„Веритас“ за виното

01.10.2015 10:36
„Веритас“ за виното

Деновиве во Скопје се одржува традиционалниот саем Вино Скоп. Па еве, како голем љубител на виното, си дозволувам обид да осветлам некои нешта од важност за винската проблематика. Најпрвин, признавам, опседнат сум со ниската потрошувачка на вино во земјава, наспроти огромното производство. За ова пишував уште во 1989 година, кога „предупредив“ дека земја со потенцијал каков што е оној на Македонија, не може да се надева на соодветен успех додека не постигне значајна рамнотежа помеѓу производството и потрошувачката. Оти тогаш, во Југославија, со производство од 28,5 литри вино по жител, Македонија беше далеку пред другите. Во исто време, со потрошувачка од 3,5 литри вино по жител, Македонија беше сосема осамена на дното.

Што се променило од тогаш – освен што е постојано во подем неразумното фалбаџиство, поддржано од медиумите, чијшто придонес за подобрување на состојбите е повеќе од скромен. Во нив може да се прочита како Македонија била седма во светот по потрошувачка, со неверојатни 42 литри по жител. А според упатените, потрошувачката стагнира помеѓу 7 и 8 литри (за споредба, во Словенија 44 литри).

Според податоците објавени пред година-две, само 5 отсто од произведеното вино во Македонија е потрошено во земјава. Во Франција пак дури 60 отсто! Секако, не мислам на ваква „рамнотежа“, но повеќе од јасно е дека со покачување на потрошувачката во земјава, соодветно се намалува извозот на виното по исклучително ниски цени – во земјите од регионот, на пример, а истовремено се зголемуваат приходите на винарите и лозарите – со цени на виното кои кореспондираат со платежната можност на потрошувачите.

За жал, во струката има високопозиционирани луѓе кои тврдат дека потрошувачката била голема енигма, оти многу граѓани имале лозја, или купувале грозје па самите правеле вино. Ова е повеќе од несериозно. Живеам во винороден крај во Хрватска (Мославина), во кој има стотици приватни лозја, како и во другите подрачја на Хрватска. Но, поради скромните површини под лозја, тешко некој може да мисли дека тоа ја менува глобалната слика за производството, па да каже дека потрошувачката била енигма. Сосема е сигурно дека би престанало опишаното „произволие“ кога би биле регистрирани сите лозја. Верувам дека тоа во блиска иднина ќе мора да се стори - заради контрола на производството, па и поради влијанието на произведеното вино врз здравјето на граѓаните.

Чинам дека за темава не е од полза пораката на г. Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба „Тиквеш“. Тој неодамна во Утрински весник беше категоричен:„Македонската винска индустрија може долгорочно да се развива само ако има винарници кои произведуваат врвни вина, чија автентичност и квалитет ќе бидат препознаени во светски рамки“. Колку што знам, во земјата и сега има винарници кои произведуваат врвни вина, како што предвидува и македонската регулатива (наспроти „фрлањето“ на неупатените со тој прилог, кои всушност мислат на ДОБРО вино). Но што ако во земјата – според г. Илиевски - нема доволно такви винарници? Значи ли тоа дека македонската винска индустрија не може долгорочно да се развива?

Чуму толкаво заземање за производство на „врвни вина“, мисли ли г. Илиевски на домашниот пазар или на пазарот на регионот, кој не се разликува драматично од домашниот? Или пак мисли на светскиот пазар? Но таму – тој знае многу подобро знае од мене - во конкуренција со вински „ѕверови“, чинам дека фокусирањето на врвни вина не ветува многу, и тука не помагаат ни оценките од научната фантастика на Роберт Паркер. Откако Мондави и Роланд почнаа со „глобални вина“, многу работи се сменија. Огромни површини под лозја - од Калифорнија преку Чиле, Аргентина, Јужна Африка, Австралија и некои европски земји - супермодерна технологија, го затрупаа светскиот пазар со евтини а квалитетни вина. Меѓу нив, навистина, нема вина „теруар“, но кому му е гајле за тоа. Згора, напливот од глобалните вина ги натера производителите од Франција, Шпанија, Италија и Португалија и тие да се јавуваат со релативно евтини вина.

Би заклучил дека за земјата е неспоредливо поважно да ја покачи сегашната бедна потрошувачка, отколку да ги исцрпува силите на „врвни вина“. Од следново може да се разбере каков е предизвикот за производство на „врвни вина“ - поим кој веќе го нема во Правилникот за класификација на вина во Македонија. Тоа сега се вика вино со контролирано и гарантирано потекло (ВКГП). Вакво вино, според Правилникот, може да се произведува само во локалитети, а тоа се Кавадарци, Неготино, Раец, Пепелиште, Демир Капија и Градско.

На сликите: Шишиња вино дизајнирани според Симпсонови и Мондријан (Константин Болимонд и Дмитри Пацукевич)

ОкоБоли главаВицФото