Вака или онака

26.03.2010 15:57
rabbit.jpg

 

Објавуваме 7 куси-куси раскази од Ѓорѓи Крстевски. Со особено чувство за приказна, дискретно комбинирајќи ги раскажувачките придобивки на мајсторите на жанрот од Жак Стенберг преку Иштван Еркењ до Давид Албахари, Крстевски создава текстови во кои се мешаат апсурдот и лиричноста, поетското и неискажливото во секојдневието.

 

Мирисот на едно сеќавање

Таа ги миеше чиниите кога нејзината петгодишна ќерка влезе во кујната и и’ рече дека на вратата тропнал некој човек кој рекол дека сака да разговара со неа. Веста дека загинал служејќи и’ на татковината ја прими прилично смирено. Човекот, кого го беа одбрале да и’ соопшти дека нејзиниот сопруг е мртов, беше нервозен и постојано ја вртеше капата во своите раце. Го понуди со кафе, но тој ја одби. Рече дека имал обврски. Знаеше дека ја лаже за да си замине што е можно поскоро, но не го обвинуваше за тоа. И таа би постапила на истиот начин. Кога го испрати, ја затвори влезната врата, се потпре со грбот на неа и заплака. Ќерка и’ зачудено ја гледаше, не разбирајќи ништо.
Неколку дена потоа, откако завршија сите погребни обреди, додека ги пакуваше неговите работи во големи кутии, наиде на неговиот омилен џемпер, оној што таа му го донесе кога еднаш беше на службен пат во странство. Го држеше во рацете и сè уште не можеше да поверува дека веќе никогаш нема да го прегрне човекот со кого сакаше да го помине остатокот од својот живот. Потоа го здипли, и пред да го стави во пластичната проѕирна кеса, од која подоцна ќе го извлече сиот воздух со правосмукалка за да зафаќа помалку простор во плакарот, го доближи до лицето и го помириса. Очекуваше да мириса на нејзиниот сопруг, но џемперот мирисаше на омекнувачот за алишта што одамна престана да го користи.

 

Редовниот посетител

Доаѓаше често во кафулето каде што работев. Секогаш изгледаше неуредно: разбушавена коса, неизбричена брада, истуткана облека, валкани чевли. Ќе нарачаше вино, ќе седнеше на празната фотелја до прозорецот и замислено гледаше во луѓето и автомобилите што минуваа по улицата. Пушеше цигара по цигара. Беше посебно мрачен кога врнеше. Не зборуваше многу и имаше малку пријатели. И никогаш не се задолжуваше за пијачките, како што правеа многумина други. Откако ќе испиеше две-три, а понекогаш и повеќе чашки, ќе станеше, ќе платеше и ќе заминеше кривејќи на едната нога. Зад себе оставаше само тутунски чад и полн пепелник.
Кога еден период престана да доаѓа, почнав да насетувам дека нешто му се случило. Бев во право; еден врнежлив ден, додека набрзина го прелистував дневниот весник, наидов на статија во која пишуваше дека се самоубил пресекувајќи си ги вените во када полна со топла вода. Тогаш дознав дека бил поет.


Животот продолжува

Лекарите утврдија дека болеста е неизлечива, и неговото семејство се навикна на помислата дека тој наскоро ќе умре. Но како да не и’ се брзаше на смртта. Срцето му работеше, иако малку послабо отколку порано, и ја пумпаше крвта што кружеше низ неговото изнемоштено тело, белите дробови примаа и испуштаа воздух, мозокот сè уште издаваше наредби, а желудникот ја вареше, иако со одредени потешкотии, храната што му ја даваа со лажица. Речиси сè беше вообичаено, ако не се земеше предвид тоа дека не можеше да стане од постелата.
Бидејќи не можеше повеќе да отсуствува од работа, неговата сопруга најми негувателка која се грижеше за неговите потреби додека таа не беше дома. Неговите деца, синот и ќерката, секое утро одеа на училиште. Пријателите сè поретко го посетуваа. Животот продолжи за сите нив. Само тој не можеше да го чита својот омилен весник, да оди на долги прошетки по брегот на реката и да игра шах со соседот од осмиот кат. Лежејќи беспомошно на грб на постелата во спалната, преку тенкиот ѕид секој ден ги слушаше станарите од соседниот стан кои разговараа за случки и незгоди што им се случувале во текот на денот, гледаа вести на гласниот телевизор и кои повремено водеа љубов.
Требаше да умре секој миг, и рамнодушноста на светот што полека го напушташе само повеќе ја зголемуваше желбата во него што побрзо да се заврши со сè.
Почина пред почетокот на светското првенство во фудбал. Вака се случи тоа: некаде пред пладнето ја замоли негувателката да провери дали некој ѕвони на влезната врата, и таа појде да провери, но немаше никој. А кога се врати за да му каже, тој веќе беше мртов.


Судниот ден

Врнеше цела ноќ. Сè уште врнеше кога се разбудив следното утро. Решив да не одам на работа. Останав во постелата и се излежував. Потоа станав и се јавив на работа, но никој не ја креваше слушалката. Го вклучив телевизорот. Приемот беше слаб. На вестите соопштуваа за поплавите насекаде низ земјата. Се доближив до прозорецот. На паркиралиштето пред мојата зграда се гледаа само покривите на колите. Останатото беше проголтано од водата. Врнеше цело пладне. Продавниците не работеа. Веќе немаше телевизиски прием. Едвај некако од радио-приемникот што шуштеше успеав да слушнам дека владата прогласила вонредна состојба поради временската непогода. Пред да се изгуби и радио приемот, слушнав дека во поплавите имало многу жртви. Целата земја била во невиден хаос. Потоа и радио-приемникот молкна. Останав да стојам во тишината која беше прекинувана од дождовните капки што удираа на лимениот раб од прозорецот. Од соседниот стан допираше плачењето на мојот сосед. Запалив цигара. Помислив на мојот живот кој, наеднаш, ми се причини многу краток.


Пејачи со гумени ракавици

Овие пејачи се најлоши.
Носат гумени ракавици за да не оставаат отпечатоци на микрофоните. Ретко даваат автограми, уште поретко се фотографираат со своите обожаватели. Не раздаваат парчиња од својата облека.
Пред и по концертот пијат исклучиво вода на собна температура, со кратки голтки од кристална чаша, секогаш со цевче кое потоа го голтаат и кое во нивниот желудник се разложува во витаминска храна.
Ретко се смеат и алчни се по слава, жени и богатство.
Ете какви се овие пејачи.


Градот на куклите

Патуваше во посета на мајка му кога автомобилот се расипа близу едно мало рударско гратче. Пешачеше цел час по патот по кој не помина ниту едно возило за да стаса таму и да побара помош. Се стемнуваше. Улиците на гратчето беа празни. Телефонската говорница не работеше, па влезе во една кафеана за да праша дали може да се јави од кај нив. Му требаа неколку секунди за да сфати дека на столовите седат кукли. Она што најмногу го зачуди беше тоа што на масите пред нив се наоѓаа полни шишиња и чаши, а во рацете на некои од нив имаше и запалени цигари. Ечеше гласна музика. Нивните лица беа свртени кон него. Тие десетици безживотни очи предизвикуваа морници. Се повлече неколку чекори наназад и брзајќи излезе. Музиката во кафеаната се стиши. Потоа слушна гласови. Меѓу нив се чу и звук на стакло што се крши. Почувствува дека е во некаква опасност и, сиот вознемирен, со трчање се упати кон бензинската станица. Во полициското возило што беше паркирано на станицата седеа две кукли во униформи. Една друга, стоејќи неподвижно, го држеше цревото со кое полнеше гориво. Избега и оттаму, не знаејќи каде да оди. Реши да се врати кај својот автомобил бидејќи не му се допаѓаше ова што се случуваше – без разлика дали се работеше за нечија шега – но кога се врати по истиот пат, на малото плоштадче беа собрани многу кукли. Во рацете држеа стапови, ножеви и скршени шишиња. Само стоеја и немо гледаа во него. Нивната неподвижност беше застрашувачка. Кога се сепна, сакајќи да избега, сфати дека веќе беше опколен.


Вака или онака

Беше ден, или ноќ, не сум сигурен. Знам дека се облекував. Го имав она чувство дека сум јас и дека истовремено не сум јас, туку некој друг. Повикав такси преку телефон, или можеби само свирнав со устата, бидејќи се наоѓав на улица. Сеедно. Таксистот како да не беше таксист. Постојано возеше цик-цак, како да сакаше да ме изгуби низ лавиринтот составен од улици. Застана пред една куќа и ми рече дека приемот е во онаа отспротива. Кога веќе бев на половина пат до неа, ме викна и ми рече дека сепак се одржува во другата. Оттаму ме упатија во една трета. Таму, пак, како да сакаа да ме збунат. Домаќините постојано се менуваа, а секојпат кога ќе се вратев од тоалетот, гостите седеа на различни места, а предметите беа разместувани. Сепак, останав присебен. Некаде пред полноќ моите пријатели, или роднини, или гости, сеедно, почнаа да си заминуваат. Потоа ништо интересно не се случи. Или се случи. Не знам. Не се сеќавам. Бев многу пијан. Или издрогиран.

ОкоБоли главаВицФото