1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Terminator 2: Judgment Day
Некаде на половина од филмот „Gun Crazy“ (1949) на Џозеф Х. Луис, Ени Лори Стар (Пеги Каминс) доаѓа на своето работно место носејќи елегантни црни панталони.
Може ли да ве прашам зошто носите панталони? - прашува преплашената менаџерка на канцеларијата, госпоѓица Сајферт ( Ен О’Нил).
„Тоа е сè што имав денес. Мојата облека не пристигна од хемиското чистење“- благо одговара Ени, а на тоа сајферт ѝ одговара со презрив тон: „Утре ве очекувам облечена во здолниште!“
Меѓутоа, Сајферт не го дочекува следното утро. Само неколку минути после презривиот одговор, Ени, која се вработува во оваа компанија само за да ја ограби, пука во Сајферт. Панталоните тој ден најверојатно ги носела за да избега полесно од потерата која следува после убиството.
Gun Crazy
Тешко е да се создаде јасна слика на сите машки стравови предизвикани од жени во панталони. Неколку години пред овој филм, за време на Втората светска војна, жените слободно носеле „машка“ гардероба додека работеле во фабриките. Но, кога мажите се вратиле од војната, од се очекувало жените да се вратат на својата улога на верни домаќинки.
Сепак, се појавил сомнеж дека ослободениот дух нема толку лесно да се врати на старите вредности. Додека жените кои носеле панталони во триесеттите се сметале за сексуално привлечни (како на пример Марлен Дитрих во „Мароко“), во повоениот период жените во панталони претставувале закана, предизвик за патријахатот.
Филмскиот жанр ноар, кој се занимава со личноста на т.н. femmes- fatales и нестабилните поранешни војници, изобилува со примери во кои мажите се збунети од жените во панталони.
Во новелата „The big dream“ на Рејмонд Чендлер од 1939, Вивиен Рутлеџ е опишана со зборовите на нараторот Филип Марлоу кој наведува дека „ги гледал нејзините нозе во проѕирни свилени доколенки.“ Во филмуваната верзија на оваа книга, Вивиен (Лорин Бекол) носи панталони и со својот безгрижен став го спречува Марлоу (Хемфри Богарт) да доминира во разговорот.
Но, кога Вивиен оди во канцеларијата на Марлоу, таа носи здолниште. Носи доколенки, нервозно го допира своето колено и дури со индиректна дозвола на Марлоу таа конечно го подигнува работ на здолништето и ја чеша својата нога.
The Big Sleep
Нен Лесли ја глуми „добрата“ блондинка Ив Гедис во филмот „The woman on the beach“ (1947). Во една сцена Ив Гедис ја гледаме како носи работен комбинезон и цепи дрва, што го поттикнува нејзиниот свршеник, трауматизираниот ветеран Скот Барнет да нагласи дека таа мора да носи здолниште ако сака некогаш да се омажи.
Понатаму во филмот, главната „негативка“ Пеги Батлер (Џоан Бенет) исто така носи панталони и собира дрва за огрев. Оваа поврзаност му овозможува на режисерот да ги нагласи стереотипите за тоа како поимите добра девојка/лоша девојка се сфатени во општеството. Имено, на крајот од филмот Ив е заборавена (последен пат игра во сцена во која го прашува Скот дали му се допаѓа нејзиниот фустан), додека Пеги е спасена.
Негативни ставови кон жените во панталони можат да се пронајдат и во други филмски жанрови. Во судската мелодрама „Anatomy of a murder“ (1959), Пол Гидлер (Џејмс Стјуарт) ѝ наредува на Лаура Менион (Ли Ремик) да облече здолниште и ремен. По судењето Лаура повторно носи панталони и му го подарува на Пол ременот како сувенир. Но Пол одбива да го прифати велејќи ѝ да го задржи, бидејќи „може пак да ѝ притреба“.
The Woman on the Beach
Доколку во горенаведените жанрови панталоните ја претставуваат неконтролирана сексуалност, во научно-фантастичните филмови од педесеттите тие симболизираат нешто сосема спротивно: интелектуалност во комбинација со фригидност.
