Танцувачот на адвокатот Крајковски

01.10.2015 11:48
Танцувачот на адвокатот Крајковски

Веќе триесет и четврти пат отидов на оперетата „Војвотката на чардашот“ – а бидејќи беше доцна, ја заобиколив колоната и директно ѝ се обратив на касиерката: „Драга госпоѓо, брзо за мене, како и обично, во галеријата“, тогаш некој одзади ме фати за јаката и ладнокрвно, да, ладнокрвно – ме одвлечка од шалтерот и ме турна на соодветното место, т.е. онаму каде што завршуваше колоната. Срцето силно ми затропа, снемав воздух – зарем тоа не е убиствено кога некој одеднаш ќе биде зграпчен за јаката пред јавен локал? – ама се завртев: тоа беше висок, стокмен, напарфимиран господин со поткастрен мустаќ. Муабетејќи со две елегантни дали и еден господин, ги разгледуваше неодамна купените билети.

Сите погледнаа во мене – и морав нешто да кажам.

„Вие ли бевте толку милостив, господине?“, прашав, можеби, со ироничен тон, дури можеби и злокобен, но бидејќи одеднаш омлитавев, прашав претивко.

„Молам?“, праша, подведнувајќи се кон мене.
„Вие ли бевте толку милостив?“, повторив, но повторно – претивко.
„Да, јас бев толку милостив. Онаму на крајот. Ред! Европа!“, а обраќајќи им се на госпоѓите, забележа:
„Треба да се учи, неуморно да се учи, инаку нема да престанеме да бидеме Зулу народ“.

Едно четириесет парови очи и разноразни лица – срцето ми лупаше, гласот ми замре, се упатив кон излезот – во последен миг (го благословувам јас, тој миг) – нешто ми штракна на ум и се вратив. Застанав во колоната, купив билет и стасав таман на првите тактови на увертирата, но овојпат не потонав, како обично, со душа во претставата. Додека пееше војвотката на чардашот, тропајќи со кастањетите, извивајќи го торзото и бревтајќи, а елегантните младичи со кренати јаки и со цилиндри дефилираа во колона под нејзината крената рака – јас, гледајќи ја главата со помадисани руси мустаќи што ѕиркаше во првите редови на партерот, повторував – ах, значи така!

По првиот чин слегов долу, се потпрев лесно на парапетот на оркестарот и – почекав малку. Потоа – се поклонив. Не одговори. Па уште еден поклон – потоа почнав да шарам со погледот по ложите и повторно – се поклонив, кога дојде вистинскиот момент. Се вратив горе, треперев, бев исцрпен.

Откако излегов од театарот, подзастанав на тротоарот. Набргу се појави – се испраќаше со едната од госпоѓите и со нејзиниот сопруг: до видување, мили мои, значи задолжително – ве молам! – утре во десет во Полонија, чест ми е. Потоа ја смести другата дама во такси и тој самиот требаше да се качи, кога пријдов јас. „Се извинувам што се наметнувам, ама може ќе бидете толку милостив да ме префрлите до некаде, јас толку многу сакам добро возење“.

„Откачете ми се, ве молам!“, крикна.
„Може вие ќе ме поддржите“, спокојно му се обратив на шоферот. Во себе чувствував необичен спокој. „Јас сакам...“, ама автомобилот веќе тргнуваше. Иако немам многу пари, едвај за неопходните работи, скокнав во наредното такси и реков да вози по нив. „Се извинувам“, му реков на чуварот на кафената, четирикатна зграда, „нели инженерот Ѓубињски влезе предмалку“.
„Ма не, господине“, одговори, „тоа е почитуваниот адвокат Крајковски со сопругата“.

Се вратив дома. Таа ноќ не можев да заспијам – стопати го преџвакав целиот настан во театарот и моите поклони и заминувањето на почитуваниот адвокат – се вртев од една на друга страна во состојба на будност и засилено дејствување, кое не ми допушташе да заспијам, а кое, истовремено, како резултат на упорното вртење наваму-натаму, е како втор сон на јаве. Веднаш, наредното утро, испратив прекрасен букет рози на адресата на адвокатот Крајковски. Карши зградата, во која живееше, имаше мала млекарница со веранда – го преседов таму целото сабајле и најпосле го видов околу три, во сива, елегантна облека, со бастунче. Ах, ах – одеше и свиркаше, а одвреме-навреме мавташе со бастунчето, мавташе со бастунчето... Веднаш ја платив сметката и истрчав по него – и восхитувајќи му се на леко брановидното движење на неговите плеќи, се насладував од тоа што тој не знае за ништо, што тоа е мое, внатрешно. Зад себе влечеше облак од тоалетен мирис, беше свеж – се чинеше невозможно да се доближам до него. Ама и за тоа се најде чаре! Одлучив: ако сврти лево, ќе си ја купиш онаа книга „Авантура“ од Лондон, за која толку долго копнееш – а ако сврти десно, никогаш нема да ја имаш, веќе никогаш, макар и да ја добиеш за беспари, нема да прочиташ од неа ниту една страничка! Ќе биде пропадната! О, со часови би можел да зјапам во тоа место на неговиот врат, каде завршува косата во рамна линија и следува белиот врат. Сврте лево. Во други околности веднаш би отрчал во книжарница, но сега и понатаму одев по него – ама со чувство на неискажана благодарност.

Кога ја видов цвеќарката ми се наметна нова идеја – впрочем можев, веднаш, одма – тоа беше во моја моќ – да му приредам овација, дискретна почит, нешто што може и нема да го забележи. Ама што од тоа ако не забележи? Впрочем, може дури и подобро – да прославувам во тајност. Купив букетче, го престигнав – а штом влегов во орбитата на неговиот вид, рамномерниот, рамнодушен чекор за мене стана невозможност – и му ги фрлил малку пред нозе парот несмели темјанушки. И, ете, одеднаш се најдов во пречудна ситуација: одев ли одев, без да знам дали тој оди по мене, или можеби свртел, или влегол низ некоја порта, а немав храброст да се завртам – не би се завртел, макар од тоа да би зависело не знам што, сѐ – а кога најпосле се окуражив, изглумив дека ми паднал шеширот и се завртев – зад мене, него веќе го немаше.

До вечерта, живеев само со мислата за Полонија.

Влегов веднаш по него во богатата сала и седнав на соседната масичка. Предосеќав дека тоа скапо ќе ме чини, но на крајот на краиштата (си мислев), сеедно, и можеби – нема да поживеам подолго од година дена, не ми е потребно да штедам. Веднаш ме забележаа; госпоѓите дури беа до толку безобразни што почнаа да шепкаат. Меѓутоа тој – не ги разочара моите очекувања. Не ме почести ни со грам внимание, се расфрлаше со комплименти, де се подведнуваше кон дамите, де разгледуваше наоколу, набљудувајќи ги другите жени. Зборуваше лежерно, со вкус, разгледувајќи го менито:

„Мезиња, кавијар... мајонез... печено пиле... Ананас за десерт – црно кафе, црвено помар, бело шабли, коњак и ликери“.
Нарачав.
„Кавијар – мајонез – печено пиле – ананас за десерт – црно кафе, помар, шабли, коњак и ликери“.

