Промоција на првите 3 книги од новата едиција „Градот“

26.03.2010 15:01
Baner-za-promocija-na-Gradot-na-OKNO.jpg

Кога Гилгамеш, легендарниот сумерски принц и авантурист, се враќал од своите опеани талкања, најпрвин се симнувал во водата на одбранбениот круг околу тврдините и ја завлекувал раката во калта за да провери дали добро се држат темелите на градот.

Веројатно се плашел од тонењето на својот мил град, Урук.

Оваа нова едиција, чии први три книги ги претставуваме, има намера, меѓу другото, да ги преиспитува и чува темелите пред сѐ на нашиот сопствен град, но и духовните темели на градот сфатен како цивилизација, пристојност и толе­рантност. Како што потсетува големиот архитект, урбанист и писател, Богдан Богдановиќ, зборот урбанитет од 14 век па сѐ до денес во повеќето европски јазици го означува истото: артикулираност, стокменост, усогласеност на мислата и зборот, зборот и чувството, чувството и движењето...

Во првите две книги од едицијата „Градот“ застапени се вкупно 27 автори со 31 прилози. Станува збор за следниве автори: Георги Константиновски, Борис Чипан, Јасмина Силјаноска, Ана Ивановска, Минас Бакалчев, Јован Ивановски, Владимир Петрушевски, Небојша Вилиќ, Сузана Милевска, Копач, Арвидас Кртина, Ирена Цветковиќ, Пандалф Вулкански, Мирослав Грчев, Драган Поповски, Влатко П. Коробар, Радмила Шеќеринска, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Мерсел Биљали, Жарко Трајаноски, Дејан Буѓевац, Петрула Костовска, Ана Ангелова, Томислав Османли, Ристо Лазаров, Михаил Токарев, Прва Архи-бригада. Им благодариме на сите нив за љубезноста и за правото текстовите да ги реобјавиме. Им благодариме и на медиумите каде што текстовите првично беа публикувани: Утрински весник, Дневник, Окно, Глобус, Сега, Нова Македонија, Фокус, Капитал, pab.blog.mk и femgerila.crnaovca.mk.

Главен поттик за едицијата е несреќниот проект „Скопје 2014“ пред два месеци, низ видео спот, промовиран од Владата на Република Македонија. Колку тој проект е несреќен и длабински промашен повеќе-помалку зборуваат педесетината текстови објавени во првите три книги на едицијата.

При подготовките на книгиве една од поважните забелешки беше следнава: зошто не ги пренесуваме и ставовите на авторите на проектот и на луѓето кои го одобруваат? Одговорот е прост: авторите на проектот се тајни; нема со кого да се полемизира. А што се однесува до незастапеноста на „другата страна“ има многу причини зашто во книгава ги нема апологетите на архитектонските проекти на ВМРО ДПМНЕ; најголемата причина е тоталитарната природа на актуелната македонска власт. Тоталитарно, во случајов, значи тотално неотстапување од замисленото и наполна игноранција на сите спротиставени мислења, без разлика дали се експертски или едноставно граѓански. Во таквата поставеност на работите, кога власта невидено силеџиски ги наметнува своите политички агенди (многу често тајно, зашто проектот „Скопје 2014“ се одвива од 2006, како што призна Мартин Протоѓер, а се промовира во 2010, како свршен чин) нема никаква логика ионака узурпираниот и корумпираниот јавен простор дополнително да го загадуваме со платените мислења на тезгарошите и на исплашените.

Најпосле, до кога ќе ја тераме таа лажна рамноправност, дека и игнорантот и експертот имаат подеднакво право да коментираат и одлучуваат за важни општествени прашања кои треба да бидат заштитени од политички и популистички манипулации и злоупотреби? Зошто да му дадеме рамноправен простор на некој што го сметаме за деструктивен, глуп и изманипулиран од моќта? Ние, издавачите на книгиве, држиме до тоа дека не се рамноправни сите ставови и мислења, иако сите луѓе законски се еднакви. Како што вели адвокатот Срѓа Поповиќ, секој има право, пред законот, да го соопшти своето мислење, но тоа не значи дека сите искажани мислења се еднакви. Таквата еднаквост не постои. Секогаш ќе постојат подобро аргументирани мислења, како и глупави, пропагандни или празни мислења. Постојат и објективни начини да се процени заснованоста на некое мислење. На пример, кредибилитетот на личноста. Неговата биографија. Неговата стручност. Нивото на општото знаење. Оној што лажел еднаш - голема е веројатноста дека ќе лаже пак.

Всушност, да го парафразираме Поповиќ, она што на извртувачите и на силеџиите најмногу им пречи во нашето мислење е што ние ја носиме вистината за нашиот современ миг, за владеењето на Груевски. Таа вистина е страшна и многумина луѓе би замижале пред таа вистина. Но, замижувањето нема да нѐ спаси. Напротив. Тоа мижење (од страв, од комфор...), само ќе го зголеми нашето пропаѓање. Заради тоа и решивме не само да не мижиме туку и отворено да зборуваме за она што го гледаме и чувствуваме.

Ја покренуваме оваа нова едиција на граѓанскиот отпор и зашто се обидуваме да го ширеме учењето дека главната карактерна црта на слободниот граѓанин, според Хана Арент, е храброста; но не исклучителниот хероизам на Ахил или дури дрската неустрашивост на некои од нашите партизани, туку просто секојдневната спремност да се напушти „приватното засолниште” и да се говори и дејствува во јавноста, да се раскрива и изложува сопственото мислење. „Храброста е политичка доблест од највисок ред, но тоа не е онаа храброст која стои наспроти кукавичлакот туку повеќе онаа која стои наспроти стравот од неизвесното.”

Никола Гелевски,

Уредник на едицијата „Градот“

едиција за градот

Секоја чест за идејата и остварувањето! Што се однесува до прашањето за евентуално отстапување простор на наводната апологетска страна - мислам дека не е ни потребно да ги применувате критериумите што ги спомнувате. Дури, можеби и подобро да не ја исклучувате таа страна во начело. Но, зарем воопшто постои некаква пристојно стокмена, со чувство артикулирана, вистински урбана апологија на изнасилената бедна проекција за Градот. Како што велите и самите - „нема со кого да се полемизира“.
Уште еднаш честитки за вистинскиот споменик (во книжевен/книжен облик) што ќе го краси нашиот град. 

