Бел Хукс: Феминизмот е за сите

05.10.2015 11:39
Бел Хукс: Феминизмот е за сите

„Визионерскиот феминизам е мудра и љубезна политика. Вкоренета е во љубовта на машкото и женското битие, одбивајќи да го привилегира едното над другото. Душата на феминистичката политика е посветена на спречување на патријархалната доминација над жените и мажите, девојките и момчињата. Љубовта не може да постои во однос кој е базиран на доминација и сила. (...) Вистинската феминистичката политика секогаш нè води од ропство кон слобода, од состојба без љубов до љубов“.

Љубовта во акција, која ги предизвикува, провоцира и ги плаши читателите, која ги поттикнува да го избистрат умот и да размислуваат надвор од зададените модели, е местото каде што започнува револуционерното дело на американската теоретичарка Бел Хукс, родена како Глорија Жан Воткинс, на 25 септември 1952 година во Хоупсвил, Кентаки, како една од најпознатите постмодернистички авторки, феминистка и социјална активистка, чија основна дејност претставува расветлувањето на испреплетеноста на поимите како што се пол, раса, класа, но и љубовта и заедништвото.

Со повеќе од триесет книги, статии, предавања и други јавни настапи, Бел Хукс создаде значаен корпус на текстови кои се фокусираат на односот меѓу феминизмот, сексуалноста, образованието, медиумите и уметноста, како дел од титанскиот потфат на непрестајно укажување на различните системи на угнетување, формите во кои тие се појавуваат, но и начините на кои тие можат да се победат и надминат.

Израсната во семејство од работничка класа, по дипломата и докторатот по англиски јазик и книжевност, својата научна и професорска кариера Бел Хукс ја започнува со предавање на Универзитетот во Северна Калифорнија, каде ја објавува својата прва книга, збирката песни And There We Wept (1978), под псевдонимот под кој подоцна ќе стане позната, инаку името на својата баба, „елегантна и смела со јазикот“, квалитет кој и самата неминовно го поседува. Со пишувањето на своето име со мали почетни букви, одлучила да се разликува од својата баба која толку многу ја почитувала, и да потенцира колку текстовите се важни за нејзината работа, но не и која е таа.

Три години подоцна ќе биде објавено првото од нејзините најзначајни дела, книгата Ain't I a Woman?: Black women and feminism, именувана според познатиот говор на аболиционистката и пионерката на феминизмот, Соџоурнер Трут. Во оваа книга Брукс се соочува со прашања кои ќе ја окупираат и во идните дела, како што се негативното влијание на расизмот и сексизмот низ историјата, кои за време на ропството предизвикале екстремна маргинализација и деградација на црните жени во американското општество, што се одразува и на начинот на нивното медиумско портретирање. Хукс смета дека карактеризација на црната женскост е длабоко вкоренета во негативната, анти-женска митологија, но и покрај тоа е темел на повеќето анализи на црното женско искуство.

Поради тоа, за црните жени е практично невозможно да развијат позитивно самоспознавање, со оглед на угнетувачка сила на стереотипите стари со векови и прифаќањето на нивните модели како начин на живот. Артикулирањето на потребите на сиромашните и на жените кои не се бели не помогнало, а не помогнал ниту феминизмот во 1970-тите години, кој како доминантно движење на жените од средната класа само дополнително го интензивирал сексизмот, расизмот и класните предрасуди:

„Очигледно е дека многу жени го присвоиле феминизмот за да им служи за нивните сопствени цели, особено оние бели жени кои биле на чело на движењето. Но, наместо да му се препуштам на ова присвојување, одлучувам повторно да го преземам терминот 'феминизам', фокусирајќи се на фактот дека да се биде 'феминистка' во автентична смисла на зборот, значи да им се посакува на сите луѓе, мажи и жени, ослободување од моделите на сексистичките улоги, доминации и угнетувања“.

Децении по објавувањето, ова дело изврши големо влијание врз современата феминистичка мисла, а на Хукс ѝ ја обезбеди позицијата на еминентна политичка и културна критичарка, позиција која таа ја потврди една година подоцна со книгата Feminist Theory: From Margin To Center.

Користeјќи концепти како што се бела надмоќ, капитализам и патријархат, таа изнесе критика на американското општество и ја истакна важноста на неговата целосна трансформација, како единствен начин на кој постигнувањето на еднаквост може да стане можно. Со повторното укажување на немоќта на вториот бран на феминизмот да ја препознае меѓусебната поврзаност на полот, расата и класата во општото угнетувањето на жените, важна карактеристика на нејзините анализи стана интерсекционалноста, како студија за испреплетеноста на различните форми на дискриминација, со која има тенденција да се нагласи важноста на црните жени во феминистичкото движење, но и разновидноста на искуствата на сите жени воопшто.

Критиката ја проширува и врз затвореноста на движењето кон мажите, чие исклучување дополнително го зацврсти фундаменталниот конфликт меѓу половите, но и родовата поделба на трудот и претставува препрека во борбата против сексизмот во која жените можат да им помогнат само на мажите кои активно учествуваат во движењето.

За ширење на феминизмот како движење, од суштинско значење е истовремено да биде активистички, но и интелектуален, на начин кој е разбирлив и достапен за сите, што може да се постигне само со надминување на бариерите во образованието.

Образованието и педагогијата исто така се приклучуваат на важните области на делување на Бел Хукс, која и самата потекнува од сиромашно семејство и успева да се искачи високо на скалилата на образованието, преминувајќи од расно сегрегирано, во интегрирано училиште, а подоцна и на факултет и докторски студии. Своите искуства преку анегдоти ги презентира во збирката есеи Teaching to Transgress: Education As the Practice of Freedom (1994.), со својот прв голем труд од областа на образованието, со кој се залага за спроведување на прогресивна педагогија која ја нагласува важноста од зајакнување, самореализација и постигнување на лична благосостојба.

Сметајќи ја писменоста за есенцијална за идниот развој на феминистичкото движење, Хукс во неа гледа алатка за вклучување на маргинализираните и дискриминирани индивидуи во процесот на развивање на критичка свест, која ќе им овозможи да ги артикулираат своите позиции во сферите на политиката и пазарот на трудот. На тој начин образованието е сфатено како практикување на слободата, она кое преку отвореноста на срцето и умот ќе ни овозможи да ги преминеме сите граници.

И токму таа можност, непотиснувајќи се да се развиваме на позитивен и конструктивен начин, го формира јадрото на правдата која е услов за љубовта, како клучна состојка на патот кон исцелувањето, закрепнувањето од раните на родовите и расните предрасуди, и изградбата на личност која веќе не е само жртва, туку силна алка во ланецот на промените:

Љубовта доаѓа и вели: „Не постои разлика кој не би можела да се разбере. Не постои конфликт кој не може да се реши. „Така љубовта станува голема, голема закана за формирање на секоја култура на доминантното размислување и доминантното општество“.

На овој начин, на љубовта, но и на идејата за заедништво, ѝ се приклучуваат писменоста и критичкото размислување во борбата за надминување на половата, расната и класната нееднаквост, кои формираат долга листа на теми во опусот на Бел Хукс, која ги надминува исклучиво феминистичките рамки.

И покрај екстремната критика што ја придружува нејзиното делување, од страна на конзервативните автори кои ја осудуваат поради неформалниот стил на пишување, до бројните реакции на тоа што Бијонсе ја нарече терористка, интелектуалната работа на Бел Хукс, неограничена од оковите на академската заедница, вклучува огромен број статии, документарни филмови, предавања, јавни настапи, како и профилот на Твитер. Нејзините дела и ангажмани имале и сè уште имаат големо влијание, како на современата феминистичката теорија, така и на пошироката јавност во целина, на што укажува и проектот Feminist Phone Intervention, телефонскиот број кој на несаканите додворувања одговара со нејзини цитати.

Она што од нив одекнува е иновативната критичката свест за интерсекционалноста, системите на угнетување, општествената репрезентација и реструктуирањето на рамките на власта, но и силната верба во можноста за промени преку образованието, заедницата и љубовта.

Извор: www.voxfeminae.net

Слични содржини

Став / Култура / Теорија
Квир / Култура / Теорија
Активизам / Свет
Општество / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото