Има излез од пеколот „Идризово“ - затворот може да се одлежи и дома?

29.09.2015 10:20
Има излез од пеколот „Идризово“ - затворот може да се одлежи и дома?

Затворите во Македонија се буквално пренатрупани. Во „Идризово“ зад решетки се наоѓаат 2.000 лица, иако капацитет на затворот е за 900, а состојбата не е подобра и во другите затвори во земјава, обелодени на протестите на кои изминативе денови учествуваа семејства на затвореници, Мери Николова, од иницијативата за измена на Законот за амнестија. Ситуацијата дополнително ја прават неподнослива условите во затворите кои се ужасни.

- Во Штип, пак, бројката од 250 места е надмината и во моментов таму престојуваат повеќе од 700 лица - изјави Николова, која објасни дека оваа иницијатива смета оти некои затвореници треба да се амнестираат, што малку би ги растоварило затворите.

Завчера, по неколкудневни протести на членови на иницијативата во Скопје, Владата доставила одлука до Државната изборна комисија за распишување референдум за измени во Законот за амнестија.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права за „Слободен печат“ потенцира дека судиите не ги користат алтернативните мерки за отслужување на затворската казна и дека тоа е главната причина поради која се пренатрупани затворите.

- Условите се катастрофални, особено во Идризово каде што се чини дека не владее држава туку затвореничко општество - додава Пировска.

Засега алтернативни мерки кои се познати во македонското кривично право се: условната осуда, судската опомена, условната осуда со заштитен надзор, условно прекинување на постапката и општокорисна работа.

Според податоците на сајтот на Министерството за правда, условната осуда учествува со повеќе од 95 отсто од изречените алтернативи мерки. Тоа значи дека другите мерки речиси и воопшто не се практикуваат кај нас, а секој втор судија, односно јавен обвинител, смета дека казната затвор е најефикасно средство за заштита од криминалот.

Многу земји од регионов и од светот имаат богата практика на пропишување на алтернативни мерки за отслужување на казните. Пробацијата е една од тие мерки, која успешно функционира во многу држави помеѓу кои САД, Шведска, Србија и Хрватска. Под пробација се подразбира правна постапка на надзор на осудениците, кои казната затвор ја отслужуваат дома, како и надзор врз лица што се сметаат за ризични по излегувањето од затвор. За таа цел се обучува посебен кадар, кој ги следи осудените на домашен притвор за полесни кривични дела, кои имаат специјални алки со џи-пи-ес уред преку кои се следи нивното движење.

Министерот за правда на Хрватска за хрватски „Дневник“ неодамна ги потенцираше предностите од воведувањето на пробацијата, велејќи дека извршувањето на алтернативните санкции во Хрватска во последниве три години резултиралo со подобра рехабилитација на осудените, намалување на притисокот врз затворите и значајна финансиска заштеда. Искуствата на Србија се исто така позитивни, како од финансиски така и од аспект на ресоцијализација на осудените.

Затворите пренатрупани со осуденици до шест месеци

Во Македонија се предвидува воведување пробациска служба кон крајот на годинава, а развојната стратегија за периодот од 2013 до 2016 година е веќе изготвена и достапна за јавноста.

Според истражувањата направени во рамките на развојната стратегија за воведување на пробацијата во Македонија, две третини од сите изречени казни затвор се краткотрајни. Тоа практично значи дека затворите се преполни со осуденици на казна затвор до 6 месеци, кои сочинуваат околу 40 отсто од случаите, а казните до една година се втори по застапеност. Просечните трошоци по затвореник во Македонија изнесуваат 950 денари дневно. Доколку би се вовел системот на пробација со кој за полесен прекршок би се останало во домашен притвор под специјален надзор, просечните трошоци би биле сведени на само 20 денари дневно.

Извор: Слободен печат
Слики: Грегори Корганов

ОкоБоли главаВицФото