1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
НАСА на вонредна конференција за новинари го потврди големото откритие поврзано за Марс - постоењето на вода во течна состојба. Но, за сега нема потврда дали тоа би можело да значи дека на Црвената планета има некаков облик на живот.
Две клучни прашања
Леталото MRO пронајде дефинитивна потврда дека на Марс сезонски се појавува вода во течна состојба. Тоа откритие отвора две клучни прашања - од каде доаѓа водата и што значи тоа за можноста за постоење на живот, како во дамнешното минато, така и денес?
Најновото откритие не дава одговор на овие прашања, па за сега, извесно е дека некои од медиумските наслови дека НАСА нашла „живот на МАРС“ се претерани.
Научниците веќе долго време веруваат дека на Марс постои вода, а причината за тоа се експериментите на „лендерот“ кој се наоѓа на површината на планетата, и снимките на кои се гледаат структури налик на речни корита и брзаци.
Некои стручњаци веќе со години изнесуваат теории според кои темните цртички што се јавуваат на падините и ридовите на планините на Марс за време на потоплите годишни времиња, а исчезнуваат во постудените, се потврда дека на таа планета има вода.
Водата која MRO ја открило на Марс би можела да настане со стопување на подземните санти мраз, кои исчезнуваат во процесот во кој солите ја извлекуваат влагата од атмосферата на Марс, или пак од подземните „резервоари“ на вода.
Голем океан во минатото
НАСА на почетокот на годинава објави дека на Марс во далечното минато веројатно постоело големо море слично на Атлантскиот Океан, но со тек на време, 87% од таа вода „испарила“ во вселената.
Ваквите вонредни конференции на НАСА не се чести и кога ќе се случат, главно станува збор за големо откритие.
Нешто слично се случи и во јули годинава, кога од НАСА објавија информација за откривање на планетата Кеплер 425В, која е најслична на земјата од сите планети што се откриени до сега.
Извор: geek.hr