Грчката мафија ја призна македонската мафија под уставно име

03.10.2015 11:40
Грчката мафија ја призна македонската мафија под уставно име

 

Скопје, 3 октомври 2015

 

Oд утре и грчката мафија ќе се најде на списокот на организации кои официјално ја признаа нашата мафија под уставното име. Грчката мафија им се приклучи на останатите мафии кои сметаат дека спорот за името на Македонија со грчката држава е билатерален спор кој не треба да влијае на мафијашките односи меѓу овие две мафијашки пријателски земји.

 

Грчката мафија и официјално ја призна македонската мафија под нејзиното уставно име. Шефот на грчката мафија, денеска, како што соопштуваат извори блиски до оваа криминална организација, упати писмо до шефот на македонската мафија, господинот господин Грујо Николовски, со кое официјално ја известува јавноста оти од утре грчката мафија ќе ѝ се обраќа на македонската под нејзиното уставно име – македонска мафија.

Во писмото, меѓу другото, шефот на грчката мафија, Јоргос Грујос, нагласува дека високо ја цени соработката меѓу овие две криминални организации. Во поновата историја, се вели во писмото, грчката и македонската мафија соработуваа на многу прекугранични проекти, како што се криумчарење луѓе, стоки, дрога, оружје и антички капители. Токму таа соработка придонесе за зближување на овие две насушни организации, а нивната меѓусебна поддршка доведе и до признавање на македонската мафија под уставното име.

Грчката мафија, се вели на крајот од писмото, ќе се погрижи македонската мафија да влезе во европското семејство на мафии по што, како што пишува Јоргос Грујос, ќе се отвори патот за напредок и понатамошна соработка со мафиите од другите европски земји.

Да потсетиме, македонската мафија досега под уставно име е призната од страна на албанската, српската и бугарската мафија, како и од страна на неколку европски мафии, меѓу кои и германската.

Оваа најнова одлука, како што велат извори од засолништето на Грујо Николовски, кое се наоѓа на непозната локација, претставува уште еден доказ за исклучително добрите односи меѓу овие две мафии и претставува своевиден пријателски гест во насока на продлабочување на соработката меѓу двете криминални организации.

Слики: Свирачиња