Милиони се еден, еден е милиони

26.09.2015 15:19
„Милиони се еден, еден е милиони“

Младата фотографка Ања Или Ева (23) си игра со современите дискурси на фотографијата, надоврзувајќи се на оставштината на концептуалната уметност. Преку своите дигитални фотографии поставува интригантни прашања што директно или индиректно го засегаат секој поединец.

Изложбата/перформансот „Милиони се еден, еден е милиони“ со кој таа неодамна се претстави на мултимедијалниот уметнички фестивал „Бош“ во Гевгелија, е реакција на големиот број сообраќајни несреќи и смртни случаи предизвикани од несовесните возачи во Македонија, најмногу во Скопје.

Сметајќи дека апатичноста или згрозеноста не се решение за суровиот дел од реалноста која нè опкружува, Ања Или Ева со „прикажување извадоци“ од несреќите се труди да ја подигне свеста на учесниците во сообраќајот.

Фотографиите и перформансот на Ања Или Ева создаваат ефект на една специфична убавина што коегзистира со грдото. Набљудувачот се запознава со грдото во овие фотографии, не за да може да го одбегне, како што обично минувачот го свртува погледот од таквите грозни глетки, туку за да се соочи со него. Овие фотографии извираат од токму меѓупросторот на убавото и грдото и непрекинато ги повикуваат другите да ги побараат своите меѓупростори и барем за момент оттаму да ги погледнат нештата, за да видат една поинаква и поширока слика која има моќ да ја подигне свеста на повисоко ниво.


Во овој случај, од меѓупросторите на Ања Или Ева, до гледачот стигнуваат конкретни прашања:

Дали заборавивме на 20-годишната Фросина, студентка од Крива Паланка, која беше прегазена со брзина од 160 километри на час на булеварот Партизански одреди? Дали заборавивме на новинарката Сузана Тодоровска Павловска, усмртена од удар на автомобил до Т.Ц. Зебра од пијан возач? Дали ќе заборавиме на 13-годишното дете кое на 18.09. 2015 година загина на улица Илинденска?

Дали не треба да нè боли нивната смрт затоа што не е наша, дали само треба да го свртиме погледот од грозната глетка?

 Фотографии од изложбата/перформансот на фестивалот „Бош“, на  фотографката Leni Von Geleva:

Слични содржини

Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Уметност
Фотографија / Уметност
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото