Народен суд (TRIBUNUS PLEBIS)

01.10.2015 23:45
Народен суд (TRIBUNUS PLEBIS)

Граѓани и граѓанки.

Чујте и почујте.

Денес,

НАРОДНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА,

ја донесе следната пресуда :

…..„——————————————————————————“…..

Еве како отприлика би звучела една најава, во јавноста, од пресуда што би ја донел нашиот народен суд, а во отсуство на кредибилни судски органи.

Имено, со право, постои скепса околу начинот на кој ќе работи специјалното обвинителство, уште повеќе откако видовме дека „истакнати обвинители со висок професионален и морален интегритет“ може да станат дел од Тимот! (OMG). Се чини дека дури и да се произведат супер-обвинителни акти, нема да има таков страшен суд кој би можел понатаму соодветно да ги процесуира, ниту пак ќе има „The Judgment Day“. Стравот ротира околу прашањата – на каков начин ќе судат судовите по однос на предметите што се во надлежност на СЈО, кога, како што знаеме – меѓународната заедница во сите извештаи јасно и гласно нотира дека во Република Македонија НЕМА НЕЗАВИСНО СУДСТВО! За ова експертите постојано кукаат, а граѓаните, пак, граѓаните… жеднни се – правдата да го види светлото на денот и тој што се огрешил од законите, да понесе одговорност.

Ова е основната линија на расчекорот меѓу граѓаните и партиите. Со егзибициите на партиите, практично, цивилното општество (граѓанството) е ставено пред СВРШЕН ЧИН – да го прифати договореното, да молчи, да чека, да даде шанса, да имаа трпение и така натаму, сè до недоглед, сè додека не папса…

Ваквиот ексклузивитет во политичката игра, а слободно ќе речам и монополизација на процесот на решавањето на кризата, се разбира дека е неповолен за цивилниот дел. Но, од друга страна, крајно време е и цивилниот дел – граѓаните, да престанат да се надеваат дека „Американците ќе ја завршат работата“. Тоа НЕМА да се случи.

Единствено што останува на располагање сега е граѓаните да се наметнат како фактор, конечно. Да формираат свој сопствен НАРОДЕН СУД (TRIBUNUS PLEBIS)!

Тој народен, граѓански суд, ќе етаблира една вистинска правда – цивилно-општествена (civil society justice). Ваквиот суд ќе го пополни актуелниот нормативен вакуум и ќе биде најважниот СИМБОЛИЧКИ ПУНКТ, каде моралот ќе може да навистина да се етаблира.

Ова треба да се изведе по примерот на т.н. Раселов трибунал, од 1967, кој настанал по иницијатива на Бертранд Расел (Bertrand Russell) и Жан Пол Сартр (Jean Paul Sartre), кои како познати филозофи и јавни интелектуалци се нафатиле да покренат симболички обвиненија против криминалот на молчењето (against the crime of silence), а поврзан со кривичните дела од Виетнамската војна. Не само што одржал сесии за темава, Раселовиот трибунал стекнал и меѓународна репутација заради важноста на моралните прашања кои ги отворил. Дотолку повеќе што своите сесии ги одржувал во меѓународен „судски совет“, сочинет од околу 25 реномирани, глобално проминентни јавни личности – се разбира, познати по својот морален кредибилитет.

По примерот на Раселовиот, во Италија во 1970 година е формиран и Постојаниот Народен Суд со седиште во Рим. Симболичка надлежност има за „занемарените, а морално важни теми“, како што се: воените интервенции во третиот свет; правата на домородните народи во Бразил; диктаторството на Маркос-Филипини; корпоративниот капитализам и економската глобализација; итн. Во 2000 година, слично, во Токио јавни интелектуалци и влијателни личности се екипираат околу „затаените“ теми на империјалната јапонска историја, а посебно интересен народен трибунал е оној за инвазијата на Ирак, формиран во Истанбул. Под неговата симболичка надлежност, 54 меѓународно етаблирани експерти сведочеле за улогата на САД, Британија, и корпорациите во окупацијата на Ирак.

Македонското општество е супер-зрело (да не речам скапано е) за еден ваков народен суд, кој нема да има ниту правен ниту извршен авторитет, но ќе има голема морална силина и мека моќ (soft power). Ќе се занимава со темите кои сите ние граѓаните ги знаеме, но ете, поради разни причини нема да бидат процесуирани. Ова во основа е многу важна симболичка иницијатива која иако е без легални капацитети – делегирани „од власта“ и без извршни способности, создадена е за вонредни околности, какви што се околностите во Македонија. Судот ќе се занимава со повредата на општиот човечки морал, кривичните дела на државните органи, геополитичките контроверзи, па дури и со улогата на меѓународната заедница во кризата денес. Во совети ќе заседаваат моралните вертикали на нашето општество, како и пријателите на Македонија од надвор, познати по своите благородни атрибути. Невладините, граѓаните, сите треба да излезат со свои предлози за членови на нашиот Народен Суд – од дома и од надвор. Сесиите ќе бидат јавни, транспарентни и инклузивни, а граѓаните ќе можат да помирисаат правда. Исполнети се сите услови за да се реализира ова: околностите се исклучително вонредни, на кризата не ѝ се гледа крајот, а Македонија е во морален пад.

Да помогнеме!

П.С. На празните лини горе, секој е слободен да ја испише своја пресуда.

Извор: Либертас
На сликите: Мурали од норвешкиот затвор Халден

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото