Овде автомобилскиот сообраќај треба привремено да се укине

06.10.2015 04:44
Овде автомобилскиот сообраќај треба привремено да се укине

Со години возам точак по Скопје. Возев уште како студентка, возам до ден денес. Тој ми е прво превозно средство.

Во овие неотесани средини во кои автомобилот е статусен симбол, а умот споредна работа, одамна во поглед на сообраќајните правила сум била за драстични мерки. Штетата со правењето булевари во град во кој се нема ни основна, а камоли сообраќајна култура, во кој апсолутно секој празен простор е наполнет со автомобили, во кој до пред некоја година е допуштен увоз на стари автомобили, во кој се земаа бугарски пасоши за да се купуваат автомобили, во кој со автомобил се влегува во аптека, во болница, во ресторан, во школо... овде автомобилскиот сообраќај треба привремено да се укине.

Сè додека тоа не се стори, ќе се гине. Сум паѓала повеќе пати од точак благодарение на несовесни возачи кои возеле среде пат, кои отворале врати без да погледнат во ретровизор, сум удирала во паркирани авотмобили среде улици. Не застанувале ниту да видат што ми се случило. Штом станувам, значи не сум мртва. Тоа им било доволно. Е сега, сега е доста! Имав контакт со разни „загрижени“ движења и поединци, кои се обидуваа да воспостават ред во велосипедскиот сообраќај, без да знаат какви било правила што се однесуваат на веќе проектираните улици и ингеренциите. И од оваа тема направија политичка тема, ја користеше кој како му одговара, додека нашите тркала сè почесто се наоѓаа под тркалата на авотмобилите. Би требало еднаш да се погледнеме сите во лице и да кажеме дека сме виновни сите до еден. Јасно, како и во сè друго, и во велосипедскиот сообраќај клучната улога ја одиграа политичарите, кои „стопанисуваат со улиците“, кои секоја педа заради прост ќар ја претворија во паркинг, а патека за точаци нема, зашто ним не им треба. Тие се моторизирани. Но, и да има, по неа пак ќе возат автомобили. Предалеку отиде работата.

Џабе странците им возат точаци пред нос. Не вреди. Па, да му се невиди, ставете ѝ клуч на врата на оваа држава и на сите институции. Нека се отворат школи за превоспитување и воспитување, нека се одземат телефони и сите други помагала со кои народов си го мае умот, дури на сите не им дојде умот. Секое утро кога одам на работа реки автомобили се слеваат во центар. По еден човек во автомобил. Кој и да го гледа од страна ова, ќе нè прогласи за нездрави. Само ние се мислиме нормални. Не може веќе ова да се кажува со убави зборови. Нека се најде некој умен, нека стави клуч. Нека забрани носење какви било закони. Нека стопира користење на автомобили. И онака катни гаражи има колку што има станбени згради, па има место за сите коли да се затворат и забранат на некое време. Цел свет ни се смее, оној дел што не ни се смее, нè жали. Со кои убави зборови да се кажуваат одвратните работи, а да не бидат политички обоени? Водачи со перформанси на разгалени деца кои сакаат туѓата играчка да им ја скршат од глава се заиграа Риск во стварноста.

Еден „хамер“ е паркиран секој ден кога возам назад од работа пред некаков си ресторан. Хамер бе. Којзнае дали од ова има назад. Којзнае.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Mateusz Urbanowicz