Премиер во бегство

30.09.2015 14:06
Премиер во бегство

Ги гледав пред некој ден на ХТВ хрватскиот и српскиот премиер, Милановиќ и Вучиќ, како на заедничка отворена програма одговараат на прашања на гледачите, од кои поголемиот дел беа исклучително провокативни, а се однесуваа на бегалската криза која предизвика тензии меѓу двете држави. Настрана мојот личен впечаток дека се работи за двајца типични балкански политички изданоци на кавгаџии и популисти (посебно непријатно ме изненади премиерот на Хрватска), сепак не можам, а да не им честитам на храброста, чувството за државност и доблеста јавно меѓусебно да се соочат, но и да им се стават на располагање на гледачите – Милановиќ одговараше на прашања на српски граѓани, а Вучиќ на хрватски. Ова е посебно битно, ако знаеме дека се работи за две раскарани нации, што со оглед на нивното подалечно и поблиско минато, барем ние од Балканот мошне добро го разбираме. Токму во една таква ситуација, зовриена со остра, а на моменти и националистичка реторика, двајцата шефови на влади излегоа на мегдан. Не се исплашија еден од друг, не се препаднаа од моментот, не ескивираа непријатни, па дури и навредливи прашања, туку пред сè, покажаа подготвеност за комуникација. А токму дијалогот е генерален и основен предуслов за постигнување некакво заедничко решение. Без оглед колку и да бидат непријатни темите.

А што да кажам за нашиот премиер? Некои го нарекуваат премиер во оставка. Јас би рекла дека е премиер во бегство. Зошто? Затоа што бега. Токму така, во ситуација кога цела Европа е зафатена со масовен егзодус од бегалци, ние имаме премиер-бегалец. Отиде во САД да учествува на Генералното собрание на ООН, патем да се види со задграничните комитети на неговата партија, кои лажно ги претставува како македонска дијаспора, за на крајот да му додели орден на поранешниот американски претседател, Џорџ Буш Помладиот. Ова последново е уште еден во серијата протоколарни бламови на Груевски, бидејќи за ордени, признанија, акредитиви и слично, задолжен е претседателот на државата. А не премиерот. Хм, за малку ќе заборавев: човекот во сета своја „хиперактивност“ успеа да најде време дури и да се обрати со еден здодевен говор пред Самитот за одржлив развој на ОН, додека неговите министри за надворешни работи и за одбрана, имаа „конструктивни“ средби со нивните колеги од другите земји. Јолевски, на општ восхит на Асамблејата, дури и ветил дека Македонија „сериозно ќе ги разгледа можностите за зголемен придонес кон операциите на ОН, согласно потребите на Организацијата и националните капацитети“. Бреј мајката, сите домашни проблеми ги решивме, останаа и глобалните кои без нас не ги бива. Кога ќе сумирам сè, спонтано ми се наметнува заклучокот дека нашиот премиер отиде во САД за да не биде тука, за да избега од Македонија.

Да се вратам на констатацијата – нашиот премиер бега. Дефинитивно.

Прво, бега од соочувања. Неговото разбирање на политички дебати се сведува на интервју кај Миленко или кај Јанко или кај... толку. Во превод: однапред договорени прашања, однапред смислени самовоспевачки одговори и многу, многу патетика. До патос. И подолу. Нема вкрстување аргументи со политичките ривали, нема отворени програми со граѓаните, нема интервјуа со опозициски медиуми...

Второ, бега од реалноста. Ова е исклучително опасно бегство, бидејќи е поврзано со жестоката медиумска пропаганда, која е на граница на специјална војна против сопствените граѓани. Всушност, се работи за извртување на реалноста, при што на обичните луѓе им се сервираат само „работни победи и успеси на власта“. За таа цел е употребен методот на поробување, односно окупација на медиумите, со што е нанесено серизоно злосторство против сопствениот народ и држава. Што е криминал пар екселанс.

Трето, бега од вистината. Груевски е осомничен за еклатантна злоупотреба на својата политичка функција и, наместо сериозно да се соочи со доказите кои ја отсликуваат сета извитопереност на неговото владеење карактеристична не само со фингираните тендери, дубарите со градежно земјиште, одмаздата кон политичките противници, изживувањата со трагедиите на обичниот народ, местењето на изборните резултати и слично, туку и со крајно перверзно прислушување на сопствените соработници и најблиски луѓе. Наместо тоа, лидерот на владејачката партија глуми лудило и тера изборна кампања, надевајќи се дека евентуално позитивните изборни резултати ќе го спасат од неминовноста.

Четврто, бега од процедурата. Притиснат од евидентните докази и од меѓународниот фактор, приклештен од договорите на кои мораше да го стави својот потпис, принуден да преговара и да прави компромис за истото она кое претходно со индигнација го одбиваше, бегалецот прави опструкции. На секое поглавје произлезено од договорот од Пржино, излегува со апсурдни и смешни предлози, како на пример бонусот од 17 пратеници или 20 од дијаспората. Со што купува време, но и го компромитира целиот процес на дијалог.

Има уште многу набројувања поврзани со бегствата на нашиот премиер кои нема да ги спомнам, туку само ќе наведам две животни вистини.

Пред сè ќе го цитирам големиот индиски филозоф и спиритуалист, Џиду Кришнамурти, кој во својата книга „Живот без страв“, на едно место го вели следново: „Бегањето од стравот, всушност е бегање од самиот себе“. А ќе завршам со следнава порака: Никола, можеш да бегаш колку сакаш, ама од вистината не можеш да побегнеш.

Таа е како шило...

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото