1018 hPa
27 %

30 °C
Скопје - Нед, 15.06.2025 12:59
Тие се најбогатите уметници на светот, кои со своите дела го постигнаа она што многумина го сонуваат. Прочитајте кои среќници ги претворија своите соништа во милионска добивка и со тоа си обезбедија луксузен живот.
Да се (пре)живее од уметноста е сон на многу „уметнички души“ Иако се свесни дека иднината, посебно финансиската, им е несигурна, многу студенти по уметност ја вложуваат сета своја надеж во потенцијалниот успех на уметничкиот пазар со цел да бидат оние на кои ќе им се насмее среќата. Можеби се охрабрени и од следниов список на уметници кои со своите дела успеаја да постигнат слава, богатство и живот на висока нога...
Најбогатиот уметник е...
На првото место меѓу најбогатите уметници се наоѓа британскиот уметник Демиен Хирст (45). Стана славен со делото „The Physical Impossibility of Death in the Mind od Someone Living“. Имено, се работи за голема стаклена кутија со мртва ајкула во формалдехид. Во 1996 г. препарираше и неколку крави кои исто така ги стави во формалдехид. Овие дела, колку и да се необични и истовремено интересни, се најдоа во сенката на следното дело со кое заработи, може да се каже, „мало“ богатство. Станува збор за дијамантскиот череп кој беше продаден за 57,2 милиони евра. На челото на овој череп се наоѓа дијамант од 52 карати, а делото е насловено „For the Love of God“. А зошто Хирст е на првото место? Зашто неговото богатство се проценува на 730 милиони евра.
Еротиката е привлечна
Американскиот уметник Џеф Кунс (55) може да се пофали со богатство од 510 милиони евра. Познат е по своите кич објекти. Во 1988 г. изработи позлатено порцеланско дело со наслов „Michael Jackson and Bubbles“, кое го прикажува познатиот поп пејач во друштво на своето омилено шимпанзо. Но Кунс е познат по тоа што често ги користи сексуалните и другите алузии во своите дела. Примената на елементи на кич, секс и предмети од секојдневниот живот ги сместуваат неговите дела во сферата меѓу уметноста и кичот. Сепак, се работи за скапа уметност.
На третото место се наоѓа јапонскиот уметник Такаши Мураками (48). Тој како уметник се движи меѓу класичната уметност и дизајнот, поради што и стана популарен. Неговото богатство се проценува на 250 милиони евра.
Со богатство од 130 милиони евра, американскиот уметник Брајс Мардон (72) се најде на четвртото место. Тој се смета за претставник на минимализмот, а патувањата во Тајланд, Индија и Шри Ланка влијаеле врз неговата работа – азиската култура, уметност и природа се препознаваат во неговите дела. Дел од своето богатство го има заработено со вложување во недвижности.
Владеење и со платното и со музиката
Џулијан Шнабел (59) е американски сликар и филмски режисер. Тој е еден од главните застапници на неоекспресионизмот. Многу негови дела се насликани на површини од стакло или порцелан. Во 1995 г. Шнабел го промовираше својот музички албум со наслов „Every Silver Lining Has A Cloud“ во кој учествуваа и музичари од типот на Бил Ласвел, Берни Ворел, Ники Скопелитис и др. Неговото богатство се проценува на 120 милиони долари.
Аниш Капур (56) е роден во Мумбај, Индија, а денес живее и работи како вајар во Лондон. Капур го зазема скромното шесто место со 46 милиони евра. Меѓународното внимание го привлече за време на 70-те години со скулптурата од пигменти во најразлични бои. Неговите дела денес се изложуваат низ целиот свет.
На седмото место се наоѓа 80-годишниот уметник од Америка, Џаспер Џонс. Тој се смета за еден од зачетниците на поп артот. Џонс не е само уметник – тој е и вајар, костимограф, сценограф и декоратер на излози. За време на својата уметничка фаза продаде повеќе од 535 дела, со што заработи 110 милиони евра. Ако се прашувате зошто се наоѓа на последното место на оваа листа, причината е едноставна – денес му останаа „само“ 36 милиони.
Извор: deutsche welle