Едукација и акција за промоција на женските права: повик за учество на Школа за феминизам

05.10.2015 02:43
Едукација и акција за промоција на женските права: повик за учество на Школа за феминизам

Во рамките на проектот „Едукација и акција за промоција на женските права“, го објавуваме следниот повик на школата за феминизам:

Актуелните медиумски репрезентации и доминантните институционални и политички расправи ја карактеризираат нашата денешница како време во кое глобалната историска борба за правата на жените е добиена битка и родовата еднаквост е остварена и присутна во секоја сфера на општествениот, политичкиот и културниот живот. Потребата од остра, продлабочена и интензивна критика која би продрела во коренот на проблемите произлезени од родовата поделба, уредување и организација на општествениот живот се чини како слика на минатото што денес со гордост го изучуваме како историска епизода и завршена приказна.

Меѓутоа, состојбите на пазарот и поделбата на трудот, културните репрезентации, распределбата на моќ, организацијата на општествените институции, глобалните миграции и родово организираната мобилност на работната сила и вреднување на трудот, сè уште закоравените стереотипи во поп-културата, и цврстата и нормализирана поделба на родовите улоги во бипартитниот родов систем, укажуваат на фактот дека сексизмот, мизогинијата и родовото насилство сè уште демнат во секој агол од медиумите, интернетот, и се разбира, во семејниот, општествениот и политичкиот живот. Стигматизацијата и негативните „кампањи“ насочени против феминизмот, кои истиот го банализираат претставувајќи го како движење што има за цел мажите да ги подреди на жените, и против сите индивидуалки и активистки кои своите политички заложби ги дефинираат како феминистички, се најдобар пример за анксиозноста и предрасудите на конзервативниот и паланечки општествен ум наспроти феминизмот како мислење, движење и критика на доминантните општествени модели на организација на половиот живот.

Мотивирани од оваа состојба, ние, активистките од Тиииит! Инк.“, „ЛезФем“ - Хелсиншки комитет за човекови права“, „Бори се женски“ и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, решивме да организираме Школа за феминизам, со цел да поттикнеме проблематизирање на овие предрасуди и дилеми, како и критичко промислување на општествените активности и нивните обмислувања и модели во правец на родова еднаквост и трансформација.

Школата ќе се одвива од октомври 2015 до јуни 2016 и ќе се состои од 8 предавања, кои ќе се занимаваат со општи теми од историјата на феминизмот со цел да се образложи потребата од феминистичко промислување на јавните политики или различните типови на насилства извршувани врз жените, но ќе покријат и прашања кои ги адресираат проблемите поврзани со застапеноста, третманот, претставувањето и односот на жените и родот во/со бизнисот, технологијата, политиката или поп-културата, односно проблемите и предизвиците специфични за жените што се ангажирани и работат во традиционално „машки“ средини.

Предавањата ќе ги водат активистки или феминистки од земјата и регионот кои имаат обемни познавања од феминистичката теорија, како и солидно активистичко искуство и ќе бидат придружени со дебати, дискусии и проекции на играни филмови и документарци.

Сè што треба да направите доколку сакате да научите повеќе за феминизмот и да дознаете зошто борбата за женски права е во сржта на секоја борба против расна, класна, родова или сексуална опресија е, најдоцна до 18 октомври 2015 година, да ни пратите електронска порака со своите податоци (име и презиме, возраст, професија и место на живеење) на: stravodfeminizam@gmail.com и во 50-100 зборови да ни објасните зошто би сакале да учествувате во предавањата.

Проектот „Едукација и акција за промоција на женските права“ на Тиииит! Инк. е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.

ОкоБоли главаВицФото