1003 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 23:59
Пол Фор
ЌОРАТА МАЧКА
Жената заминала да собира морска трева, мажот е испратен на сургун во Гијана. И малата куќичка е сама по цел ден.
Сама? Но низ зелените капаци се гледа како во темнината светка нешто како една единствена капка на морето.
Кога робијата му е наменета на човекот, морето на жената, тогаш на ќората мачка ѝ е наменето да ја чува малата куќичка по цел ден.
Жил Лафорг
КРАЈ НА ДЕНОТ ВО ПРОВИНЦИЈА
Минува еден крај на денот во провинција.
Градот е сивкав, со грижливо подредена калдрма, спокоен.
Прозорецот на хотелот гледа кон големиот плоштад. Гледам како се крева глупавата Месечина таму долу, осветлувајќи го со предумисла овој град, како да сака да ме убеди дека тој навистина постои и покрај сета негова безначајност.
Еден градски службеник задолжен за палење на гасни светилки минува, носејќи во рацете бебе и следен од куче што има изглед како да свикнало на сè и кое ја душка калдрмата како да обновува мошне стари познанства.
Гасната светилка не сака да се запали.
Веднаш, двајца, петмина, шестмина луѓе се собираат наоколу и даваат разни претпоставки; светилката се пали, луѓето констатираат дека се запалила и се оддалечуваат со бавен чекор. Само еден останува. Тој ја гледа една минута светилката, потоа заминува.
Ох, да се живее во едно вакво јато на мекотели!
Да се умре!... да се умре.
А Месечината тука е иста како во Париз, како над Мисисипи, како во Бомбај.
Шарл Крос
ПИЈАНО-БРОД
Бродот лета со блескава брзина низ океанот на фантазијата.
Него го движат силните замави на веслачите, робови од разни измислени раси.
Измислени, бидејќи нивните профили се секогаш неочекувани и бидејќи кожата на нивните голи тела носи бои што се ретки или невозможни кај расите што ги знаеме.
Ги има зелени, сини, јарко црвени, портокалови, жолти, румени, како на египетските ѕидни слики.
Среде бродот има една поткрената сцена а на таа сцена мошне издолжено пијано.
Една жена, Кралицата на измислиците, седи наведната врз неговите типки. Под нејзините розови прсти инструментот испушта моќни и кадифени тонови што се посилни од шепотењата на брановите и од силното дишење на веслачите.
Океанот на фантазијата е скротен, ниту еден бран не се осмелува да плисне врз пијаното, ремек-дело на мајсторството, изработено од блескаво палисандрово дрво, ниту да го накваси филцот на чеканчињата или да го рѓоса челикот на жиците.
Симфонијата им го кажува патот на веслачите и на кормиларот.
Кој пат? И во кој пристан тој води? Веслачите ништо не знаат за тоа, ниту пак кормиларот. Но тие постојано одат напред по океанот на фантазијата и секој миг се сè посмели.
Да се плови, напред, напред! Кралицата на измислиците го вели тоа со својата симфонија што е без крај. Секој изминат километар е освоен простор на среќата, бидејќи тој значи доближување кон врвната и неискажлива цел, макар таа да е скриена во недосегливиот бескрај.
Напред, напред, напред!
Пјер Мак Орлан
РИНГИШПИЛ СО АВИОНИ
Некаде кон средината на 1906 година, на панаѓурот што се одржа на Монмартр, Гијом Аполинер, Салмон, Жак Вајан , Жилиен Кале и јас се качивме врз еден рингишпил со авиони-еднокрилци за на тој начин да учествуваме во прогресот, останувајќи сепак врзани за почвата со книжевната традиција и со запчаникот на вртелешката.
Бидејќи бевме богати и благонаклони по природа, ние фрлавме во толпата што викаше „Божиќ“ запалени цигари, лушпи од банани, веќе исцицани портокали и топки од билјард.
Ангелската музика нè одвлекуваше во својата вртоглавица а авионите се вртеа како краишта од здолништето на некоја танчерка.
Требаше на крајот, да слеземе.
И оттогаш јас си купив една вештачка вилица, две дрвени патерици и една доста незабележлива перика. Во тоа време ние знаевме да собираме спомени.
Слики: Рене Магрит
Превод: Влада Урошевиќ
Белешки за писателите:
Пол Фор (1872-1960). Поет кој се обидел да создаде нешто помеѓу поезија и проза, внесувајќи во своите песни во проза еден вид римување. Неговото поетско дело е собрано под наслов „Француски балади“, а неговото драмско дело под наслов „Француски хроники“.
Жил Лафорг (1860-1887). Поет кој ќе влијае врз цела една линија на сензибилитетот во француската поезија. Неговиот хумор на „сентиментален метафизичар“ ќе биде поттик за настанувањето на некои одлики во творештвото на Жари, Фарг, Жакоб, Кокто... Автор на збирките „Тажаленки“, „Липотот на земјата“, „Самовилски собир“.
Пјер Мак Орлан (1882-1970). Поет, романсиер, сликар. Пред Првата светска војна ќе биде придружник на учесниците во авангардните движења во литературата и сликарството. Потоа ќе се сврти кон продукција на еден вид авантуристички романи: „Пиратите од Авенијата на румот“, „Пристанот во мртвите води“, „Кејот на магли“. Неговата поезија е собрана во книга под наслов „Комплетна документарна поезија“.
Шарл Крос (1842-1888). Освен како поет, Крос е значаен и како научник: според многу извори, тој ќе го открие грамофонот пред Едисон, а телефонот пред Бел, но неговите пронајдоци нема навреме да бидат забележани. Исто така, работел врз решавањето на проблемот на фотографија во боја. Неговата збирка песни „Ковчеже од сандалово дрво“ содржи некоку песни во проза. Посмртно му е издадена збирката „Ѓердан од канџи“.
Белешка за сликарот:
Рене Магрит (1898-1967) е белгиски надреалистички сликар. Во неговите дела често се среќаваат секојдневните предмети, но ставени во необичен контекст. Иако сликите на Магрит несомнено можат да се стават под „чадорот“ на надреализмот, тој формално не бил дел од движењето и не одржувал врски со париската централа. Магрит е еден од највлијателните сликари на XX век, голем број негови слики и денес уживаат огромна слава, а влијанието на овој сликар е присутно и во поп-културата.