Во филмот „Them!“ (1954), докторката Патриша Медфорд (Џоан Велдон) која со својот непрактичен женски костум ќе се закачи на скала при слегување од авионот, се гледа како сексуален објект, но и како мистериозно суштество, исто како мравките кои е дојдена да ги проучува. Но, дури и кога ќе се пресоблече во панталони за да влезе во мравјото гнездо, нејзината облека претставува проблем, бидејќи, како што ѝ посочува нејзиниот колега „тоа не е место за неа или пак за која било друга жена“.
Them!
Покрај мјузиклот (кој со својата утописка визија за родова еднаквост е исклучок) вестернот е единствениот жанр во кој жените носат панталони без проблем.
Се разбира, жената од дивиот запад која носи фармерки е корисна спротивност на својата идеолошка соперничка, совршено облечената жена од истокот. Но сепак, постојат исклучоци. Во филмот Gunslinger (1956), Рут Худ (Беверли Гарланд) ја презема позицијата на шериф од нејзиниот починат маж. Нејзиниот заменик тогаш ѝ вели: „некои луѓе не сметаат дека е соодветно нова вдовица да се движи наоколу во панталони, па дури и ако тие се црни“.
Во ноар филмот „Johnny Guitar“ (1954), Виен (Џоан Крафорд) носи црни панталони што значи дека таа ја присвојува улогата на маж. Еден нејзин вработен вели: „Никогаш не сум видел жена која повеќе наликува на маж. Таа размислува машки, се однесува машки и понекогаш прави јас да не се чувствувам доволно машки“.
Johnny Guitar
Во почетокот на осумдесеттите, обесхрабрувањето на жените да носат пантaлони доживува неочекуван камбек, како дел од владеењето на Реган и навраќањето кон американскиот империјализам. На пример, споредете го јасно реакционерскиот „Raiders of the Lost Ark“ (1981) на Спилберг со „Missing“ (1982) на Коста Гаврас кој крајно критички го преиспитува империјализмот.
Во првиот филм Мерион Рејвенвуд (Карен Ален) е прикажана како независна бизнис жена која во пиење може да го надмине секој маж. Но, кога е присилена да облече фустан, веднаш станува дама во неволја која треба да се спаси. Вистинската мизогинија во филмовите на Спилберг е детално прикажана во една сцена во „Missing“, каде војници насилно извлекуваат две жени од ред на автобуска станица само поради тоа што носат панталони. Тие им велат: „отсега жените во оваа земја ќе носат фустани“ и притоа им ги сечат пантaлоните со нож.
Raiders of The Lost Ark
Како што мажествениот лик од вестернот му е спротивставен на семејниот маж од малиот град во мелодрамата, така и ослободувачките акциони хероини во панталони од „Alien“, „Terminator“, „The Hunger Games“, „Underworld“ и „Matrix“ ја имаат својата подлога во протагонистките присилно облечени во здолништа од периодот по шеесеттите години, кои ја прикажуваат стварноста на жената во деловниот свет („Working Girl“).
Дури и Сара Конор (Линда Хамилтон) во „The Terminator“ мора да ги смени фармерките што ги носи додека го вози моторот и за на работа да облече розов фустан.
Alien
Денешните научно-фантастични филмови го спинуваат овој мотив. Главниот лик во филмот „The Invasion“, адвокатката Керол Бенет (Никол Кидман) носи здолниште сè до моментот кога треба полесно да се движи (кога вонземјаните ќе почнат да ја бркаат), па тогаш облекува фармерки.
Така, декоративната природа на женското облекување се поврзува со „реалноста“, функционалноста на фармерките со исполнување на фантазијата, а преминот од едно кон друго е означен со „ритуалите за прочистување“. Ова укажува на фактот дека не сме толку далеку колку што мислиме од деновите кога единствените две опции за Ен Лори Стар беа или да облече здолниште или да земе пиштол во рака.
Извор: Sight&Sound
Превод: Ивана Смилевска