Тоа траеше долго. Адвокатот јадеше многу, особено печено пиле – морав да јадам на сила – навистина, мислев дека веќе нема да можам и растревожено гледав дали уште нешто ќе земе. Постојано земаше и јадеше со сласт, со големи залаци, јадеше немилосрдно, пивнувајќи вино, додека најпосле тоа за мене стана вистинско мачилиште. Мислам дека веќе никогаш нема да можам да погледнам печено пиле и никогаш нема да можам да проголтам мајонез, освен – освен ако некогаш повторно отидеме заедно во ресторан, е тоа е нешто друго, тогаш, сигурен сум, тогаш ќе издржам. Испи и еден куп вино, дури почна да ми се врти во глава. Огледалото го одразуваше неговиот лик! Колку ли прекрасно се наведнуваше! Колку ли вешто и умешно си правеше коктел! Колку ли галантно, со чепкалка во забите, се шегуваше! На темето му беше маскирана ќелавицата, рацете му беа негувани и на прстот имаше прстен со монограм, гласот му беше длабок, баритон, мек, магичен. Сопругата на адвокатот со ништо не се истакнуваше, беше – може да се каже – недостојна, ама жената на докторот!

Веднаш забележав дека неговиот глас, кога ѝ се обраќаше на жената на докторот, придобиваше помеки и поокругли тонови. Ах, ах! Јасна е работата! Жената на докторот беше како створена за него, витка, змиска, отмена, мрзелива, мачка со прекрасен женски каприц. А во неговата уста зборот – канџички, звучеше совршено, човек можеше да почувствува дека сака, дека умее. Канџички, жениче, лумперај, бекрија, боем, џапаџија – ха, ха, џапаџија да ти бил милиов доктор! И – „ве молам“, тоа „ве молам“ толку е красноречиво и неодоливо, толку културно, не поднесува противење, како хроника на сите можни триумфи што се состои од два збора. А ноктите му беа розови, особено едниот, на малиот прст. Дури околу два по полноќ се вратив дома и непреслечен се џитнав во кревет. Бев презаситен, преполн, згмечен, ме фати икавица, во главата ми бучеше, а деликатните јадења ми го разнесуваа желудникот. Оргија! Оргија и уживање, лумперај! Ноќ во ресторан – шепотев – ноќен лумперај! За првпат – ноќен лумперај! Поради него – и за него!


Оттогаш секојдневно преседував на верандата на млекарницата, чекајќи го адвокатот, и одев по него, кога ќе се појавеше. Некој друг, можеби, не би можел да посвети шест-седум часа на чекање. Ама јас имав време на претек. Болеста, епилепсијата, беше единствената моја занимација, а и тоа – чат-пат, занимација на маргината на синџирчето од денови, освен тоа, никакви други обврски, имав слободно време. Не ме влечеа, како другите, роднини, познајници и пријатели, жени и танци, освен еден единствен танц – на св. Валентин – не знаев танци ниту жени. Скромното прихотче беше доволно за моите потреби, а, впрочем, постоеја податоци дека мојот истоштен организам нема долго да издржи – па, тогаш зошто би штедел? Од утро до вечер слободен ден, невработен, како непрекинат празник, време во неограничена количина, јас – султан, часовите – хурии...

Ах, дојди веќе – смрт!

Адвокатот беше лаком и тешко е да се каже колку тоа беше прекрасно; секогаш, враќајќи се дома од судот, наминуваше во слаткарницата и таму јадеше две наполеонки – го ѕиркав низ стаклото на излогот како, стоејќи покрај шанкот, ги пика во уста внимателно, за да не се извалка со кремот, а потоа деликатно си ги оближува прстите или си ги брише со хартиена салфетка. Долго се двоумев за тоа и на крајот – еднаш влегов во слаткарницата.

„Го познавате ли почитуваниот адвокат Крајковски, госпоѓо? Овде јаде по две наполеонки. Да? Еве, плаќам за наполеонки за цел месец однапред. Кога ќе дојде, ве молам не примајте пари, туку само насмевнете се: »веќе е расчистено«. Тоа не е ништо, едноставно, видете, изгубив облог“.

