрекината мелодија, тој го подигна погледот кон лицето на свештеникот и, гледајќи ја на него невеселата рефлексија на залезот на денот, полека ја повлече својата рака која неодлучно му се предаваше на тоа братство.“

Овој краток опис со сосема неочекуван пресврт кој ќе го промени животот на Џојс и ќе му даде нов правец, писателот го дал во својот речиси автобиографски роман „Портретот на уметникот во младоста“. Стивен Дедалус (јунакот од романот, а истовремено и псевдонимот на Џојс во време на објавувањето на „Даблинци“), е збунето момче кое дотогаш сонувало само за свештеничкиот повик и за привилегиите што тој ги донесува. Но, како што вообичаено се случува со најсилните желби и цврстите одлуки, на некој начин животот се поигрува и посочува на морето други можности кои дотогаш не сме ги виделе. Така е и со самиот Џојс, ненадејно поттикнат од неочекуваната музика, сфатил кој е неговиот вистински повик. Дека тоа не е она што го пружа студената рака на свештеникот, туку повикот на музата Еутерпа во облик на испрекината мелодија со армоника.

Шест и половина или триесет минути до седум?

Сите, се разбира, знаат колкаво е влијанието на Џејмс Џојс во модерната книжевност и колку неговите дела се омилени дури и денес. Но, не е толку познато дека Џојс покрај својата неспорна книжевна надареност, негувал уште една голема љубов (не само онаа познатата кон Нора Барнакл): негувал љубов кон музиката. Затоа неуморно ќе ја вткајува во сржта на секое свое дело, а порвемено и ќе се занимава со неа.

Младиот Џејмс потекнувал од големо, но според приходите, скромно ирско семејство. Како што изминувало времето, семејството Џојс се селело во сè посиромашните квартови на Даблин носејќи сè помалку предмети со себе. Неколкупати биле на раб на гладување. Џејмс бил најстариот од своите десет браќа и сестри. Одел во отмени школи, иако семејството било мошне сиромашно и бил запишан и во језуитскиот колеџ. Таму се одиграла горенаведената случка. Бил најмладиот ученик во класот и сè уште се прераскажува анегдотата за тоа дека на прашањата од постарите во школото колку години има, збунетото момче одговорило: „Шест и половина“, веројатно правејќи аналогија помеѓу изминувањето на времето на часовникот и годината која ја живеел. Тој одговор му останал како прекар за време на целото школување.

Илустрација: Рој Волис

Бидејќи ја избегнал можноста да стане свештеник, Џојс се запишал на модерни јазици 1898 година и најмногу се занимавал со италијанскиот, англискиот и францускиот. Станал забележан во книжевните и театарските кругови во Даблин.

Тенор и ред во реченицата

Но, зошто токму таинствената музика успеала младиот Стивен (односно Џејмс) да го одвои од бога и да го приближи кон уметноста? Изгледа дека за Џојс музиката била најчистата форма на уметност која успева, дури и кога е спакувана во неколку прозаични тактови, да ја оживее и разгали душата на човекот и потполно да го воведе во поживписна реалност. Самиот Џојс бил голем љубител на музиката. Младото момче кое се плашело од кучиња и грмотевици, по смртта на мајката и пропивањето на татка си се издржувал себеси и своето сиромашно семејство држејќи часови по јазици и пеење. Бил надарен тенор, дури освоил бронзен медал на годишниот музички фестивал „Феис Цеоил“. Во дваесет и втората година настапил заедно со познатиот оперски пејач Џон Мекормак, а кога веќе се остварил како книжевник, го промовирал и му помагал на младиот ирски тенор Џон Саливан. Еднаш, на крајот на настапот на Саливан, станал во преполната сала и воодушевено аплаудирајќи извикнал: „Ти благодарам, Боже, за ова чудо. По дваесет години повторно ја гледам светлината.“

Покрај Ирска и Ирците, во делата на Џојс како мисла водилка се провлекува музиката од најразлични жанрови. Првата збирка песни што ја објавил се вика, нималку случајно, „Камерна музика“. Сите песни се мошне певливи и звучни, па често за повеќето од нив била компонирана и музичка придружба.

„Финегановото бдеење“, последната книга на Џојс, е полна со лирски музикални делови. Бидејќи е крајно нејасна и тешко разбирлива, советот кој го дава самиот автор за толкување на делото е: „Кога не си сигурен, читај на глас... и тоа со даблински акцент!“, покажувајчи на овој начин колку посветува на звучноста на самиот јазик.

