ВМРО-ДПМНЕ не треба да се победи на избори!

05.10.2015 10:12
ВМРО-ДПМНЕ не треба да се победи на избори!

Внимателно ја следев годишната општа дебата на Генералното собрание на Обединетите Нации, во понеделникот на 28 септември, кога претседателите на највлијателните држави на светот дискутираа за проблемите пред кои се исправени нациите и целото човештво. Говорите беа полни со предлози за решавање на многуте општествено-политички кризи што во зорите на 21-иот век произведоа неочекувано многу човечки трагедии. Немаше говор во кој не беа истакнувани хуманите и моралните вредности за чиешто остварување е неопходно обединувањето на целото човештво, и во секој говор се инсистираше на употребата на здравиот разум и моралност како единствен начин за решавањето на кризите во светот. Не дека беше успивно ова бамборење на боговите од светскиот Олимп, но чувствував дека огромната бездна помеѓу светот на вредностите за коишто тие проповедаа и ужасот на вистинската реалност што пролева крв и солзи по светот, несопирливо ми го одвлекува вниманието од зелената мермерна говорница... Туку наеднаш, ме разбудија многу блиски и познати зборови изговорени од Претседателот на Франција Франсоа Оланд, кога тој го подигна гласот зборувајќи за единствениот можен пристап во решавањето на сириската криза. „Не можете да ги ставите заедно (на иста маса) жртвите и луѓето што ги убиваат... Асад е причината за проблемот, и затоа тој не може да биде (дел од) неговото решение“, рече категорично Оланд. Опаа?! Значи, овие универзални начела на моралноста, правичноста и здравата логика што меѓународната заедница ги истакнува како апсолутни во случајот на Сирија, воопшто не важат во случајот на македонската политичка криза? Зашто, апсурден но и до болка очебиен факт е дека таа иста меѓународна заедница веќе со години делува спротивно на овие универзални етички и логички принципи во решавањето на нашата фашистичка голгота, упорно овозможувајќи му на Груевски – злосторникот што е фатен на дело – да седи на иста маса со неговите жртви, и да ја игра клучната улога во „разрешувањето“ на државно-политичката криза што самиот ја предизвика уништувајќи ги демократските институции и криминализирајќи ја целата македонска држава?

Зошто ми беа толку познати зборовите на Оланд? Затоа што ги изговорив и напишав безброј пати овие години, во кој знае колку варијанти, секогаш на истата тема: дека не смеат да се организираат „неморално симетрични преговори на зелена маса, помеѓу злосторниците и жртвите“, и дека „во процесот на департизацијата и возобновувањето на демократијата не може да учествува партијата што ги окупирала државните институции (ВМРО-ДПМНЕ), зашто таа е извршител на злосторството, таа е суштината на проблемот кој може да се реши само со нејзина политичка и институционална екстракција“. Вакви цитати имам – од летото 2013 до денес – повеќе дузини, но признавам, не очекував дека ќе ме цитира и претседателот Оланд, и тоа од говорницата на Обединетите Нации! Шегата настрана, претпоставувам дека никој не може да ја негира апсолутната исправност на ставот дека е апсурдно на злосторникот да му се препушта самиот да го обезбеди своето казнување, исто како што е длабоко неморално, дури вон памет, да се воспоставува симетрија помеѓу злосторниците и жртвите. Но, токму тоа меѓународната заедница го направи пролетта 2013, кога измисли комисија симетрично составена од злосторници и жртви, што требаше да утврди што се случило на 24 декември 2012 година, кога е изведен школски пример за партиско-полициски пуч со суспендирање на парламентарната демократија во библиската земја. На секој нормален му доаѓаше да си ја треска главата од маса, кога меѓународната заедница аранжираше апсурдна пародија за јавноста, во која еден кристално јасен настан што беше снимен и дистрибуиран по медиумите низ целиот свет, едно очигледно и брутално полициско укинување на парламентаризмот, ја прогласи за нејасна и магловита! И, потоа, единственото решение што ѝ го наметна на библиската нација со посебни потреби, беше да ја престори јасната слика за парламентарниот пуч во нејасна жолтокафена дамка на истуткана палома хартија, како финален резултат од повеќемесечната работа на комисијата.

Ова лето, таа иста меѓународна заедница, повторно во улога на акушерска сестра што рутински пораѓа мртвороденчиња, креираше нов процес на бирократско-процедурална мистификација и седација (до успешно умртвување) на едно автентично продемократско антивладино граѓанско движење, што излезе да собори еден мафијашко-партиски авторитаризам од најдолен тип. И, што направи овој пат меѓународната заедница? Ја оддалечи и растегна автентичноста на звучните сведочења за злосторите на власта во временски распоред наречен Пржински договор, во кој единствените ефективни одредби ја обврзуваат само опозицијата да престане со емитирање на прислушуваните разговори што ја инкриминираат власта и да се врати во парламентот за да учествува (заедно со криминалниот режим) во глумењето демократија. Добро, ќе речете, со договорот и власта се обврзува на многу тешки отстапки, како на пример, дека ќе дозволи избор на анонимен специјален обвинител и анонимен министер за внатрешни работи и уште неколку анонимни министри и заменици кои ќе работат со двоен (или троен, можеби четворен?!) потпис, значи нема да можат ниту теоретски да направат што било за да го сменат системскиот амбиент до изборите во април идната година. Токму обратно од зборовите на претседателот Оланд, меѓународната заедница не само што го стави злосторникот Груевски на маса да преговара со своите жртви, туку му обезбеди и структурална предност да го искористи целото време до изборите и сите ресурси на македонската држава за својата изборна кампања, и, на крајот, да ги организира следните избори во неизменет (или недоволно изменет) тоталитаристички општествено-политички амбиент. Секоја чест, мајстори! Аферим!

Веќе навистина не знам кога ќе сфатиме дека македонската општествено-политичка криза е системска болест во која се заболени сите институции на државата и дека моралниот аспект на оваа библиска голгота е самата срж на проблемот? До излекување на општеството може да се дојде само преку морална катарза во која злосторниците ќе бидат казнети и исфрлени од политиката и од општеството, а нивните дела ќе бидат јавно, институционално и унисоно прогласени за криминал, за нешто лошо што не смее да се прави никогаш повеќе! Пред какви и да е нови избори, секому мора да му биде јасно дека ВМРО-ДПМНЕ го сторила најголемиот злочин против демократијата и нацијата: таа ја лажираше и криминализираше целата македонска држава! Затоа, Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ не треба да се победат на тоталитарни или на какви и да е фалични избори, туку единствено преку одземањето на мандат за неуставно владеење, казнувањето на сите одговорни за уништувањето на македонската демократија и, конечно, преку нивното исфрлување од политиката, да, да, преку нивната лустрација и забрана за учествување во јавните работи. Внатрешниот окупатор не треба да се победи на избори, не затоа што е тоа невозможно, туку напротив, затоа што е непожелно, зашто неговото учество на изборите ќе биде злоупотребено како системска аболиција на македонската внатрешна фашистичка организација за злосторите направени врз македонските граѓани, врз македонската култура и врз македонската демократија. А тоа, да можеме, не би требало да го дозволиме, нели?

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Јосифовски