Утредента дојде како и секогаш, јадеше и сакаше да плати – го одбија – се изнервира и ја стави парата во конзервата за добротворен прилог. Што ми штети тоа? – Чиста формалност – смее да дава, колку што сака, на бездомните деца, тоа нема да го промени фактот дека изеде две мои наполеонки. Но, нема овде да опишувам сѐ, зашто, впрочем, зар може да се опише сѐ? Тоа беше море – од сабајле до вечер, а често и во ноќта. Беше дивтарски, како на пример, кога еднаш седнавме еден спроти друг, очи во очи, во трамвај; и слатко, кога можев да направам некаква услуга – а понекогаш и смешно. Смешно, слатко и дивтарски? – да, ништо не е толку тешко и нежно, дури ни толку свето, како човечката личност – ништо не може да се споредува со таа жед на таинствените врски, безначајни и беспредметни, кои се раѓаат меѓу туѓите луѓе за да сковаат малку чудовишна врска. Замислете си го адвокатот, кој излегува од јавен тоалет, вади петнаесет гроши и дознава дека сметката – веќе е расчистена. Што чувствува тогаш?

Замислете си дека на секој чекор покрај себе наидува на знаци на култ, на чест и служба, на верност и на челично чувство на обврска, на занес. Ама сопругата на докторот! Страшно ме мачеше однесувањето на сопругата на докторот. Зарем ништо не ѝ кажуваа неговите додворувања, зарем чепкалката за заби и коктелот во Полонија не ѝ оставија никаков впечаток? Очигледно таа не се согласуваше – еднаш, забележав, излезе од кај неа бесен, со искривена кравата... Каква жена! Што да правиш, како да ја наклониш, како да ја убедиш, за веднаш добро да сфати, да сфати до срж, како што јас сфаќам, да почувствува. По долго колебање одлучив дека најдобро ќе биде – анонимец.

Госпоѓо!
Како можете? Вашето однесување е несфатливо, не, така не можете да се однесувате! Зарем Вие сте нечувствителна на тие форми, потези, модулации, на тој мирис? Вие не ја сфаќате таа совршеност? Зошто сте жена? Јас, на Ваше место, би знаел што мене ми припаѓа, кога само би посакал да ме пипне со прстот по моето мало, кутро, кревко, женско телце.

По неколку дена, адвокатот Крајковски (тоа беше на пуста улица, доцна квечерина) застана, се заврте и чекаше со бастунот. Не доликуваше да се повлечам – па, одев понатаму, макар што ме облеваше некаква млитавост – дури ме зграпчи за рака, ме протресе, мавајќи со бастунот по земја.

„Што значат тие идиотски будалаштини? Што сте се закачиле?“, вресна. „Зошто се влечкате по мене? Што е ова? Ќе ве акнам со бастунов! Коските ќе ви ги здробам!“

Не можев да проговорам. Бев среќен. Го примив тоа во себе како света причест и ги затворив очите. Само молкум – се поднаведнав и ги подадов плеќите. Чекав – и доживеав неколку совршени мигови, со какви што може да биде обдарен само некој кој веќе навистина малку денови има пред себе. Кога се исправив, тој бргу си заминуваше, тропкајќи со бастунот. Со исполнето срце, во настроение на милост и благослов, се враќав по пустите улици. Премалку – си мислев – премалку! Сѐ е премалку! Уште – уште повеќе!

И покајанието се вмеша во благодарноста. Секако! Го сфатила моето писмо како бедна баналност, како глупава шега, и му го покажала на адвокатот. Наместо да помогнам – наштетив, а сето тоа поради тоа што сум премногу лежерен, мрзелив, премалку давам од себе – премалку сериозност и одговорност, не умеам да се вдахновам со разбирање.
Госпоѓо!
За да Ве освестам, за да стасам до Вашата совест – изјавувам дека, почнувајќи од денес, ќе применувам разни самоизмачувања (постови итн.), толку долго, додека тоа не уследи. Вие сте безобразна! Какви зборови треба да употребам за да ја објаснам нужноста, должноста, кучешката обврска? Дали тоа уште долго ќе потрае? Што треба да значи тој инает? Од каде е таа горделивост?!

А утредента, откако се сетив на еден важен детаљ, напишав:

Парфеми само „Violette“. Тој тоа го сака.

Оттогаш адвокатот престана да ја посетува сопругата на докторот. Жив се јадев, не спиев ноќе. Не сум наивен. Добро разбирам многу работи, за што никој не би ме осудил – свесен сум, на пример, каков впечаток може да предизвика едно такво писмо врз светска и световна личност, каква што беше сопругата на докторот. Дури умеам, во моменти на највисок занес, да се насмевнам саркастично – ама што од тоа?

Дали поради тоа моето страдање беше помалку издржливо, а маките, кои си ги нанесував, помалку болни? Дали мојот бунт беше помалку важен? Честа за адвокатот помалку вистинска? О, не! Што е важно? Животот, здравјето? Значи, се колнам дека со истата таа саркастична насмевка би го дал и животот, и здравјето за тоа таа да... таа да удоволи. А можеби таа жена имаше етички скрупули? Што е глупавата етика во споредба со адвокатот Крајковски? За секој случај, одлучив да ја успокојам и во тој поглед!

Морате, госпоѓо! Докторот е – нула, воздух.

Ама кај неа тоа не беше етиката, тоа беше, едноставно, горделивоста или, на крајот на краиштата, бесмислени беснотилаци на женка и недостаток на разбирање на светите елементарни проблеми. Шетав под нејзините прозорци – што се случуваше таму зад спуштената завеса (зашто стануваше доцна), во каков стадиум се наоѓаше? Жените се премногу површни! Се обидував со магнетизам: – мораш, мораш – повторував цело време, гледајќи во прозорецот – уште денес, уште денес вечер, ако не биде дома мажот. Тогаш, ненадејно, ми текнува дека, впрочем, адвокатот сакаше да ме истепа, дека, ако тогаш на улица не го стори тоа – тогаш можеби тоа беше поради недостаток на време? Па, баталувам сѐ и брзам кон судот, од каде, како што знам, ќе излезе за момент. Навистина, излегува по неколку минути со двајца господа, а тогаш јас се приближувам и, молкум, го подавам грбот.

Виснува над мене вчудовиденоста на двајцата господа, но не ми е гајле за тоа – макар и целиот свет да е! Ги затворам очите, се обвиткувам со рацете и чекам со доверба – ама ништо не ме удира. Најпосле мрморам, пелтечејќи, во плочите на тротоарот:

„Може сега? Секогаш, секогаш, секогаш...“
„Овој е некој идиот“, се разнесува над мене неговиот глас. „Каква расеаност! Заборавив дека имам конференција! Ќе поразговараме другпат, збогум, господа, еве ти неколку гроша, мој човеку. Секое добро!“

И бргу влезе во такси. Ах, тие таксија!

Едниот од господата посегна во џебот. Го задржав со движење на раката.

„Не сум просјак ниту идиот. Имам достоинство – а милостина прифаќам само од почитуваниот адвокат Крајковски“.

Сковав план за хипноза, постојана, консеквентна пресија со помош на илјадници ситни факти, мистични индикатори, кои, не проникнувајќи во свеста, би создале потсвесна состојба на нужност. Цртав со креда по куќата во којашто таа живееше, стрелка и големо К. Нема да ги образложувам сите мои повеќе или помалку вешти интриги, таа беше обвиена од мрежа чудни случки. Продавачот во модниот бутик, божем по грешка, ѝ се обраќаше со – госпоѓо адвокатка! Чуварот, сретнат на скалите, рече дека судијата Крајевски... прашуваше дали бил испратен чадор. Крајевски – Крајковски, судија – почитуван адвокат, треба да се биде внимателен, мирна вода брег рони. Богзнае со какво чудо од градот го донесуваше на фустанот мирисот на адвокатот, неговиот оживувачки тоалетен мирис на сапун од темјанушки и колонска вода. Или, на пример, ваква случка: доцна во ноќта ѕвони телефонот – се скорива од сон, трча и слуша непознат, заповеднички глас – веднаш! – и ништо повеќе. Или пусулче пикнато во вратата, а на него – ништо, фрагмент од стихотворба:

