Поле за криминален натпревар

06.10.2015 03:25
Поле за криминален натпревар

* * *

Нема сомнение дека материјалната/финансиската добивка е можеби главниот мотив на (не)чинењето како облик на соучесништво во секој тип криминал, особено оној на интелектуално и државно рамниште. Не се за потценување и другите можни придобивки – вработување, напредување, наградување, субвенции, привилегии итн. – но сите се, во основа, повторно поврзани со материјалниот фактор.

Се разбира дека има разлика во (не)чинењето, односно во степенот на инволвираност во злосторничките/криминалните дејанија, и тие се веројатно сразмерни на големината на добивката. Зашто, сигурно не е исто секојдневното брутално агитирање, во сите прилики и на сите можни начини, „за“ оваа и ваква и авторитарна, криминализирана и во суштина злосторничка политика, и поданички прифатеното молчење односно нечинењето диктирано од (повторно) егзистенцијални мотиви.

Не е исто, се разбира, клиентелистичкото и вулгарно до зла бога јавно аминување на сите налудничави политики на оваа власт од страна на некогашни „видни“ интелектуалци (амбасадори, професори, академици…) заради ситносемејни парични/тендерски добивки, заради членување во барем неколку (профитабилни) управни или надзорни одбори итн., наспроти изнуденото нечинење односно молчење на некој административен службеник. Не е ист, се разбира, јавниот и веќе со монструозни размери клиентелизам во медиумската сфера, каде што, слушаме, станува збор за милионски (во евра) износи (по разни основи) што се тркалаат низ нивните џебови многу пати во годината, наспроти „професионалецот“ (иако може и без наводници) во некоја културна установа, во училиште, амбуланта и слично.

Со ова не сакам да ја разводнам тезата за (не)чинењето како несомнен облик на соучесништво. Сакам само да укажам на извесното можно степенување на вината (или „вината“), а не да амнестирам, што впрочем не е ни во во моја надлежност. Односно, можеби сакам да потенцирам дека секоја вина (или „вина“) е – мерлива, иако нашето општество во принцип се плаши од тој поим.

Ние сè уште би сакале ништо да не е мерливо. Онака, како во социјализмот, под формата на колективната одговорност. Тоа веројатно ќе го говорат утре и оние „избраници“ во Собранието, убедувајќи нè дека некој со сила им ја кревал раката. Или дека одговорна е само нивната партија, а не и тие самите.

Тоа сигурно ќе го говорат и оние „избраници“ во Собранието на град Скопје, кои толку години креваа рака за уништувањето на овој град. Или мислат дека само така ќе им биде простено? Зашто нивното никако не може да се подведе под нечинење. Уште помалку под немерливо (не)чинење. Нивното чинење, па нека е и само со крената рака, е најотворен, најеклатантен, најочигледен пример во македонската историја на соучесништво во сите (културни, еколошки, здравствени, урбанистички) злосторства на властите против овој град и неговите граѓани!

* * *

И бидејќи веќе го спомнав Скопје – како отворен град, но секако не отворен и за злосторства од секаков вид – некои нешта мора да се потенцираат. На пример, не знам зошто медиумите, барем оние неконтролирани од власта, не ги објавуваат имињата на советниците во Скопје секојдневно, секој божји ден, да ги научиме напамет и да не заборавиме кој всушност така безмилосно го упропасти овој град. Онака, под формата „да не се заборави“!

За нивното ужасно злосторство не треба ни спец-обвинител ни посебни постапки и истраги. Нивното злосторство е јавно, очигледно, видливо со голо око. И нивните имиња утре треба да бидат испишани на некаква плоча на срамот на овој град, некаде во центарот, на видливо и достапно место. И да може секој, онака, од ќеф односно според афинитетите, да им оддаде должна „почит“ на нивните имиња со соодветна телесна течност. Бидејќи, точно е, цела Македонија беше/е поле за криминален натпревар на нашиве „елити“, ама Скопје го претворија во специјална зона на перверзно изживување, на малоумно однесување, на простачко докажување сила и власт! Е па тоа треба да се „награди“. Соодветно!

И повторно, ако нивното злодело беше, и сè уште е во траење, и мерливо е и видливо е, тоа никако не ги прави единствени виновници во девастацијата на еден град. Тие се најголемите, и по тоа, и само по тоа, ќе останат познати во неговата историја, но веднаш зад нив се наоѓаат и сите оние кои молчаливо преминуваа, и преминуваат преку сите нивни изживувања. Е тоа не може да се оправда со ништо, таков граѓански, интелектуален, морален резил не го пере ни цел Вардар во неговите најдобри денови!

Или, ако сакате, без оглед како беа толкувани резултатите на референдумот за ГТЦ, ако на истиот излегле на изјаснување само 17.655 гласачи од општина Центар, што претставува одвај 40,53 % од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список, што покажува тоа? Дека само тој процент граѓани покажале некаква свест за судбината на објектот што го сметаме за симбол, белег на современо Скопје? Да. И дека само тој процент граѓани имаат утре право гордо да се наречат граѓани на Скопје? Повторно – да!

Бидејќи другите дури не излегоа ни да гласаат против, туку не излегоа – воопшто!!! Со други зборови, дремеа дома како кукавици молчаливо поддржувајќи група неранимајковци во нивните налудничави напори да го доупропастат градот. Оттука, овој град има целосно право да се срами не само од своите „советници“, туку и од своите „граѓани“ од тој тип.

* * *

Радикални времиња како нашево наложуваат радикални одлуки и однесување. Некои тоа го прават, некои не. Мислат дека нечинењето нема да ги чини ништо. Грешат. И нечинењето има своја цена. Обично ја плаќаат другите, но и нивните потомци.

Но таквото однесување не останува туку-така заборавено и од судот на јавноста, од сограѓаните, од историјата. Цената на нечинењето и молкот се плаќа секогаш, дури и на рати. Па така и кај нас, еден убав ден, овие луѓе ќе се соочат со својот минат молк, со презирот на блиските, со јавниот прст вперен во нивните големи или мали, видливи или скриени врски со сите злосторства против овој град, оваа култура, ова општество. Некому – во најмала рака на нивните деца – ќе мора да ги објаснат сите дубиози на нивното однесување, сите соучеснички нечинења, целата онаа силна тишина произведувана толку години по ред.

А што е, инаку, барањето на младиве за Народен трибунал за „бомбите“? Нели е токму тоа нивната идеја: да се осудат, по име и презиме, па нека е и симболично, сите здружени злосторници против оваа држава, против овој град и неговите граѓани!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Will Laren

ОкоБоли главаВицФото