1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
Датум: среда, 30.09.2015
Почеток: 17:30, Плато покрај Фонтана, Градски Парк
Крај и протест: бул. Партизански Одреди (добредојдени сте и пеш и на точак)
„НОВА ЖРТВА НА УЛИЦИТЕ?!“
„ПРЕГАЗЕН ВЕЛОСИПЕДИСТ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН“
„СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА - НАСТРАДА ПЕШАК“
Последниве месеци постојано се будевме со вакви наслови во медиумите. Овие ужасни случки станаа наше секојдневие. Секако дека сме вознемирени, но не сме премногу изненадени. По примерот на слични етапи во развојот на други градови, беше прашање на време кога ова ќе се случи и кај нас. Ова е очекувана последица која се појавува секаде, без исклучок, поради автоцентричната политика која се спроведува во други држави, но и кај нас, особено последните години. Со проекти фокусирани на коли и само на коли (бесконечно проширување на сообраќајниците, нови ленти за автомобилите, зелени бранови, паркиралишта), Скопје прерасна во место погодно единствено за автомобили, за превозот кој најмногу загадува, за превозот кој зафаќа најмногу простор, кој крева најголема врева, а воедно е и најопасен по околината. Сите оние кои патуваат на друг начин: било пешки, со велосипед, да не зборуваме за оние со инвалидска количка, станаа непожелни во овој град. На сите нив (а тоа ги вклучува и возачите на коли во моментите кога пешачат) сѐ повеќе им се намалува просторот за движење и нормално функционирање, постојано и смислено се туркани на маргините, без никаков животен простор и оставени на немилост на посилните.
Ова континуирано силеџиство на улиците деновиве го доживеа својот максимум. Само што сме го исплакале Давид, 13-годишно дете на велосипед прегазено на пешачки премин, веќе наредниот ден палиме свеќи за уште еден наш сограѓанин прегазен на пешачки остров. Одиме на посета во болница кај велосипедист повреден од автомобил, а на излегување болницата се полни со нови повредени во слични сообраќајни судири (вистинска приказна).
Иако не сакаме да мислиме дека нашиот град е ловиште за дивеч, токму така се чувствуваме овие денови: како некои животни од загрозен вид кои се ловени по улиците. Време е сезоната на лов на пешаци и велосипедисти да заврши! Време е да се зауздаат здивените возачи-ловци кои веќе подолго време дивеат по улиците. Ние не сме дивеч за отстрел! Ние сме си соседи, пријатели, роднини... Ние сме сограѓани.
На сите ни фали едукација, на сите ни фали свест, истите сме и кога сме пешки, и кога сме на точак и кога сме во кола. Но кога ќе погледнеме колку небалансирано е распореден просторот на различните начини на превоз во Скопје и од друга страна фактот дека кога сме во кола сме најопасни поради можноста да повредиме други, ќе сфатиме дека одговорноста на сите учесници во сообраќајот не смее да се изедначи и дека начинот на планирање на скопските улици не ги заштитува најслабите.
Сите овие трагедии немаше да се случат, или барем ќе беа во многу помал број, доколку брзото возење на автомобили не доби, свесно или несвесно, поддршка од политиките на надлежните градски и државни власти. Како? Сѐ што изминативе години се правеше на инфраструктурен план во овој град беше во полза на моторните возила и нивното брзо поминување. Кога се прошируваа улиците и булеварите се мислеше само на моторен сообраќај. Кога се штелуваа семафорите и сигнализацијата, беше важно колите најбргу да стигнат до својата цел. Кога, во ретките случаи, се градеа тротоари и вело-патеки, тоа се правеше со субстандардни димензии или пак се претвораа во паркинг-места за коли. И како тоа да не беше доволно – целиот град се претвори во едно огромно паркиралиште. Но тука не завршува оваа тажна приказна: откако се заврши со улиците и тротоарите, сега се насочуваме и кон кејот како една од ретките зони со привилегија за пешачењето и возењето точак. Зарем не е доста?
Зарем ви е убаво да живеете во ваков град? Нели уживате во пешачките и велосипедски зони, во зоните на смирен сообраај во други градови кога ги посетувате? Како можат таму возачите да возат внимателно и да им даваат предност на ранливите?
Има многу фактори за начинот на однесување (образование, лично, воспитување, акции на полицијата), но големо влијание има и инфраструктурата. Инфраструктурата ја моделира културата! Просторот им влијае луѓето, ги учи на вредности.
Доколку се вложува првенствено за коли и не се преземааат акции да им се ослободи и онака малиот простор на оние кои пешачат и возат точак, (погледнете ја ситуацијата на Партизанска) со вакви постапки им се дава сила на дел од возачите на автомобили. Тие се чувствуваат моќно и заштитено. Тоа им ја зголемува ароганцијата и нетолеранцијата кон сите други, кои и од надлежните се третирани како втора класа на превоз, втора класа на граѓани. Резултатите ги гледаме секојдневно. Сето ова се случува со толкава брзина што веќе не ни можеме да ги регистрираме сите жртви. Најстрашно е тоа што голем број од загинатите и повредените во последниве несреќи беа деца, да, во 2015-та до август во Скопје загинаа 12 деца поради сообраќајки. Потребно беше само малку за нивната смрт да биде избегната. Потребно беше само разбирање за потребите на луѓето што пешачат (а тоа сме сите!) и возат точак и овие трагедии можеби немаше да се случат.
Лична одговорност мора да преземат виновниците, но мора да преземеме и колективна одговорност како општество: ние кои тоа го дозволуваме да се случува и особено оние кои имаат моќ да ги променат политиките!
До кога ова ќе продолжи?
СТОП ЗА УБИСТВАТА ВО СООБРАЌАЈОТ!
СТОП ЗА УБИСТВАТА НА ПЕШАЦИТЕ И ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ!
Логиката на планирање на сообраќај во град не е иста со таа на автопатите. Тука ширината на лентите не обезбедува поголема безбедност, зашто брзината која ја ја овозможува е погубна за животот кој се случува во градот.
Просторот и тоа како им влијае на луѓето! Постојат многу студии кои го истражуваат психолошкиот ефект на широките ленти кои ги поттикнуваат возачите да ја зголемат брзината над ограничувањето, давајќи им лажно чувство на безбедност. Во многу градови во светот постои тенденција на стеснување на коловозните ленти за намалување на предизвиканата брзина кај возачите и ослободување на простор за одржлив транспорт.
Се користи дизајн на крстосници кој го зголемува просторот за ранливите учесници, а со тоа и нивната видливост во сообраќајот, а не дизајн кој ги стеснува пешачките острови до таа мера што не собира велосипед, како на многу места во Скопје!
Сметаме дека е крајно време да се преземат мерки кои сериозно ќе се разликуваат од досегашните политики во безбедноста и сообраќајот. Во Скопје расте бројот на граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, но инфраструктурата не го следи тој раст.
Не сакаме овие немили настани, брутални убиства во сообраќајот да станат пракса! Но не сакаме ни да се откажеме од користењето на велосипедот како превозно средство.
Не смее излегувањето од дома на најздрав и најеколошки начин, најодговорен спрема околината и градот, да биде најризично и да нè чини живот!
Не смее никого да чини живот!
Пешачењето и користењето на велосипед како превозно средство мора да се унапредуваат како начини на превоз поради сите бенефити кои ги имаат и овие ранливи групи мора да бидат заштитени со соодветни политики. Место да нè уплашат, овие настани треба да нè поттикнат да делуваме и како велосипедска заедница, и како загрижени родители, граѓани, и како надлежни. Изгубените животи не можеме да ги вратиме. Но можеме да го следиме примерот на Холандија која не е само добра за возење велосипед, туку е една од трите најбезбедни држави од аспект на сообраќај во светот. Едното со другото се во корелација.
