Куќа на фашизмот во центарот на Скопје

28.09.2015 00:44
Куќа на фашизмот во центарот на Скопје

Зборував летоска со еден мој драг колега, италијански архитект, веднаш по неговото разгледување на центарот на нашата престолнина. Беше шокиран од она што го виде и, кутриот, имаше вистински душевни проблеми да ми ги раскаже неговите импресии. Она што најмногу го изненади беше бруталната очигледност на духот на фашизмот што е вграден во сите псевдокласични објекти, фасади и споменици во скопскиот центар. Испадна дека најболната повреда на култивираното архитектонско око и префинет вкус на колегата му беше нанесена од несомерливата диспропорција помеѓу важноста и големината на објектите, и неверојатниот дилетантизам, невкус и незнаење со коишто се изградени. Но, сепак, најголемиот ужас му го приреди седиштето или главниот штаб на владеjачката партија ВМРО-ДПМНЕ: „Па, вие сте единствената земја во светот што по историската победа над фашизмот имате новоизградена и активна casa del fascio!?“ – ми рече со возбуден глас. И, навистина, пријателот ми ги отвори очите. Иако веќе деветта година предупрeдувам дека архитектонските „дела“ на Груевски се јасни симболи на фашизмот во Македонија, поради долгото време во коешто тој фашизам се самореализира без какви било пречки, прекинав да ги следам професионалните успеси на Главниот Македонски Архитект, па не ја ни забележав единствената новоизградена „куќа на фашизмот“ во светот.

Инаку, casa del fascio – куќа на фашизмот, е вообичаениот назив за штабовите на фашистичката партија на Италија што нејзиниот лидер Бенито Мусолини ги градеше во сите главни административни и регионални центри во земјата. Зошто е оваа заборавена историја интересна за нас, жителите на библиската земја во 21-иот век? Па, затоа што се работи токму за истиот манир на узурпирање на градските простори и злоупотреба на архитектурата во партиски цели, што го практикуваат Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во изминатите девет години! Истиот фашистички начин на силување на јавните простори, што е „крунисан“ со изградбата на нивниот главен партиски штаб, начин што е практично измислен токму од Мусолини, уште во дваесеттите години од минатиот век! Фашистичката партија на Мусолини е практично првата модерна тоталитаристичка партија што ја препозна моќта на архитектурата и нејзиниот симболички потенцијал да влијае на сите жители, за „да го обликува карактерот, навиките и однесувањето на италијанските граѓани“. Изборот на локациите за изградба на партиските згради во италијанските урбани центри беше секогаш во тесниот центар на градот, на некој од плоштадите што доминира во урбаното ткиво, на ист начин како што тоа векови порано го правеше Католичката црква со своите катедрали. Всушност, функцијата на овие партиски згради не беше само организациска, туку пред сè симболичка, зашто требаше да ја одразува моќта, стабилноста и вечноста на фашистичката власт, и конечно, да ја обезбеди симболичката поврзаност на партијата со славното национално минато од пред илјади години. Поради тоа, во оските на плоштадите, пред влезовите на штабските згради, секогаш се поставуваа споменици, најчесто со столбни постаменти, за да постигнат сугестивен вертикален акцент со кој симболички се поврзува моќта на партијата со славното минато на нацијата. Се разбира, влезните партии на партиските згради морале да бидат силно украсени со столбови и со централно поставен балкон на вториот спрат. До детаљ како што е изградена партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ!

И да не се осврнеме на ниту еден друг пример од огромниот државно-мафијашки криминал што Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ го извршија злоупотребувајќи ја власта, значи, ако ја проценуваме криминалната, политичката и културната штета само од нивната ужасна партиска зграда, ќе биде доволно да заклучиме дека куќа на фашизмот можеше да изгради само фашистичка партија во политичко-правен амбиент на еднопартиска тоталитаристичка власт. А, плитките и малоумни лаги за „законитоста“ на градбата која за свои потреби ја изградил „еден приватен крупен капиталист и неговата градежна фирма“, а недолжните кутраци од ДПМНЕ само добиле процент од изградената површина на објектот за своите партиски простории, можат да се употребат само како душевна храна за ментално ретардираните вмровски фанови. Зашто, врската помеѓу семоќната партија и крупниот капитал е фундаментална за сите фашизми, па како непосредна аналогија можам да ја наведам и пpвата вистинска „куќа на фашизмот“ – главниот штаб на фашистите во Милано – што за Мусолини ја изградил богатиот индустријалец Ернесто Белони, кој финансиски ја поддржувал партијата во духот на тивката меѓусебна лојалност и заеднички лукративен интерес.

Ќе речете: па, тоа е само еден од многуте архитектонски злочини на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, и само една кражба од многуте. Точно, но симболичката катаклизма што ја предизвикува оваа злоупотреба на власта е толку разорна за општествено-политичкиот амбиент на библиската земја, што заслужува посебно внимание. Во прашање не е само тоа што партијата на власт неуставно ги менувала урбанистичкиот план и законот за градежно земјиште само за да го украде од градот и од народот македонски земјиштето во центарот на престолнината, за потоа да го изгради својот партиски штаб од јавни народни пари што се украдени и испрани низ „проектот Скопје 2014“, туку што партијата што упорно се прикрива зад лажната демократска реторика „без око да ѝ трепне“ поставува партиски споменик со украдениот „разјарен лав“ на јавен градски простор, не плашејќи се воопшто дека кој било во земјата ќе приговори на таквото тоталитаристичко изживување?!

Останува фактот, почитувани читатели, дека оваа одвратна зграда е најдиректниот симбол на тоталитаристичката општествено-политичка стварност во која умира македонската државна и културна посебност. Таа го симболизира ужасниот регрес, историското салто мортале, што на библиската земја ѝ го приредија, по 25 години самостојност, Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Од еднопартиска држава – каква што беше Македонија по своето раѓање – влеговме во плуралистичка, либерална и капиталистичка авантура, за на крајот да завршиме како еднопартиска фашистичка диктатура?! Кој срам и мизерија?! Но, не смееме да заборавиме – кога веќе го спомнавме четврт вековниот салто мортале – дека Груевски не нè врати 25 години наназад, туку повеќе од 70 години - во преднаталната фаза на македонската држава, во времето на фашизмот. Од друга страна, може да се рече дека СКМ, единствената партија на власт на почетокот на државната независност на Македонија, беше можеби милион пати подемократска партија од ВМРО-ДПМНЕ, зашто таа своеволно и мирно отстапи од власта и ја подготви и изведе македонската плуралистичка револуција од деведесеттите, додека Груевски и неговите фашисти ги укинаа плодовите од таа демократизација и воведоа еднопартиска диктатура каква што комунистите немаа инсталирано ниту во годините по Втората светска војна, кога екотот од пукотниците уште не бил стивнат. И, уште, да не биде заборавено дека Сојузот на комунистите самоиницијативно ѝ ги предаде своите згради на македонската држава, додека ВМРО-ДПМНЕ го чини токму обратното: како и секоја фашистичка партија, таа ги отуѓува од државата и од народот нивните блага и ги приватизира, претворајќи ги – како што си мислеа и Хитлер и Мусолини – во свој имот во веки веков. Затоа, света должност на Македонците е – кога ќе го соборат груевизмот - да не заборават да ѝ го вратат украденото на силуваната татковина и темелно и бескомпромисно да ја обеспоганат престолнината од спомениците на фашизмот.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото