Кризирајте со Коза ностра!

27.09.2015 05:01
Коза ностра:

Сатиричната интернет страница Коза ностра за релативно кратко време стекна голема популарност меѓу читателите. На 1 август, во печатена форма, излезе специјален илинденски број, а минатиот четврток (24 септември), излезе и првиот печатен број на Коза ностра, кој понатаму редовно ќе се објавува како неделник, и ќе биде достапен за џабалак, т.е. 30 денари. По тој повод, разговараме со Ѕвездан Георгиевски и Сашо Кокаланов, уредници на Коза ностра.

 

Во време кога печатените медиуми се во криза, на светско ниво, а богами и во Македонија, што ве натера да се впуштите во авантура од тој тип?

КН: Коза ностра секогаш најдобро работи во криза. Всушност, нашата идеолошка матрица е содржана во слоганот „Кризирајте со Коза ностра“. Одлуката да се обидеме и во традиционалните медиуми има свое оправдување и во нашата перманентна посветеност за зачувување на традиционалните вредности на нашата татковина. Во таа смисла размислуваме да се обидеме да издаваме весник и со писмото од Каменот од Розета. Море, да го издадеме и самиот Камен од Розета. Ако и тогаш немаме некои посериозен успех, ќе го примениме Планот Б и ќе ги удираме луѓето со традиционални македонски цигли по глава. Белким, тогаш работите ќе станат појасни.

Се плашите ли од конкуренцијата на „сериозните“ вести, кои овде многу често се полуди од измислените? Како да се пародира реалност која е толку „отшрафена“ сама по себе?

КН: Ако добро ја изанализирате уредувачката политика на Коза ностра, тогаш ќе сфатите дека станува збор за мошне сериозен концепт, кој има идеја на демосот да му објасни дека сè што ќе видат или прочитаат не мора да биде точно. Поточно дека не е точно. Во таа смисла, бројната конкуренција делува благопријатно на квалитетот на нашиот медиум. Што се однесува до прашањето на пародирањето на реалноста, ние всушност ништо и не пародираме, само ја отсликуваме стварноста околу нас. Како што сега стојат работите, за Коза ностра нема зима.

Првиот број на Коза ностра го уредува специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Зошто изборот падна баш на неа? Не беше поисплатливо да се земе некој веќе докажан, на пример, Мартин Протуѓер или некој кадар од тој тип?

КН: Малку нè затекнавте со ова прашање. Мартин Протуѓер? Кој? Се обидовме да го пронајдеме ова име во политичките лексикони и историски читанки, но без поголем успех, освен само една нотичка дека станува збор за шеф на кабинет кој работел и живеел во времето на пејачот Владо Јаневски. Што се однесува до нашата главна уредничка, дефинитивно сме задоволни од соработката и се надеваме дека таа и натаму ќе продолжи на обострана полза, нејзина, наша и на нашите политичари.

Во интервју за СПФМ велите дека вашата цел е со помош на насилство и уцени врз премиерот да ја урнете оваа и секоја следна влада. Ако не е деловна тајна, до каде е работата? Уште колку остана за разнебитување?

КН: Сервисот за проверка на факти од медиумите (СПФМ) ни вети дека ќе ги провери фактите околу процесот на уривањето на актуелната влада. Во суштината, мисијата на Коза ностра не е Владата да се урне, туку таа да се урива. Ние уривањето го третираме како непрекинат процес, кој континуирано тече. Со други зборови, Коза ностра е лидер во регионот во уривањето што тече. И низ ногавици. И низ улици.

Страниците за култура се речиси прогонети од македонските дневни, па и неделни весници (чест на исклучоците). Но, Коза ностра е прилично великодушна кога станува збор за прилозите за култура. Дали со овој потег им удирате чврга на уредниците на дневните весници кои ги полнат изданијата со таблоидни вести за разголени старлети и слични прилози?

КН: Тоа е уште една мимикрија на Коза ностра. Ние, всушност, најмногу од сè сакаме да читаме за животот и делото на старлетите, а особено за нивните достигнување. Пиење кафе и читање таблоиди е утринска молитва на секој цивилизиран човек. Во таа смисла, не само што не им удираме чврги на главните уредници, туку напротив, апсолутно ги поддржуваме во нивните просветителски и едукативни напори. Зошто тогаш се занимаваме со култура и творештво? Токму затоа што не ги поседуваме квалитетите на колегите кои одлично си ја вршат својата работа.

За разлика од пара вестите од областа на политиката, статиите од културата кај вас се „стрејт“. Зарем не мислите дека културњаците (повторно, чест на исклучоците) потфрлија колку и политичарите? Не заслужуваат ли и тие да бидат јунаци во пара вестите на Коза ностра?

КН: Културата и творештвото во Македонија се сведуваат на една проста, вулгарна и полуписмена шега, која нема никакво влијание врз било чии животи. Во согласност со нашата уредувачка политика, сметаме дека, како што велите, „стрејт“ третманот на овие области всушност е најголема заебанција што можеме да ја направиме со нив.

На порталот Окно имаме позитивно искуство од соработката со Странски служби. Гледаме дека и Коза ностра се занимава со слични предавнички активности, во соработка со истиот центар. Како одеше процесот на лепење, сечење, креирање и монтирање?

КН: Па, прилично лепливо, креативно, малку сечено и дефинитивно монтирано. Моравме да прегледаме околу 600.000 фотографии, па сега и не сме сигурни дали сме ние Странски служби, а тие Коза ностра. Ама ќе ја залепиме некако.

Сега публиката е прилично добро информирана дека статиите на Коза ностра се сатирични. Дали на почетоците доаѓаше до забуна, па некои читатели веруваа дека измислените вести се реални? Имате ли сознанија за такви случаи со некоја статија?

КН: Не. Ако и некој читател изреагирал на некоја сатирична вест како да е вистинска, не сме сигурни дека и тој не нè „нострирал“ нас, како што ние го „нострираме“ него. Убавината е токму во тој процес на двострано „нострирање“. Повеќе би рекле дека до забуна доаѓаше и доаѓа во обратната насока. Кога читателите ги читаат „сериозните вести“, делуваат збунето и често ги мешаат со Коза ностра.

Дали интимно посакувате во Македонија да дојде време кога Коза ностра ќе остане без работа?

КН: Не. Зошто би посакувале таква работа. Коза ностра всушност е народно и граѓанско движење, со тенденција да прерасне во политичка партија која ќе се бори за една медиокритетска диктатура, ама мека – без ќотек. Тоа е нашето природно место за егзистенција кое ни гарантира сигурен развој и банкарска сметка на Белизе.

Додека да дојдат такви времиња, ви посакуваме успешно работење и уште неколку дополнителни нули во тиражот.