Ликовите од збирката приказни „Даблинци“ и често расправаат за тогашната музичка сцена и за оперите. А едно цело поглавје во „Улис“, смислено наречено „Сирени“, ја компонирал како фуга и е посветено на музиката. Во тоа поглавје дури и главниот јунак, Леополд Блум, на комичен начин станува музички инструмент!

Една животна прилика добро ја опишува опседнатоста на Џојс со музикалноста и звукот на самата реченица. Имено, додека еднаш во Цирих шетал низ парк со повеќегодишниот пријател Френк Баџен, започнале разговор за „Улис“ на која работел писателот во тоа време. Френк го прашал Џејмс како напредува романот, а овој вратил дека е многу задоволен со денешниот работен учинок, бидејќи поминал цел ден работејќи. Френк и понатаму го интересирало колку страници напишал, на што Џојс одговорил: „Две реченици!“ Вчудоневидениот пријател понатаму испитувал дали е така затоа што не можел да ги најде вистинските зборови. „Не, веќе ги имам зборовите“, одговорил авторот. „Она по што трагам е совршен ред на зборовите во реченицата. Мислам дека го најдов.“

Уште како момче Џојс ги открил благотворните дејства на музиката и особината најлошиот страв да може да го преобрати во фина мелодија и така да го истера. Во „Портрет“, писателот се сеќава на настан од раното детство кога како многу мало момче изјавил дека се заљубил во ќерката на соседот, но таа била протестантка и затоа била неприфатлива за неговото католичко семејство. Тогаш тетката Данте (како што се вика во романот) му се заканила дека мора да се извини заради таквата љубов! Во спротивно ќе дојдат орлите и ќе му ги ископаат очите! Оваа епизода книжевникот Џојс ја претвора во песничка, за да може детски да го отргне стравот од суровата казна:

„Очите ќе му ги ископа, тој мора да се извини, тој мора да се извини, очите ќе му ги ископа.“ Но, честите операции на очите во последно време и, најпосле, речиси целосното губење на видот, како да покажуваат дека луцидниот писател никогаш навистина не се извинил за своите престапи против конзервативното и соблазнувачко ирско општество.

Опеван и после смртта

Сега, делото на Џојс служи како инспирација за многу современи уметници. А, тоа не е ни чудо бидејќи, како во книжевноста така и во музиката, бил визионер: уште во 1915 година, воден од уметичкиот нагон, пред еден близок пријател, на акустична гитара отсвирел нешто што седумдесетина години подоцна ќе биде познато како панк рок. Шокираниот пријател не знаел дека жестоката мелодија пророчки покажувала кон иднината, па само ја презрел.

Бери Мур, земјак на Џојс и кантри рок пејач, го преземал презимето од Леополд Блум и се нарекол Лука Блум. „Jefferson Airplane“ кои настапувале уште на Вудсток и го лансирале денес познатиот сингл „Somebody to love“, како инспирација ја користеле „Улис“ за својата песна „Rejoyce“. Лу Рид во својата песна „My House“ директно посочува кон „Улис“ користејќи ги имињата на главните ликови. Ван Морисон, уште еден земјак на Џојс, се поистоветува со книжевникот во песната „Too long in exile“ каде се споредува себеси и писателот кој повеќе од половина живот го поминал надвор од Ирска.

Многу мјузикли обработуваат теми од неговите приказни или животот. Дури се продаваат и дискови со музиката која Џојс ја споменувал во своите дела или која се создала со препевање на збирки песни. Еден од најпознатите мјузикли е „Мртви“, наречен според приказна од „Даблинци“. Во него играат познатиот Кристофер Вокен и Габриела Конрој. Сценариото го напиша Ричард Нилсон, познат по адаптациите на класиката, и во 2000 година беше награден за ова дело.

Изгледа дека неверојатниот талент на ирскиот тенор книжевник и понатаму ги возбудува срцата не само на љубителите на книжевноста, туку у на оние кои творат и ја сакаат музиката. Веројатно заради тоа што генијалноста не може да се заузди во рамки на еден медиум, туку сама како водата бара сопствени чудни патишта. Па, така и музикалноста или музикалната генијалност на делото на Џојс во своите чудни патеки започна нови текови неочекувна музика за некои нови Дедалуси.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs