Бегалци и ѕидови: вечната приказна на Европа

29.09.2015 14:33
Бегалци и ѕидови: вечната приказна на Европа

До пред неколку децении Европа главно изгледаше како Хрватска денес. Само овде и онде по некој странец, многу ретко некој со темна кожа или косоок. Во 20 век светот почна да се намалува, па најпрвин во земјите со големи колонијални царства се доселуваа нивните поданици. Најмногу и најбрзо ги примаа странците во Франција, Белгија, Обединетото Кралство, Холандија. Во Германија по војната доаѓаа „јужњаците“: Италијанци, Грци, Турци, Југословени. Источна Германија прифати голем број Виетнамци. Расната слика на Европа стануваше сè посложена. Во училниците во Амстердам, Марсеј или Лондон седеа сè повеќе луѓе чии родители биле родени во Мароко, Ирак, Кенија или Пакистан. Во Европа најмногу се доселуваа оние кои бегаа од бедата и кои на европските општества требаше да им ги задржат високите стапки на раст. Денес на европските граници тропаат десетици илјади луѓе од кои повеќето се притиснати и од војната, не само од лошата економска состојба.

Логичен избор

Многу бегалци денес можат да стигнат со авион до западот од Турција, па со брод или чамец до првите грчки острови. Некои со недели патуваат пеш и со камиони до брегот на Средоземјето, а потоа со бродови, за да дојдат до европското копно. Брзите комуникации, интернетот и телевизијата речиси на сите им овозможија да видат дека на други места, на само неколку часови летање од нивните уништени домови, е можен поинаков, мирен живот. Во низа земји од Блискиот Исток и Северна Африка, „Арапската пролет“ ја разбуди надежта, сугерираше дека земјите кои со децении биле под владеење на различни деспоти можеби можат да се променат. Она што бунтот кој тлееше го претвори во експлозија од незадоволство, го помогнаа и други центри, но експериментот главно секаде пропадна. Оние кои претходно живуркаа или беа несреќни во своите домови, сега се жители на пропаднати општества од кои сакаат да побегнат, бидејќи таму трае граѓанска војна и се уништуваат сите кои не се мнозинство. На многумина Европа им е прв и логичен избор.

Пред 101 година започна Првата светска војна. Конфликтот заврши со прекројување на границите на Блискиот Исток, со создавање држави кои многумина уште тогаш ги сметаа за нелогични и неприродни. Ирак со династијата Хашемити во Багдад донесена од Арабија: таа сунитска династија која доминира со шиитското мнозинство и со Курдите покажува колку Британците и Французите, кои го поделиле влијанието во Левант, беа нечувствителни и на историските околности. Стотина години откако заврши војната, срушени се државните структури во Либија, Сирија, Ирак, а Јемен е во превирање. На Рогот на Африка, Сомалија е веќе 25 години без централна управа. Она што водечките сили во светот и победниците во Големата војна го направија со создавањето колонијални царства не може да биде и не е исклучив виновник за лошата состојба во низа поранешни колонии, но сосема сигурно е поврзано со тоа. Затоа е логично оние кои со „Арапската пролет“ учеа француски или англиски, да сакаат да одат во Европа.

Фото: Атила Кисбенедек

Европскиот континент е мерка за богатство, мир, успех, благосостојба, а се наоѓа тука - иако некаде е ограден со жица, како во случајот со шпанските енклави во Мароко - или на неколку чекори оддалечените грчки острови од брегот на западна Турција.

Хрватска можеби ќе вдоми помалку од илјада луѓе, но стравовите почнаа да извираат од десетици илјади Хрвати на социјалните мрежи, кога во Македонија, Србија и Унгарија видоа реки несреќници кои бегаат во Шведска и Германија. Толку посветените католици за час се разоткрија дека размислуваат како оние кои го впиваат христијанството не 13 векови, туку можеби 13 дена. Ништо од грижата за соседите, ништо од присетувањето дека треба да се помогне во неволја, уште помалку свест за европското или хрватското минато. Ако срамот веќе смееше јавно да се покажува кон соседите православци, кон оние пооддалечените, со поинаква боја на кожата, можеше барем во теоријата да бидеме поширокогради. Сега избија стравови од другото, од непознатото. Она што досега беше исклучиво италијански проблем на островчето Лампедуза, стравовите кои ги чувствуваа Шпанците во своите енклави во Северна Африка, сега стана нешто блиско.

Она што зачудува е стравот од она од што е исткаена Европа, што е присутно во европското општество и културата. Европејците постојано се селеле и мешале. Често тоа го правеле притиснати од глад и беда, но барем подеднакво често и од други неволји, политички прогони, војни. Стравовите од бегалците кои удираат на европските ѕидини се спротивни на историското искуство, бидејќи многу народи го правеле истото кога војната уништувала сè што имале. По правило, оние кои биле отворени кон другите, поминувале подобро од оние кои биле затворени и ксенофобични.

Фото: Филип Угуен

Средниот век

„Гневот Господов избувна пред вас... Насекаде само опустошени градови, срушени или запалени манастири, полиња без ништо живо... Насекаде моќните ги угнетуваат слабите и луѓето се налик на морски риби, кои без разлика се јадат меѓу себе“, во 909 година бискупите од Римската провинција ја опишале бедата во Франција која ја оставале муслиманските продори. Пред илјада години Европејците биле загрозени од сите страни. Од север се заканувале оние кои денес се Европејци од прв ред, Нордијците. Од исток удирале оние кои денес се во најголем страв, Унгарците. Во 9 век Унгарците се пробиле во Панонија која по сите преселби на почетокот од средниот век била опустошена. Од југ, Европа ја удирале муслиманите. Така, пет векови од падот на Римското Царство, по германските и словенските промени изгледа континентот, тврдината Европа притисната од три правци.

Тогаш немало држава која можела да гради ѕидови за да ги запре таквите напредувања. Векови претходно, уште во 300-те години пред новата ера, Кинезите граделе ѕидови со кои се бранеле од пробивањето на номадите или странците. Во Европа, во Римското Царство во времето на Адријан, за само шест години, од 122 до 128 бил завршен ѕидот кој станал последна северозападна граница на најголемата држава од стариот век. Денес сè е многу слично – и ѕидовите и миграциите и промените кај населението и стравовите, а Европа денес живее само уште една верзија на својата трајна судбина. Изгледа дека е вечна и реченицата која ја напишал Еврипид во „Ифигенија на Таврида“, дека стравовите и ветувањата на оној кој некогаш бил во опасност, често се забораваат.

Хрватите кои чувствуваат срам од комунизмот, кои мислат дека емигрирањето било личен исказ за патриотизам, а животот надвор од татковината поважен придонес во борбата за слобода од останувањето во земјата, подеднакво како и Унгарците кои во десетици илјади бегаа по случувањата во 1956 година, требаше да бидат особено отворени кон оние кои толку ги потсетуваат на нив самите. Сиријците по децении терор, а под товарот на војната и стравот, најпрвин од крвожедниот Башар ал Асад, а потоа од Исламската држава, побегнаа за да се обидат на развиениот Запад да го пронајдат својот нов дом. Многу од сириските бегалци сега веројатно ќе тврдат дека се подготвени да се вратат, кога ќе се поправат условите во нивната татковина. По ваквата војна која трае со години, во опкружување кое е понестабилно отколку што беше веќе со децении, малку е веројатно дека некогаш или наскоро повторно ќе одат на Исток. Европа мора да погледне во сопственото минато и да се обиде да пронајде стратегија како да ги интегрира сите кои дошле на нејзиното подрачје, без оглед на верата и нацијата. Турците, Грците, Македонците, Србите и Унгарците, па потоа Хрватите, се пример за нации кои политиката, а не само бедата и гладот, често ги терала на преселби, која ги создала нивните граници и го распоредила населението.

Фото: Озан Косе

Пуста земја

Градишките Хрвати дошле на северот бегајќи пред Османлиите. Османлиските акинџии од година во година ги пустошеле поседите на селаните во Лика, Босна, односно турска Хрватска, намерно ја уништувале жетвата, без желба трајно да поробат некое место. По повеќе пропаднати посеви луѓето морале да одат понатаму, оставајќи го просторот без население, отворен за освојување и населување на други. Така, Хрватите од подрачјата каде живееле со векови, во 16 век заминале на север во австриската и унгарската земја, а на нивно место дошле други. Во исто време, голем дел од Славонија бил опустошен. Век и половина подоцна, кога кон крајот на 17 век Османлиите ги избркале австриската војска и Фра Лука Ибришимовиќ Сокол, се повлекло и муслиманското население. Кон крајот на 17 век Славонија била пустелија. На пустите простори дошле други, не само Хрвати. Генерално, господарите воопшто не биле со хрватска крв. Најголемите хрватски градови биле слика на космополитизмот сè до 20 век. Осијек, Ријека, Пула, па Задар и Славонски Брод имале толку Германци, Евреи, Чеси, Унгарци или Италијанци, што нивниот изглед во втората половина на 20 век бил неспоредлив, речиси нереален, изгледаат сосема испрано, еднолично.

Бреслау и Вроцлав

Тоа не е случај само со Хрватите. Полјаците изгубиле една третина од сопствената територија на исток, милиони Полјаци некогаш биле Германци. Кога полските државјани дошле во Бреслау, кој преку ноќ станал Вроцлав, се плашеле да ги поправат објектите каде биле сместени, бидејќи не можеле да веруваат дека новата граница кон запад била трајна, дека тие се господари во она што било германско со векови. Брзо се научиле да бидат господари. Словаците до пред стотина години веројатно немало да имаат со кого да разговараат на словачки за време на прошетките во својот сопствен главен град. Литванците својот главен град го направиле литвански пред повеќе од половина век, по советската окупација на дел од Полска. Дотогаш, Вилнус бил еврејски и полски повеќе од 95 проценти. Тогаш стотици илјади Европејци заминувале, исчезнувале, со своето доселување или иселување ги правеле поинакви градовите и државите.

Хрватите некогаш живееле и со многу повеќе Италијанци. Истра со крајбрежјето била толку италијанизирана, што секој граѓанин од тоа подрачје многу лесно можел да се соживее со трагедијата на оние на кои војната и стравот им ги направиле домовите неподносливи, тргнале на далечна преселба, во сосема поинакви краишта. Италијанците во Истра по војната или се определувале за Италија или биле протерани или убиени; во нивните празни станови и куќи влегле главно Хрвати и Словенци. Кога Мусолини дошол на власт во Италија, Хрватите морале да заминат од Истра. Многумина дошле во Загреб, каде и денес Истарската населба на Трешњевка е под урбанистичка заштита. Најпрвин политиката и теророт ги иселиле едните, а потоа другите.

Фото: Николај Дојчинов

Босна и Херцеговина изгубила голем број муслимани по Австро-Унгарското ослободување во 1878 година. Дел заминале во Турција, дел малку појужно на Балканот. Неколку децении потоа речиси половина од населението во Отоманското Царство на Балканот било муслиманско. Тие многу страдале во Балканските војни 1912-1913 година. Војувањето на христијанските кралства и кнежевства во Србија, Грција, Бугарија и Црна Гора против Османлиското Царство било само божемно за слободата на браќата христијани. Не ги интересирала судбината на преостанатите муслимани, па оние кои дотогаш не биле убиени биле протерани. Неодамна починатиот турски претседател Сулејман Демирел беше еден од таквите, по потекло Турчин, од оние Турци прогонети од Балканот. Оттука и неговата чувствителност за судбината на Балканот во деведесеттите, па и пријателството со Хрватска.

Грците со векови живееле на Понт, во Црното Море. Дури кога по избивањето на револуцијата во Русија 1917, Грците одлучиле да интервенираат во состав на меѓународните сили, започнала епохалната, историска катастрофа. Неуспешното интервенирање на Французите, Британците, Американците, па и Грците, резултирало со повлекување на интервенционистичките сили од Советска Русија, но потоа и со присилно иселување на Грците од Црноморието. Понтските Грци биле протерани во Кралството Грција, нивната божемна татковина, но станувало збор за потполни странци, кои дошле речиси во туѓа средина. Следела нова катастрофа на иселување на Грците од Мала Азија. По успешната војна, во која поминале евтино, Грците со интервенција во Русија најпрвин сакале да го купат правото на големо територијално проширување во Турција. Ги добиле островите во Егејот; требало да го земат копното каде во Измир и крајбрежните градови живееле грчките трговци од памтивек. Незаситни кога почнало освојувањето, недораснати на војничкиот гениј Мустафа Кемал-паша, без вистински податоци за бројот Грци и Турци, развлечените грчки трупи во 1920 година по поразот кај Муданија не биле во состојба да го спречат напредувањето на турските трупи. Тогаш Турците одлучиле да им вратат на Грците за сето она што неколку месеци претходно самите го претрпеле. Откако завршила Првата светска војна, кога во другите делови на Европа постепено настапило смирувањето, повеќе од 100.000 Грци од северот и повеќе од милион од Мала Азија наеднаш биле префрлени од другата страна на Егејот. Ја населиле Грција која не ја познавале, дошле како потполни странци во земја која сега, испразнета од Турците кои од северот, од Солун и од градовите јужно од Македонија, едвај помалку од милион, биле исфрлени преку ноќ. Тие движења на населението биле политички мотивирани, немало економски причини да се случат толку големи и трајни длабочински преселби.

Србите живееле во Хрватска со векови, а потоа заради политички причини, војна и стравови, исчезнаа од Краина кон крајот на 20 век. Слично се случи и на Косово. Војните ги менувале етничките слики речиси преку ноќ, војните најчесто предизвикувале она што било сложено да стане еднолично. Затоа на многу европски народи им е тешко да прифатат дека прогоните и нестабилноста не резултираат само со сè поголемо чистење и хомогенизација, како што беше на истокот од Европа во последните неколку децении. Всушност, генерално беше обратно. Секој народ од европскиот југоисток, сите кои денес се на рутата на бегалците од Сирија, во сосема неодамнешното минато имале слични искуства со прогони, преселби, беда.

Фото: Јанис Папаникос

Тревога

Сега во Европа се крева тревога. Европејците се плашат дека европскиот живот каков што се води ќе биде уништен. Европејците мораат да бидат првите кои ќе сфатат дека многу од нивните држави и нации никогаш не би изгледале како што изгледаат сега доколку биле тесногради или биле во преголем страв од другиот. Во судбината на Сиријците, сите кои и самите биле прогонети, треба да се препознаат себеси и своите предци. Многумина бегале од ужасот на диктатурите и тоталитарните водачи и барале да ги вдомат оние кои се побогати и посреќни. Сите би требало да знаат дека првиот контакт е важен, дека е тешко интегрирањето во нова средина и дека не би требало да бидеме премногу строги кон оние од друга вера, од поинаков контекст.

Во италијанските училишта повеќе години невладините организации ги учат децата како да се биде отворен, како да се прифатат странците. Во одделенијата се делат текстови кои опишуваат како Американците ги доживувале имигрантите: биле смрдливи, чудни, потемни од нив, премногу поврзани со Црквата. Единственото што не им се кажува на учениците е тоа дека зборовите со кои денес во Италија се опишуваат бегалците од Лампедуза, пред стотина години Американците ги користеле за да ги опишат Италијанците.

Фото: AFP

Некои ќе се сетат дека во Америка уште во 19 век во огласите за работа пишувало: „No Irish Need Apply“ (не треба да се јавуваат Ирци), толкав бил стравот од католицизмот.

Човечки е да се помогне во неволја. Најпосле, помагале или не, се раѓа нов свет. Да се обидеме да го направиме поудобен за најновите Европејци и за нас кои нивната младост, енергија и желба да се интегрираат ќе ја користиме за продолжување на животот во благосостојба. Ова не е ништо ново за Европа.

Извор: Globus

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Историја

ОкоБоли главаВицФото