1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Над 2.600 луѓе излегле во работни денови, во работно време, да најдат една забутана канцеларија на ДИК во Козле каде што не вози автобус, да се потпишат за граѓанска иницијатива за зачувување на зеленилото на населбата Карпош 4. Ова го направиле и покрај тоа што немаше медиумска кампања, и покрај тоа што флаерите што сами си ги принтавме, фотокопиравме и лепевме некои анонимни момчиња организирано ни ги кинеа веднаш штом ќе ги поставевме. Единственото дигање на свест на ова прашање го направивме сами, преку Фејсбук, преку тие кратковечни летоци и преку некои од помалите медиуми кои известуваа за тоа што го правевме. Во меѓувреме, градоначалникот Стевче даваше бесрамни изјави дека сме биле партиски луѓе, организираше ад-хок средби со мали групи луѓе преку други луѓе што се јавуваа до непознати броеви за да собираат граѓани за мини средби без записници, и лажеше дека не бил обврзан да свика граѓански собир, за кој собравме дополнителни 2.450 потписи и за кој има законска обврска да го свика.
Што не сака Стевче да направи? Да го врати предлог ДУП-от во фаза на јавна анкета.
Што има во предлог ДУП-от? 11 надземни, 8 подземни паркинзи, 3 станбени згради со 350 стана, и 3 деловни згради.
Зошто градоначалникот лаже по медиумите? Оти е извежбан политичар што знае како да го прави тоа, и оти очигледно му е страв дека ќе успееме да му ги поматиме градежните планови.
Јас мислам дека 2.600 мотивирани луѓе од цел Карпош се многу голема бројка. И дека без разлика дали граѓанската иницијатива формално успеала или не, советниците и градоначалникот се должни да го земат ова големо незадоволство предвид.
А ние продолжуваме понатаму. Многу сме, преку глава ни е, и не го даваме Карпош 4, не го даваме Карпош, не го даваме Центар, не ја даваме Кисела вода. Сите што сакаат или поддржуваат сечење дрва, нека имаат предвид дека си ја сечат гранката на која седат.
Вам совесни, благородни, чисти и умни луѓе многу ви благодарам. А вие други што лажете, оцрнувате и ни го уништувате градот за нечии лични цели – мрш. Никој не ве сака.
Извор: Фејсбук профилот на авторката