(ВИДЕО) Гошев: Над 700 милиони евра се украдени во Телеком

29.09.2015 13:10
(ВИДЕО) Гошев: Над 700 милиони евра се украдени во Телеком

На прашањето „Што по Груевски“ на вечерашната дебата и промоција на книгата „Оди си! (осум писма до Никола Груевски)“, во издание на „Темплум“, Петар Гошев изјави дека претходно мора да се расчистат криминалите на власта за да идните политичари што ќе дојдат на власт извлечат поука.

– Значи, мора прво да се санкционира. Затоа што оваа кражба ги украде сите работни места во Македонија, овие иселувања на луѓето се од украдените работни места, од пренесените пари надвор или заради скриени пари. Ден Дончев раскажува како се пазареле за периодот на одржување на монопол на странскиот инвеститор. Дали тој ќе биде 4 години или 5 или 6 години и што добивале ако биде 6 години. Наводно добивале 30 милиони плус на цената од 50 отсто што ќе го купат, ако периодот биде 6 години. Не биле четири години, колку што тоа го пишува во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како што било одлучено во преговорите со ЕУ. Овие на Телеком му обезбедиле 7 години монопол, во тие 7 години платите ги зголемија за 300-400 отсто со намален број вработени. Во социјализмот со превработеност, Телеком имаше 150 милиони марки добивка, замислете, со 300-400 отсто, колкава била таа добивка. Моја најминималистичка проценка е дека најмалку 100 милиони евра годишно се криеле. Добивка што ја изнесувале пред да ги покажат финасиските биланси. За 7 години најмалку 700 милиони еввра се испумпани од граѓаните и од фирмите во Македонија, плаќајќи по три – четири пати поголеми цени за услугите, рече Гошев.

Според него, сега ќе имаме нова афера со либерализацијата на енергетскиот сектор која се случува според истиот модел.

– Купени се политичари, купени се луѓе од владата да ја одложат либеризацијата на енергетскиот сектор. Кој има полза од одложувањето на либерализацијата на енергетскиот сектор? ЕВН, по некои пресметки ќари повеќе од 20 милиони евра заради одложувањето на либерализацијата. Тие 20 и нешто милиони ќе ги платат граѓаните и фирмите, сите што трошат струја. Кој носи одлука за одложување? Владата или неколку луѓе во владата и тоа поминува. Надлежните институции, што сега ги нема, треба само да истражат кој колку мито примил за ова одложување. Повеќе од сигурно е дека е истиот модел како Телеком. Само овие примери покажуваат дека само од овие две афери се дрпнати над милијарда евра, рече Гошев.
Тој потсети на снимките од опозицијата во кои исто така се зборува за земање мито од кинеските инвеститори.

– Парите за Телеком, за ЕВН, парите за Актор, потоа кинеското мито, значи целото мито е платено од македонските даночни обврзници, а и целиот профит што го имаат – е од македонските граѓани, рече Гошев, на синоќешниот разговор и промоција во ГЕМ, на која учестуваа и Никола Гелевски, Ида Протуѓер и Бранимир Јовановиќ.

-Процесот околу решавањето на кризата го водат странци – ЕУ, САД и плус уште некои од амабасадорите на повлијателните држави во Македонија. Тоа зборува дека ние самите не сме способни да решиме толку важна работа во општеството. Истото важи и за специјалната обвинителка таа може да ја заврши работата само ако биде силно поддржана од странскиот фактор, оцени Петар Гошев.

– Мојата оценка е кога би било оставено на самите поглавици нема да се реши кризита, ниту со специјален обвинител, ниту со дупло специјален обвинител. Процесот единствено ќе заврши онака како што мнозинството граѓани очекува, ако биде докрај воден од надворешниот фактор, ЕУ и посебно САД. Ако специјалниот јавен обвинител биде од почеток до крај – поддржуван, воден, хранет, насочуван со сè што е потребно. Во спротивно, не верувам дека нешто може да се реши затоа што ние, како општество, проблемите почнуваме да ги решаваме откако сè ќе се распадне, рече Гошев.

Според него, граѓанскиот сектор не е доволно силен да изврши притисок врз партиите да ја решат кризата.

– Граѓанскиот сектор не е доволно силно организиран да ги принуди политичките елити поинаку да се однесуваат и да водат сметка за општите интереси, за државните интереси, наместо да водат сметка само за нивните лични, групни и партиски интереси, вели Гошев.

Договарањето за македонските работи треба што побрзо да се прошири. Кога елитите се договараат, тие прават компромиси меѓу нив, тоа е неизбежно, гласи ставот на Петар Гошев за излезната стратегија од кризата, една од темите на вчерашната дебата во ГЕМ.

– Ако нема широка коалиција, политичкото однесување во Македонија нема да се промени така лесно. Ако не постои притисок од граѓанскиот сектор и тие следни што ќе дојдат на власт, колку и да се искрени, ќе почнат слично да се однесуваат. Не постои демократско општество во кое богатството е сконцентрирано кај толку мал број луѓе, ако одлуките се носат во тесен круг, ако нема дисперзија на политичката и на економската моќ.

Гошев јавно изрази резерви кон еврокомесарот Хан.

– Јас не го гледам во очи тој човек кога преговара, но јас имам големи резерви кон тој човек, тој има конфликт на интереси и тоа е една од слабите точки во овој процес. Австрија има многу капитал овде и тој има фирма која што е трета во тендерите за Скопје 2014 и јас до крај ќе бидам со резерва во тој процес, рече Гошев.

Мора да се смени даночниот систем во Македонија, бидејќи големата нееднаквост се создава со даночниот систем и со корупцијата, смета Гошев.

– Даночниот систем и корупцијата се два клучни канали и тие ако продолжат 1 отсто од населението може наскоро да имаат 50 отсто од доходот на Македонија. Ако би имале вистински попис, во кој што ќе се види вистинското богатство не само приходите, туку и куќи и слики и јахти и целото богатство, тогаш ќе се види дека македонското општество е веројатно понееднакво и од државите во Латинска Америка.

Ако се зголемат даноците на побогатите, дефицитот може да се намали преку зголемени даноци, не мора да останат тие дефицити, но тоа ќе го знаеме кога ќе замине оваа власт, колку е одржлив тој долг и колку има уште скриен долг. Пресметките ќе покажат со кое темпо може да продолжи јавната потрошувачка, дали може да остане со истиот процент во бруто домашниот производ. Нема да има многу простор, особено година, две, три во буџетот да се прават поголеми преструктуирања, затоа што и последната анализа на ММФ вели дека структурата на македонскиот буџет е најлоша во споредба со регионот, вели Гошев
Оваа приказна од последниве девет години за развоен буџет е само приказна, бидејќи ако се споредат колку се инвестициите ќе се види дека тие се исти како и во периодот на претходната власт.

На дебата вечерва во ГЕМ присуствуваше и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Извор: a1on.mk