  Бидејќи се почувствував

 
Бидејќи се почувствував посебно инспирирана од ова ваше, претпоставувам поздравно обраќање на промоцијата на книгите, не можам да додржам и морам малку да го прокоментирам. Се надевам нема да замерите, просто може да го сфатиме како една вежба на спротиставувања.
На почетокот, еден фин дисклејмер- Not a fan. Ниту на Скопје 2014, ниту на актуелниот естаблишмент (впрочем, на ниту еден). Колку од старт, а дека не пишува некое стаорче од некое штабче – во принципот се слагаме. Во нијансите никако, и од тој аспект веќе за жал развивам крајно разбирање за оние кои сосе вашите методи за борба почнуваат да ве напаѓаат и Вас (не лично туку како група). Елем:   
Одговорот е прост: авторите на проектот се тајни; нема со кого да се полемизира.
Не е точно – авторите се мошне јавни – ако ги знам јас од просто читање весници и гледање студио 2 на а1, белки ги знаете и вие. Друга е расправата за нивната компетентност или избор, но дека не се знаат – не.
... има многу причини зашто во книгава ги нема апологетите на архитектонските проекти на ВМРО ДПМНЕ; најголемата причина е тоталитарната природа на актуелната македонска власт. .. нема никаква логика ионака узурпираниот и корумпираниот јавен простор дополнително да го загадуваме со платените мислења на тезгарошите и на исплашените.
Не гледам како мислењата на апологетите на проектите на ВМРО ДПМНЕ се преобразија необично во синоним за мислења на тезгароши и исплашени, кои притоа (белки мислењата) се уште и платени. Прво, дали тоа имплицира дека сите мислења во објавениве книги се на СДСМ – прилично неправедно за неколку имиња тука , ако е така, второ – зошто не би имало поддржувачи на проектов кои не нужно, или воопшто не се поврзуваат со ВМРО- или независните можат да бидат само критичари, а не и поддржувачи? Трето, зошто мислењата на другата страна автоматски ги пелцувате како загадени? Каков пример за инклузивност, толеранција и критички потенцијал ( кој патем токму вие жедно го барате преку секој свој јавен израз)!
Најпосле, до кога ќе ја тераме таа лажна рамноправност, дека и игнорантот и експертот имаат подеднакво право да коментираат и одлучуваат за важни општествени прашања .....
Посебно значајно! Како вие пак, сте повикани да одлучувате кој е незналица, кој е експертот? Или само авторите од вас објавени ја имаат таа лиценца – а оние кои не го делат вашето мислење ја немаат? Опасен терен...
 Зошто да му дадеме рамноправен простор на некој што го сметаме за деструктивен, глуп и изманипулиран од моќта...
 Доколку на дневна база ние вака паметните, тргаме од оваа девиза и на овие другиве, глупите, не им го даваме просторот кој не ние, демократијата им го гарантира (наместо еве рецимо ми паѓа на памет, да се обидеме да ги “образуваме“ – пошто нели ние сме паметните, тоа го можеме) ... просто не можам да ја довршам реченицава од што вришти од ароганција. Ако ја, која сум иначе “од ваша“ по скоро сите клучни прашања, ова го забележувам и реагирам на истото – што останува за неистомислениците, или за оние понеартикулираните помеѓу нив. ..
...секој има право, пред законот, да го соопшти своето мислење, но тоа не значи дека сите искажани мислења се еднакви.
Една од позначајните , ПРАВНИЧКИ девизи.
Таквата еднаквост не постои. Секогаш ќе постојат подобро аргументирани мислења, како и глупави, пропагандни или празни мислења
Имено.
Постојат и објективни начини да се процени заснованоста на некое мислење
Да. На пример, тоа го прави суд врз основа на закон – не за џабе токму адвокат на ова укажува.
 На пример, кредибилитетот на личноста. Неговата биографија. Неговата стручност. Нивото на општото знаење. Оној што лажел еднаш - голема е веројатноста дека ќе лаже пак.
Во целосна колизија со ова погоре за аргументираноста на мислењата. Значи ако некој има солидно сиви и релативно признаена стручност, можеме да очекуваме свашта да ни раскаже и да го прифатиме, со самото тоа дека е/бил кредибилен по овие параметри. Ако некој има фино ниво на општо знаење/култура, исто така (што е катастрофа од аргумент – од мојот доктор не очекувам да ги следи gilbert&george рецимо – и ако да, плус за него, но минус за мене ако не знае како да ме излечи). Обратно, архитект или кој било професионалец од 30-35, кој објективно и нема години за да развива извесна биографија, ќе го дискредитираме заради тоа.
Освен тоа, внимавајте, дел од авторите во вашите трудови се токму во оваа старосна група – на крај памет не ми паѓа да ги девалуирам биејќи имаат резиме од 3 реда. И тие три им се најчесто топ, и побитно – знаат што зборат. Онака, аргументирано.
Конечно, сево ова погоре и да не го земеме како у реду – кој е ултимативниот авторитет да го цени кредибилитетот, стручните референци и општото ниво на интелектуализам на оние кои се произнесуваат за Скопје 2014 или за што било? Кој е реперот? Западните стандарди? Мас медиумите? Аморфната маса која ја нарекуваме јавност? Секоја фела засебно? Издавачката куќа Темплум? Општото ниво на знаење/култура на проценителот?
Благодарам на отстапениот простор. Неизмерно ми е жал за непродолжувањето на договорот за отстапениот простор на Точка – не толку со ивентите таму, но со дел од изданијата недвојбено пораснав.

нена, штета што не си

нена, штета што не си користела наводници. замерките ти се сосема на место. по којзнае кој пат уредникот си пука сам во своја нога со непромислени излети. јасно ни е на сите зошто другата страна не е вклучена. кој сака да ги брани и промовира спротивните владини ставови нека повели нека си издаде книжиња. ама гелевски мора да философира и дава неосновани изговори кои се труди да ги поддржи со пар цитати . и не само што е неуспешен во тоа, туку не е јасно зошто мисли дека е потребно да философира кога може наједноставно да каже: зашто најверојатно темплум не сака да ја промовира и поддржи таа страна, зашто не споделува исти идеали и идеологија. како и да е, навикнавме на пљампање, па позапознаените најверојатно знаат дека овој натпис погоре е од уредникот и го рефлектира неговото мислење, иако е напишан во прво лице множина.

Нена, ви благодарам на

Нена, ви благодарам на вниманието и на критиката. Допирате важни работи. Но, сепак имам впечаток дека повеќе ви е до игра, до схоластика, до надмудрување. А мене не ми е. За мене работиве во земјава ептен забегаа, многу се загрижувачки, и воопшто не ми е до играње.

Но, некои работи мораат да се повторуваат по сто пати: категорички ја одбивам партиско-политичката димензија на случајот СК 2014. И тоа ја одбивам токму ради заедницата! Ради рамноправноста! Ради заедничката грижа и одговорност! И на глупите и на паметните, и на експертите и на тутурутките и на издавачите и на архитектите! Главниот маневар на власта, во обидите да се одбрани сосема неодбранливото (ким-ил-сунговскиот „22-метарски“ националистички проект), е токму тоа: а) тие што се спротиставуваат се од другата политичка опција; б) (ако не помине а), а се’ послабо поминува): сите мислења се рамноправни, може вака, може и така. Пет минути (во прајм тајм) за Хитлер, пет минути за Евреите. Коа ќе дое другата опција на власт нек си зафатат плоштад, нек се изразат, нек цветаат илјада цветови.

Тоа е (постмодернистичко) лудило од невиден степен! А на тоа лудило (ко во ролеркостер) се возат и многумина божем неутрални и загрижени за финесите на рамноправноста...

Што правиме?! Учествуваме, сите комплет, во некаков Момент на вистината?! Или во паралел слалом?! Еве ви вас, на левата страна од плоштадот, 200 миљона, и еве за вас, од десната страна, исто 200 миљона - и прогласувам старт!

Ради тоа, Нена, ви велам дека вие би да си играте. Ете, си рече ВМРО. Ете, си рече СДСМ. И?! Кај сме ние?! Кај е заедницата?! Кај се 400 (200х2) миљона?!

Вие, Нена, ја правите фаталната грешка: жртвата е крива. Или барем делумно е крива. Зашто светот не е црно-бел, не?! Жртвата на силувањето, на едно невидено насилство (токму физичко!, архитектонско-урбанистичко; да не зборувам за неверојатното „идентитерно“ насилство на кое сме изложени три години, цела нација, и да не зборуваме за перманентниот пропаганден дрил помешен со перманентно сеење страв и закани), жртвата е, значи, виновна зашто не е доволно „инклузивна“, според вас?! Или за вас, Нена, 22-метарскиот Аце и етно-паркот во што ќе се претвори заедничкиот плоштад - се само најобични уметнички слободи, за кои сите се залагаме, како што вели перфидниот идеолог на наци-болшевизмот, Саркањац, некни во Време?!

За авторите, Нена, на проектот, грешите. Навистина се тајни. Не зборувам за авторите на поединечните проекти (тие се сосема јасни), туку за авторите на целокупниот урбанистички концепт, а богами и за авторите на антиквизацијата (чијшто само дел и лудачкиот проект СК 2014).

Прочитајте ги книгите, Нена, немам што друго да ви кажам.