Сакаме иднина во која сите ќе се чувствуваме безбедно, без разлика на начинот на превоз кој го користиме во моментот. Сакаме иднина во која децата ќе играат безбедно на улица и самостојно ќе можат да отидат на училиште пешки или со точак, без страв дека нешто ќе им се случи!
Затоа предлагаме и бараме мерки во 4 различни области.
Некои од нашите барања за подобрување на безбедноста и мобилноста на пешаците и велосипедистите се во продолжение. Целиот документ со барања (38 предлози/барања, систематизирани во 4 категории) кој во текот на утрешниот ден ќе биде испратен до сите надлежни институции, можете да го прочитате тука.
-Неселективно спроведување на постоечките закони, преку едукација, опомени, а потоа и казнување од страна на полицијата, последното особено за најголемите причини за сообраќајни убиства: брзо возење, недавање на предност на минување (особено на ранливите) итн.
-Преку промена на приоритетите на вложување, политичарите да пратат поинакви пораки од досегашните (кои беа „Вложуваме само во автомобилски сообраќај, само тоа е битно“), и тоа не преку зборови, туку преку дела. Во наредниот период фокусот да се помести кон вложување во инфраструктура за велосипедски и пешачки сообраќај.
-При планирање на нови улици и реконструкција на старите во населени места, да биде задолжително да се изработи сообраќајно решение за пешаци и велосипедисти.
-Да се донесе законска измена со која отворањето на врата (dooring) ќе биде забрането не само во текот на возење на возилото, туку и кога е паркирано, ако од задната страна доаѓа велосипедист. Возачот треба да биде должен да погледне и да се осигура дека е безбедно да ја отвори вратата.
-Да се разгледа можноста за правно редефинирање на некои од сообраќајните судири каде причината е брзо возење и свесно опасно однесување од страна на возачот, како убиства во сообраќај и за нив кривично да се одговара.
-Да се донесе законска измена со која ќе се овозможат алтернативни обезбедени патеки за пешаците и велосипедистите при извршување на градежни работи.
-Да се презентира пред јавноста и да се усвои изготвениот национален Правилник за стандарди при планирање и проектирање на велосипедски патеки со чие донесување ќе се избегнат импровизациите при проектирањето во рок од 3 месеци (јануари 2016). Балансирана дистрибуција на уличниот простор на сите типови сообраќај, широки автомобилски ленти покрај тесни тротоари е рецепт за небезбедност. Сакаме улици за градски живот, а не автопати низ Скопје!
-Престанок на ретроградниот тренд на проширување на улици на места каде не можат да се обезбедат (пропорционално на автомобилските ленти) соодветни услови за велосипедисти и пешаци.
-Да се стеснат автомобилските ленти од 3.5 m на помали ширини, 3 m, поточно ширини кои одговараат на пропишаната брзина од 50 километри на час.
-Да се забрза реализацијата на проектот Скопје вело-град (до мај 2016-та)
-Воведување на задолжителни лекции за односот кон ранливите учесници во сообраќајот во автошколите.
-Воведување на задолжителни часови за возење велосипед за идните возачи
Дојди на Критична маса #41 доколку ти значи ова.
Да речеме големо „СТОП, сакаме промена“. Ни треба твојата поддршка, без оглед на твојот доминанетен превоз. Во оваа битка не се делиме на велосипедисти, пешаци, возачи, се делиме на совесни и несовесни граѓани, па ги повикуваме сите на кои им е важна безбедноста во сообраќајот во градот да ни се приклучат.
Ќе возиме на точак по следнава рута:
Оние кои ќе дојдат без точаци, ќе може да изодат пеш од почетната до крајната точка по скратен пат и да бидат дел од протестот. Исто така, можно е да се приклучите само на почетната (17:30) или само на крајната точка (18:00).
*** Секој учесник вози на своја одговорност.
Извор: natochak.blogspot.mk