50 години полски театарски плакат

02.10.15 12:17

ОД ДОСТОЕВСКИ ДО МРОЖЕК – 50 ГОДИНИ ПОЛСКИ ТЕАТАРСКИ ПЛАКАТ - изложба на полски театарски плакати во фоајето на Македонскиот народен театар во Скопје. Отворање на 4 октомври 2015 година во 20 часот. Изложбата ќе трае до 23 октомври 2015 година.

 

2015 година е специјална година за полскиот театар, бидејќи во тој период има неколку важни годишнини поврзани со историјата на полскиот театар. Тоа се 250 години од полскиот театар и дејноста на Народниот театар, а исто така и две годишнини од раѓањето на двајца истакнати театарски творци – 130-годишнина од раѓањето на Станислав Игнаци Виткјевич „Виткаци“ и 100-годишнина од раѓањето на Тадеуш Кантор.

Полскиот Народен театар бил основан во 1765 година, а полскиот уметнички плакат настанал во 1899 година, кога бил создаден плакатот Ентериер од Станислав Виспјањски.

На изложбата се презентирани дела од најистакнатите полски автори на плакати, коишто заедно се дел од феноменот наречен „полска школа на плакатот“, основана во втората половина на XX век. Во неа спаѓаат, меѓу другите, и Хенрик Томашевски, Тадеуш Трепковски, Ерик Липињски, Роман Ќешлевич, Јан Леница, Јан Млодожењец, Франќишек Старовјејски, Валдемар Швјежи, Валерјан Боровчик, Војќех Замечник, Војќех Фангор, Јулијан Палка, Марјан Стахурски, Виктор Гурка, а подоцна Рафал Олбињски, Вјеслав Валкуски, Виктор Садовски, Јежи Черњавски, Стасис Ејдригевичиус, Јан Савка и Роман Каларус.

Тоа се плакати што стилистички се издвојуваат, но се штедливи по форма и лапидарни, честопати иронични, внесуваат новаторски шрифт и графички решенија. Карактерот на творештвото на полските автори на плакати е дефиниран како стил „на независноста и остроумноста“.

Организатор на изложбата е Амбасадата на Република Полска во Скопје во соработка со Македонскиот народен театар и со Музејот на плакати во Виланув. Сите плакати презентирани на изложбата потекнуваат од збирката на Музејот на плакати во Виланув, кој е дел од Националниот музеј во Варшава.

ОкоБоли главаВицФото