Арогантно е, значи, ако си

Арогантно е, значи, ако си паметен. Ако си специјалист во која било област, тоа е исто невидена ароганција, зашто сите имаат подеднакво право (на суд, на мислење, на одлука).

Нена, вие булазните. Зборите ко да имате 16 години, толкава фрапантна незрелост зрачи од вашата празна гимназијалски-натпреварувачка реторика. Педесетината луѓе што останаа во земјава (како што вели Влатко Ѓорчев) залудно да му се спротиставуваат на најголемиот архитект, урбанист, издавач (стотици книги што чинат десетици милиони евра се директни изданија на владата), правник, економист итн. (во кој е еманирана целокупната народна мудрост, која го анулира било кое ситно знаење, зашто станува збор за борба на величини, според Ѓорчев, од 500.000: 50 соросоиди размножени во 100 здруженија), тие 50 луѓе, со својата гнасна ароганција (не смеам да кажам дека за издаваштво знам повеќе од Груевски и Боцевски, кој предводеше издавачки комисии кои располагаа со милиони евра?!), се на исто рамниште со ароганцијата на големиот водач?! (ама неговата бар е заслужена со 500.000 гласа, а нашава?!)

Што да ви кажам, Нена?! Знам дека сте сосема изгубени генерации, речиси и сте немале шанса, среде бескрајниов јад и беда изминативе 20 години, да видите какви било примери на разум, знаење, благородност, одговорност - ама до овој степен да споредувате неспоредливо и да нивелирате до тотална бесрамност, навистина е навредливо. Лично кон мене навредливо. Зашто баш јас го правев и го правам она што вие само демагошки (исто ко Грујо што штанца книги и вложува кобојаги во образование) го пљампате: се обидувам да придонесам за еманципацијата на барем еден мал дел од народот, правејќи книги, пишувајќи... Иронично е што токму поводот кој ве инспирира на ова чудно „правдољубие“ - се моите книги! Не 22-метарски споменици, не антички згради, не Македонија вечна, не Убер Македонише, не дури ни 150 тома и 350 тома - туку 3 скромни книги во џепен формат! Што може да биде заебано оружје, и тоа е веројатно единствената точка во која се согласуваме, Нена: дека ние „педесетмината“ и нашите „три“ книги не се баш толку безначајна закана за единствената дозволена вистина во оваа земја-крчма со речиси изгаснати светла.

Ах, ме предупредија на ова J

Ах, ме предупредија на ова J . Но сепак..
Прво, нема потреба, дури ни за уметнички дојам, да ме обвинувате за гимназијалско булазнење. Помирно да одговоревте на мојот коментар (но вие тоа не го правите, си цепате:  грујо-влада-терор..., цените колку разум и благородност сум сретнала низ годиниве , и слични драмски општи места) , верувам полемикава ќе продолжеше.
 Второ, исто така немаше потреба лично да се почувствувате навредени, бидејќи јас не се обратив ниту кон вашите книги (вие велите “моите книги“ – ваши се само вкоричените колумни светулки и мракови, и текстовите во публикации – книгите кои ги издавате, сепак не се некако, ваши – не викаме “книгите на коља“ викаме “расказите на мамлеев“ на пр.) ниту кон проектот , туку кон вашето обраќање кое е крајно симптоматично.  Трето, признавам, елегантно и полно со жесток бунтовнички говор како маска, успеавте да ја извртите мојата теза за вашата ароганција (вашата побогу лична! Немојте со тие ѓорчев-50 соросоиди-споредби со боце - финти бар на мене). И сепак, зошто е мошне важно, пак еве ќе ве прашам, постар сте од мене несомнено – кој кажува кој е експертот, кој е игнорантот? Зошто еден а не друг политичар, еден а не друг асистент на архитектонски, еден а не друг нво активист и борец за ч права, еден  а не друг професор ... рецимо во “вашите“ 3 книги, но и воопшто?  
Конечно , зошто вие како издавач,  а не Слово или Матица (случајно ги бирам, и не беше воопшто темата издаваштво конкретно, но верувам, лесно ви е само од своја призма да ги давате примерите. И мене исто – од призма гимназија J).
                        Еднаш многу одамна забележав дека она што суштински му недостасува на вашиот јавен израз, бидејќи сте недвојбено квотатор, е поддршка од примери од филмот. Набргу потоа (не си ласкам, тоа беше чиста коинциденција) као луд земавте да споменувате филм, секоја недела. Сега сфаќам – она што ви недостасува е онака, елементарна, смисла за хумор.
                        Навистина. Еден од првите знакови дека човека го газат годините е кога ќе почне да се сфаќа себеси и се она што го прави вселенски сериозно.  Изгубените генерации, почитуван Коља, се животна неминовност која ве престига, а богами и мене ќе, еден ден. Што побргу се адаптираме на тој fact of life, подобро.
Топло ве поздравувам и ви посакувам revival на точка и успешни години на темплум.
 

  Pameten ne e avtomatksi

 
Pameten ne e avtomatksi aroganten, ama arogatnosta bez takt znae da ja nulira pametta. Ocigledno e spored ‘odbranbenite argument na napadnatiot’.
Mozebi nikoj ne  zameri na neinkluzivnosta na vladiniot tabor, tuku na argumentite koi se koristat za toa, koi ne se nimalku razlicni od argumentite so koi vladeackata VMRO vcera ja prekina raspravata za proektot; ja prekina na ist nacin, vodena od slicni argumenti kako vo pogorniov tekst (oni se glupi, sjebani, neiziveani… nema sto da gi slusame), koi se apologet za takvata taktika, nimalku apologet za demokratijata.
Kolja, emancipirash? Probaj da emancipirash so takt, logika I malku vospituvanje, makar samo domashno… pocit kon sogovornicite, poznati I nepoznati (pa I koga tie ne pocituvaat, oti neli, emancipirash!)
Povodot na pravdoljubieto ne znaci deka se “tvoite” knigi, nitu tvojata cel. Mozebi se samo tvoite argumenti, beter od onie na Gjorcev – avtokratski, totalitarni I nelogicni. Razmisli. Nikoj nikade ne ti rece deka specijalist, ekspert, poznavac ne treba da se ceni, samo ti zameri na logikata vo motrenjeto za kako istite se identifikuvaat.
 I za kraj, vo tvoite knigi kako avtori se pojavuvaat mladi decki (od izgubenata generacija), koi pokazuvaat mnogu povekje vospituvanje I primer za demokratsko I kulturno odnesuvanje (razmisluvanje I deluvanje) od tebe. A I skromnost (koja tolku nedostasuva kaj novive vlastodrshci, ama po se’ izgleda I kaj postarite generacii koi videle podobro).
Taka shto argumentot za izgubenite mladi generacii koi nemale primer frli go vo Vardar, smesen e,  I pocni da ucish i od niv, ne samo od citati izvleceni od filozovskite knigi. Kolku I da e cudno, ponekogash prakticnoto iskustvo (pa I na pomladite) moze da bide mnogu podobar patokaz. Mozebi nashava generacija nemala dobar primer od koj m oze da uci, ama ete, ti imash! Pa ti si gi izbral da gi vmetnesh vo tvoite knigi, pocni malku povnimatelno da go analizirash nivniot pristap, I ne e tolku losh, iako e od sjebanata generacija; i vo nejzinite redovi ima i takvi i onakvi, kako shto ima i vo tvojata.

@ anonimen: ma ni ja bolje

@ anonimen: ma ni ja bolje nemase da go kazam! :)
nasmej se ednas pobogu kolja na proletta bar nadvor, ako ne nam, izgubenite! :)

Еве како ВМРО отвара

Еве како ВМРО отвара дискусија за Скопје 2014:
Многузборлива тишина за „Скопје 2014“ - Дневник

http://dnevnik.com.mk/?itemID=9F6DEE51D00CFF4FBA1F4695C68ABE9B&arc=1

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото