Книжевна вечер „Јас, Квентин Скриблер...и Вие“

06.10.2015 03:42
 Книжевна вечер „Јас, Квентин Скриблер...и Вие“

„Јас, Квентин Скриблер“ е првото поетско дело на Јосип Коцев, издадено по седумгодишното творење на авторот во блогосферата и на социјалните мрежи. Коцев во некогашната блог-заедница беше познат под псевдонимот Quentin Scribbler и со своите три поетски блог-страници: „Transcendence“, „Poetry and beyond“ и „Third Chapter“. Оваа збирка излезе од печат на почетокот од месец мај 2015 година и содржи стотина песни собрани во творечкиот период меѓу 2008 и 2015 година. Како рецензенти се потпишуваат Игор Исаковски и проф. д-р Елизабета Шелева. Шелева, во својата рецензија ќе рече дека дебитантското дело на Коцев „е сублимат од: лирски записи кои љубовта ја креваат на пиедестал од доживеаност (без празнословие, кое е толку честа замка во ваквиот вид исказ, но и во голем дел од поновата македонска поезија воопшто), без оглед дали е копнеж или спомен, невозвратена или се случува токму сега и токму овде, пред нашите очи. “

На 7 октомври 2015 година, со почеток од 20 часот, во винскиот бар/книжарница „Децата од нашата улица“, ќе се случи книжевен настан на кој читателите ќе можат да ја набават книгата, да добијат потпис од авторот и да присуствуваат на поетско читање. Поезијата на Јосип Коцев ќе ја читаат неколку истакнати млади поети: Ѓоко Здравески, Снежана Стојчевска, Дарко Лешоски и Ана Голејшка.

Време

Имаш кожа допрена
од луѓе кои не сакам
да ги замислам.
И парчиња далечини
донесени од места каде
мојата блискост скрстува раце
за да умре спокојно.
Ја изгубив вселената на коцка,
и станав поет со мисла што
ми ги разголува зборовите
на обичен, но длабок молк.
Еднаш посакавме да сме вечни...
Тогаш не знаевме што е време. 

Писма

Барав начини да бидам искрен со себе.
Ти си одеше на сите страни од светот
со заслепувачка светлина под нозете.
Додека спиеше во прегратки потешки од окови,
јас на твоите пресушени отсуства им пишував
писма со празни редови воздишки,
и верував дека во нив сум кажал и премолчал сè.
Допишував тешки зборови и клетви,
скици од домови што никогаш не ги населивме,
карти од далечни светови, чии емигранти сме...
Светови што трпеливо чекаат да се вратиме дома
штом спечалиме доволно болки и разочарувања.
Со размачкано мастило и траги од индиго
ти пишував дека тагата е единствениот
цвет што цвета и во зима,
безброј извинувања и завети,
нејасни и нечитливи како љубовта,
еден непочнат живот свиткан во прашалник,
недовршени мисли, размачкани букви и зборови...
Прости ако не се чита добро,
раката на срцето секогаш се тресе
кога пишува.

Отфрлени (Спиј...)

Не жали што дишеше во тешки времиња...
Душата цвета во суровите зими на животот,
а одмаздата е круна од трње
премачкано со таан и мед...
Сега, тргни со сета бистра правда
што на спиење ти ја задушија
перници полни со туѓо перје за китење.
Јас ќе дојдам под вечната сенка некој ден,
да ги избришам твоите капки пот од кататонија,
и ќе легнам до тебе за да оживееме,
оти тука цело време бевме мртви...
Јас ќе дојдам да ти кажам дека ти го избришав
многуцифрениот број од државните архиви,
и оставив податоци за мирисот на твојата кожа,
дека потоа ме уби арсенот на искрените прегратки,
дека ми остана сила со себе да го носам само ветрот...
Спиј, утре ќе ставиме магнет во градите,
оти светов е полн со железни срца.