Срце или џеб?

02.10.2015 12:43
Срце или џеб?

Во принцип немам никаков проблем со тирадата на нашион Милчо национале дека „за да снимиш филм треба да имаш срце“. Секој има право на свој поглед на нештата. Иако, да бидам искрен, мислев дека за филм треба да имаш и некои други нешта, на пример – пари. Ама изгледа нашиве филмаџии лесно доаѓаат до нив па срцето им е поголем проблем? Но, од друга страна, мислам и дека ние, во глобала, со „срцата“ немаме особени проблеми и дури ги има(в)ме и отповеќе. Барем според тоа колку филмови се снимаат во земјава. Нам треба некој да ни каже што треба да се има за да се биде Уметник. Тоа ни е поголем проблем, а филмови – колку сакаш. И пари, особено кога ги дава Владата, онака, под рака и преку ред, како и орденон на Буш Јуниор. И мислам дека, особено кај „филмаџииве“, срцето е одамна престорено во – џеб. И тоа длабок, прилично!

И ова, пак, ме враќа на Најчевска: од толку филмаџии, писатели, сликари, музичари, културњаци … колку вистински уметници и професионалци имаме? Онакви кои би можеле/смееле на министерката за (не)култура да ѝ го кажат тоа што навистина го мислат за нејзините (не)културни политики, а не да се смешкаат ко луд на месечина. Да кажат и што треба да се има за да се биде Уметник – па и професионалец, ако сакате – во вистинската смисла на зборот, па отворено да се проговори за состојбите во културата и уметноста кај нас? Односно, што навистина треба да се има за да се биде претседател, премиер, министер, директор … или баш секоја неделкана будала кај нас е родена (и) за тоа? Или: како после цели десет години на театарската сцена се прекинува поданичкиот молк кај нас и се појавува претстава како „Време на забава“ на Бузалкова (во којашто „игра“ и минатиот пат цитираната Најчевска, во улога на балерина)? И зошто во една таква претстава нема ниту еден, ама баш ниту еден од оние омилени на власта и на по некој „писател“ фаворити и фаворитки што врескаат по партиски митинзи, (а сега тоа ќе можат да го прават и пеејќи ја славната им синдикална химна)? Дали ова значи дека во Македонија сепак МОЖЕ да се чуе и друг културен, творечки глас освен режимскиот и поданичкиот, ама неопходен е сериозен ангажман, а не само – срце? Тој тип на критичка творечка активност секако не е забава, иако насловот на спомнатата претстава упатува на тоа. Или – можеби им било навистина забавно да ја подготвуваат претставата? Прашање е колку е навистина забавно да се подготвува претстава без пари бидејќи, како што вели режисерката, им било јасно дека „…не ни смееме да конкурираме за пари од државата, ако сакаме да имаме навистина тотална слобода да го направиме она што сме го замислиле“.

И тоа можеби е еден од цврстите џокери со којшто се оправдува молкот на малодушната македонска култура во вакви времиња на „забави“ – немањето пари! Кога во една земја сите пари, па и културните, алчно ги држи една партија и ги арчи преку министерката за (не)култура на нивни потреби, не секој, велат, е подготвен личниот бунт, или барем несогласување со актуелните (не)културни политики, да ги искажува на сопствен трошок. И патем да ризикува уште години да биде на некоја/нечија црна листа (за којашто сите, нели, велат дека не постои!).

Се разбира дека егзистенцијалниот колапс – кај нас одамна дојден до точката на живуркање односно голо преживување – е проблем што во културата и уметноста е можеби најизразен. Поточно, кај нас секогаш и бил, иако никогаш до оваа мерка. И познато е дека во отсуство на вистински културен/уметнички пазар, или милје, како сакате, и кога сè што се случува во државата на планот на културата е горе-долу (пре)платено од страна на властодршците, кои и да се, не е лесно да се крева гласот против оние што плаќаат. Дури и ако тие плаќаат со туѓи односно со наши пари (а некои будали понизно ги нарекуваат мецени!). Но спомнатата претстава, како и неколку други (за жал малубројни) пројави низ годиниве (на пример, ми паѓа на ум активноста на „Кооперација“ и редица слични творечки „колективи“), коишто оформија интересна независна (свесно го одбегнувам префорсираниот поим андерграунд) уметничка сцена (барем во Скопје, но и во Битола, па Струга итн.), говорат дека може и поинаку. Односно, во контекстот на темата за (не)чинењето како соучесништво, таа сведочи дека македонската култура сепак не е мртва, дека не с(м)е сите соучесници во злосторството. Или, ако сакате, ако најголемиот дел од македонската култура и уметност премолчено ја прифаќа улогата на лабораториското глувче со кое идиоти си прават партиски експерименти накарадно наречени култура, ако најголемиот дел од македонските творци прифаќаат да бидат дневни аргати на неписмени газди, убаво е да се види дека има и некои гласови во тој хор што пеат атонално, дури фалшираат (според гледањето на етаблираната „култура“), само за да покажат дека се живи, дека се тука. Е за тоа треба срце, помеѓу останатото!

Ако една интелигенција не сака да ја земе сопствената и општата судбина во свои раце, ако професионалците во администрацијата, и пошироко, не се способни да се изборат за својот стручен збор и став туку десет години се (о)ставаат под команда на кловнови, тогаш дефинитивно го губат правото да бидат нарекувани со тоа звучно име. Таа интелигенција односно таа социјална, интелектуална, културна, творечка и економска елита мора да биде идентификувана низ нејзиниот неспорен интегритет, цврста моралност, непоколеблив дигнитет и принципи ако сака земјата да има верба во неа. Ако тие не се совеста на едно општество, ако не се чувари на моралниот компас на народот, тогаш – што се? Замолчена и поткупена безлична толпа којашто се движи според насоките на властодршците? Тоа ли е примерот (не само) за нивните деца, за идните млади генерации? Или фактот дека нашето „независно“ новинарство дури денес, после толку години, „открива“ дека имаме целосно партизирана администрација? И со новинарите едно чудо „експерти“ дури сега гледаат дека таа администрација не е професионална туку е само сервилна и ништо повеќе? Можеби им требаат уште десетина години за да се доразбудат и откријат и дека повеќе немаат ниту држава?!

Знам, звучи премногу морализаторски, ама ние сме стасани до тоа дереџе. Дојдовме до фазата кога со гадење и презир гледаме на довчерашните ведети на научната, културната, уметничката, интелектуалната мисла во Македонија, кога луѓето си прават мајтап со највисоките македонски институции од реномето на една МАНУ, или Универзитетот, или судството или…! Таа интелектуална елита, тие професионалци со години плаќани од државниот буџет, прво, го поплукаа некогаш идеализираниот систем што до вчера (некои дури и гордо!) го градеа, за да денес се обесат на вратот на други – а всушност идентични, само понеписмени – властелини кои тотално го криминализираа македонското општество и урнисаа сè по ред. Или, ако сакате, во што е разликата помеѓу оние осумдесетина „народни“ пратеници кои секојдневно креваат рака „за“ продолжување на животот на ова злосторничко здружување, и оваа безимена толпа што континуирано молчи безмалу десет години?

П.С.

Ако е точно, а немам причина да не му верувам на Героски, дека во тимот на спец-обвинителката се нашла и таа „професионалка“ која го притворила Кежаровски, тогаш во мојата теза за нечинењето како соучесништво доаѓаме до уште еден апсурд: дека токму чинењето – и тоа она најотворено, најподаничко соучество во македонските злостори – се покажува како одлична препорака, дури доблест, и за времињава во коишто се надевавме на промени. Па тогаш, зошто воопшто нешто да се менува? Најевтино е сè да си остане по старо! Господ на помош!!!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Danny Galieote

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото