Коце не дава, па макар цркнале

30.09.2015 00:21
Коце не дава, па макар цркнале

Протестот на улиците на Скопје против буквално убиствата на пешаци и велосипедисти кои се случуваат последниве осум месеци е само еден од многуте крикови во тешката тишина кои не допираат до глувите уши на Коцета. Но не е само Коце проблемот, туку проблем е целото општество и неговото видување како стојат работите. Поради болни бизнис умови кејот ќе го прават автомобилска патека на која импотентните манијаци ноќно време ќе прават автотрки и ќе си ги мерат машините. Исто така поради болни бизнис планови ги испосекоа дрвјата низ градот само за да продолжат да ѝ дааваат простор на градежната мафија да гради крадејќи го и онака малиот простор за дишење, движење и зеленило.

Импотенцијата и безобразлукот на шоферите се одраз на начинот на размислување на голем процент луѓе во општеството. Ако сте седнале во кола да возите, тоа никако не смее да значи дека вие сте поголеми и поважни од сите што одат пеш или возат точак. Секогаш кога ќе излезете од колата и ќе стапнете на тротоар или улица, вие автоматски станувате пешак. Колата ниту ви дава предност пред другите ниту големина која ја немате. Ова посебно важи за оние со скапи автомобили и џипови кои народот го гледаат одозгора и мислат дека Бога го фатиле за брада. Вие „големите“, направете само еден погрешен чекор надвор од вашиот миленик кој ве прави голем, а не сте и - пљас!! Ете ве на нечија хауба и станувате само обична статистика.

Како човек кој скоро секој ден вози автомобил се соочувам со разни лудила, безобразлуци и лечење на фрустрации и комплекси преку воланот. Ако вие драги колеги шофери и шоферки се вклучувате во сообраќајот нервозни, тоа не ви е никакво оправдување. Ама баш ми е гајле. И јас знам да бидам нервозна па внимавам кога возам затоа што некој може да страда од мене, ни крив ни должен, ако не се контролирам и мислам дека сум поголема од другите. Ако сте земале дозвола треба да внимавате не само на другите возила туку и на пешаците, моторџиите и велосипедистите. Да, многу пати сме налетале на суицидни пешаци кои не гледаат ни лево ни десно и мислат дека улицата е нивна, ама одговорноста е наша. Сум налетала и на неосветлени велосипедисти кои возат во спротивен правец од улицата и мислев дека секој момент ќе ги качам на хауба. Но сум сретнала и внимателни моторџии и велосипедисти кои ги почитуваат сите правила, знаци и прописи па треба да бидете пијан или слеп за да не ги видите и да не внимавате на нив. Летово имав задоволство со мотор да одам од Прилеп до Крушево. Гледано од агол на сопатник на моторџијата, видов колку возачите на автомобили не внимаваат на нив и многу лесно ги ставаат во позиција да станат разлепени инсекти на нечиј ветробран.

 

Да ја разјасниме првата работа. Возилото колку да е потреба и комоција, толку е и опасност за себе и другите ако не се внимава. Не сме сами на патот, не сме го ослободиле градот за да летаме како муви без глава и самото учество во сообраќајот повлекува не само почитување на знаците и правилата, туку и взаемна толеранција. Втората работа која треба да ја разјасниме е дека полицијата не си ја врши работата како што треба заедно со јавното обвинителство. Сè уште не знаеме кој го згази девојчето од Крива Паланка кај Универзална сала, никој во јавност не кажа која е инспекторката која го уби Давид на Илинденска, сè уште молчат за тоа кој го згази детето кај Католичка црква, а сето тоа е зачинето со готвењата на мадам Алачки која си помина неказнето за згазениот пензионер на Рузвелтова. Првите чекори за посигурни улици се високи казни за убијците на улиците. После тоа следуваат казни за неносење кацига за моторџиите, светлечки додатоци за велосипедистите затоа што, не заборавајте една важна работа: светлата кои се судираат на улиците кои доаѓаат од фаровите, зајдисонцето и уличното осветлување им создаваат пречки на многу возачи. Тоа придонесува да не се видат навремено другите учесници во сообраќајот ако истите не се прописно осветлени и тука настануваат многу несреќи.

Трето и најважно. Коце и цела партиска фамилија, која ровари не само во Скопје туку и во другите градови, да се погрижат веднаш и за пешачките и за велосипедските патеки, за да не им се случи кога ќе ги паркираат своите бесни возила да немаат патека по која ќе стасаат до дома. И да се сетат дека парите кои ги добиваат од буџетот на својот град доаѓаат од СИТЕ граѓани, без разлика дали возеле автомобил, велосипед, мотор или оделе пеш. Обезбедувањето на нормален и безбеден сообраќај е нивна обврска, а не тоа да го претставуваат како нивна великодушност и љубов кон граѓаните. Ве гласале на избори, завршете си ја работата.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Ковачевски

Слични содржини

Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото