„ДЕНЕС (уметноста)“ - изложба на тројца последни добитници на наградата за млад ликовен уметник ДЕНЕС

06.10.2015 11:40
„ДЕНЕС (уметноста)“ - изложба на тројца последни добитници на наградата за млад ликовен уметник ДЕНЕС

Центарот за современи уметности Скопје Ве поканува на отворањето на изложбата:

ДЕНЕС (уметноста) - изложба на тројца последни добитници на наградата за млад ликовен уметник ДЕНЕС

06 октомври 2015 год., во 20,00 ч.

НУ Национална галерија на Македонија - Чифте Амам

Иван Ивановски (добитник на наградата ДЕНЕС во 2014), Филип Јовановски (добитник на наградата ДЕНЕС во 2013) и Велимир Жерновски (добитник на наградата ДЕНЕС во 2012)
Куратор на изложбата:
Ивана Васева

Финасискa поддршкa: Министерство за култура на РМ и Град Скопје
Логистичка поддршка: НУ Национална галерија на Македонија - Чифте Амам


Програма:

06.10.2015 год. (вторник) – Отворање на изложба во 20,00 ч.

07.10.2015 год. – Презентација и разговор со наградените уметници за стекнатите искуства по
посетата во Њујорк, САД.- 19.00 ч.

08.10.2015 год. – Работилница (за уметници кои би аплицирале на Повикот кој ќе биде објавен од страна на Центарот за современи уметности Скопје за наградата ДЕНЕС 2016 година) – 19.00 -21.00 ч.

Ова заедничко претставување, обединето во изложба, од една страна реферира на принципите на функционирање на македонската ликовна група Денес, основана во 1953 година но и на уметноста денес, која го поттикнува прашањето што и на каков начин се создава во земјава во моментов, посебно имајќи ја како позадина целата социо-политичка ситуација, а како преден план самиот уметник и неговиот ангажман. Оваа поставка овозоможува простор и за преиспитување на значењето на наградата како и на придобивките кои ги носи преку искуството делувајќи во една интернационална средина како Њујорк.

Групата Денес, како и наградата, е за активна борба против застарените ликовни разбирања, а овој приказ на уметничките видувања и размислувања на Ивановски, Жерновски и Јовановски ги искажува рецентните и актуелните разбирања но и реалности користејќи различни медиуми (сликарство во комбинирана техника, инсталација, видео, принтови) во истражување на современи политички и општествени констелации. Овие проекти се надоврзуваат на веќе изложените дела во рамки на групните претставувања организирани за наградата во трите последните години, во симболична а некогаш и во буквална смисла. Тие се однесуваат на едни од најосновните егзистенцијални прашања во денешнината како манипулативните средства на државниот апарат и моќта, хиерархиската општествена, социјална и класна поставеност, стравот и неизвесноста на индивидуата, односот со другите и другоста и прашањето за слободата, како и неговата материјална слобода.

Изложбата за момент дава еден увид во денешниот процеп на несекојдневни размислувања, давајќи и на уметноста еден тематски и медиумски стимул во реализирањето на потенцијалноста и во начините на реализирањето на постоењето.

И.В

Дела:

Иван Ивановски, Леб и игри (2014), слики во комбинирана техника: цртеж, дигитално боење, принт на платно, рачно боење

Филип Јовановски, Мртва природа: работници, неонски текст , жени што пеат и неколку гипсани глави (2015), инсталација

Велимир Жерновски, Завеса (2015), инсталација: завеса, алуминиумски балони, хелиум, димензии варијабилни