„Го знаеш ли тој крај, каде што лимонот узрева?“

Ама постепено губев надеж. Адвокатот престана да ја посетува – се чинеше дека моите напори се за џабе. Веќе го претчувствував моментот на капитулација и се плашев; чувствував дека нема да можам да се помирам со тоа. Навреда на адвокатот во врска со тоа би било нешто што не би можел да го поднесам, макар и тој да не се вознемири за тоа. Тоа за мене би било дефинитивно понижување, неправда и срамота. Дефинитивно – да, дефинитивно, добро се изразив. Не можејќи да поверувам во тоа, се плашев, сепак, од неумоливиот крај што надоаѓаше.

И навистина... Сепак, постои некаква милост! И, ах, колку ли беа снаодливи – патем, лут сум му на адвокатот, зошто така се криеше со тоа, зарем не знаеше дека страдам? Случајност? О не, тоа не беше случајност, повеќе срцето, би рекол! Квечерината се враќав дома по Алеите – тогаш нешто ми светна да влезам во паркот. Всушност, добро би било порано да си легнам, бидејќи утредента в мугри требаше на вратата на адвокатот да заковам позлатена табличка со натпис – Адвокат Крајковски, ама нешто ми светна: во паркот. Влегов – и на самиот крај, зад езерцето, здогледав... ах, ах! ја здогледав нејзината голема шапка и неговото бомбе. Види ги ти нив, курајбери, џамбази, шмеќари едни! Значи, додека јас се измачував, тие се сраќавале овде во тајност од мене – и тоа колку вешто! Мора да се возеле со такси! – скршнале во споредна уличка и си седнале на клупичка. Се сокрив во грмушки. Ништо не очекував, на ништо не мислев – не сакав ништо да знам, само се склопчив под грмушката и ги броев лисјата брзо, без размислување, како воопшто да не бев таму.

И одеднаш – адвокатот ја прегрна, ја притисна и ѝ шепна:

„Овде – природа... Слушаш ли? Славејче. Сега, бргу – додека пее... Во придружба, во такт со појот на славејчето... Те молам!“

И потоа... ах, тоа беше космичко, не издржав – како сите моќи на светот да се споија во мене во свето лудило, небаре чудовишна клада, електрична клада, молитвена клада, или жртвена клада, тоа беше изворот на стравотниот потрес – срипав и почнав да врескам на цел глас, одекнуваш низ целиот парк:

„Адвокатот Крајковски ја...! Адвокатот Крајковски ја...! Адвокатот Крајковски ја...!“

Се крена аларм. Некој трчаше, некој бегаше, одеднаш луѓе се појавија од сите страни – а мене нешто ме зграпчи еднаш, вторпат, третпат, ми ги пресече нозете и почнав да танцувам, како никогаш досега, со пена на устата, во трепет и грчеви – баханалиски танц. Што се случуваше потоа, не се сеќавам. Се освестив во болница.

Сѐ подобро се чувствувам. Последните доживувања ме уморија. Почитуваниот адвокат Крајковски утре заминува, во тајност од мене, (ама јас знам) во мала, планинска месност, на Источните Карпати. Сака да оди на планина на неколку недели и мисли дека јас ќе заборавам. По него! Да, по него! Секаде по таа моја ѕвезда водилка! Ама, прашање е дали ќе се вратам жив од тоа патување, возбудата е пресилна. Можам ненадејно да умрам на улица, до некоја ограда, а во таков случај – треба да напишам на ливче – мојот труп нека го испратат на адресата на адвокатот Крајковски.

Превод: Филип Димевски
Слики: John Reuss

ОкоБоли главаВицФото