1031 hPa
48 %
16 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 15:59
На 2 октомври во Отвореното графичко студио на Музејот на Град Скопје беше отворена изложбата „Цртежи кои никогаш не би ги изложил“, на македонскот уметник Владимир Лукаш, која ќе биде отворена до 12 октомври.
Посетителите на изложбата беа повикани директно да (со)учествуваат, одбирајќи ги своите фаворити меѓу купот од стотина цртежи оставени на една маса, и самите да ги закачат на празните ѕидови.
Додека траеше „запознавањето“ на публиката со цртежите, Владимир Лукаш свиреше со својот бенд, давајќи музичка подлога која создава донекаде психоделична атмосфера.
За посетителите кои се љубители на класична салонска изложба, иронично, беше обезбеден галериски простор од еден метар квадратен, на кој беа закачени неколку врамени цртежи.
Меѓу огромниот куп цртежи, навидум без некакво НЗС, сепак беа забележливи неколку линии кои ја омеѓуваат поетиката на Владимир Лукаш: хуморот, бизарноста, коментарот на актуелни теми од политиката, уметноста, културата, активизмот, одредената доза инфантилност, како и ангажираноста, но постојано проткаени со иронија и автоиронија, која всушност претставува и одреден вид рамка на целата изложба, што е видливо и од нејзиниот наслов.
Освен на ликовниот израз, Лукаш во голема мера се потпира и на насловот на цртежите и текстот со кој тие се зачинети. Така, меѓу мноштвото цртежи ги среќаваме „Студентот кој ја хејташе автономната зона“, „Цртеж кој нема да му се допадне на Небојша Вилиќ“, „Невидливата текстилна работничка“, „Антички манијак (посветено на Ацо Станкоски)“, „Словенска неписменост“, „кај што ти е ѓубрето, таму ти е домот“, „Портрет на задоволен Македоноид“, „Зад оваа маглина спие голиот и збунет Ѓорге Иванов“...
„Публиката мора да биде забавувана и возбудена, нешто што најчесто го нема во типичните салонски изложби со изгланцани подови и врамени дела забранети за допирање“, пишува Нита Муча во освртот кон изложбата. А, судејќи според атмосферата и заинтересираноста на посетителите да учествуваат во создавањето на изложбата, Владимир Лукаш дефинитивно успешно ја заврши замислената мисија.
Подолу претставуваме дел од цртежите кои беа застапени на изложбата.
Фотографии од изложбата: Роберт Атанасовски