Умоја - селото без мажи

02.10.2015 16:13
Женско село во Кенија како одговор на машкото насилство

Кенија е земја оптоварена со проблемите на сексуалното насилство и родовата нееднаквост. Според една анкета од 2010 година, 32% од девојчињата во Кенија биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години.

Според УНИЦЕФ, 27% од девојките во Кенија се подложени на осакатување на женските гениталии, а 26% влегуваат во брак пред да наполнат 18 години.

За девојчињата кои живеат во руралните делови на земјата, ситуацијата често е и полоша. Сиромаштијата често ги принудува семејствата на преземање на очајни чекори, па склопувањето на детските бракови поради недостаток на пари или стока е речиси нормално. Иако првично таквото решение било замислено како засолниште за жртвите на силување, денес селото Умоја денес им обезбедува засолниште на жените кои сакаат да избегаат од секаков вид на насилство, без разлика дали станува збор за силување, семејно насилство, генитално кастрирање или малолетнички брак.

Умоја се наоѓа на околу 370 километри северно од главниот град Наироби. Селото е опкружено со трнливи грмушки и постои забрана на пристап за мажите. Селото е основано во 1990 година од страна на група од петнаесет жени кои биле силувани. Денес Умоја брои 47 жителки и 200 деца кои создале целосно самоодржлива заедница.

Жените го водат кампот за туристи, продаваат рачно изработен накит и други ракотворби и одржуваат едукативни перформанси во околните села со цел да ги запознаат и другите жени со правата кои ги имаат. Не само што жените заработуваат од своите активности, туку истовремено го откриваат чувство на самодоверба која дотогаш ја немале.

„Научив да правам работи кои на жените обично им се забранети. Дозволено ми е да заработувам свои пари, и кога туристите ги купуваат моите ракотворби, јас сум многу горда“, изјавила една од жителките на селото.

Основачката на Умоја, Ребека Лолосоли, дошла до идејата за основање на село кое ќе биде исклучиво за жени додека лежела во болница заздравувајќи откако била претепана од група мажи поради тоа што се залагала за правата на жените. Приказни како нејзината не се реткост, затоа што жените немаат никакво влијание на прашањата кои се однесуваат на управувањето со селото и често страдаат доколку се осмелат да го искажат своето мислење или да застанат во одбрана на нивните права.

Многу од жителките на Умоја наводно биле силувани од страна на британските војници во Кенија во текот на изминатите четири децении од воената соработка помеѓу двете земји. Околу тоа партнерство се дискутираше на почетокот на оваа година, откако кенискиот претседател Ухуру Кениата се заканил со откажување на партнерството доколку на обвинетите војници не им се пресуди според законите во Кенија.

И додека многу жени од Умоја велат дека „не можат да го замислат животот со маж“, некои од нив по животот во селото, велат дека сè уште им се допаѓаат мажи и дека сакаат да имаат деца. Во нивната култура, за една жена е многу поважно да има деца, отколку да биде во брак. Бројот од 200 деца кои моментално живеат во селото, покажува дека жените продолжуваат да бараат врски надвор од селото, а тоа е факт кој ги радува мажите од околните села.

„Да имате деца и да бидете немажена, не е добро во нашата култура“, рекла една жителка, млада мајка на пет деца. „Но, уште полошо од тоа е да немате деца. Без деца, ние сме ништо“.
Очигледно е дека многу од нив доста добро се снаоѓаат без мажи. Во тој контекст, Сеита Ленгима, една од постарите жителки на селото, изјавила дека надвор од селото, мажите владеат со жените, и не може ништо да се промени, додека во Умоја, жените имаат слобода.

Извор: www.e-novine.com

 

Слични содржини

Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото