Македонски железници ги поздравија руските воздушни напади во Сирија

06.10.2015 15:24
Македонски железници ги поздравија руските воздушни напади во Сирија

Скопје, 6 октомври 2015

Прогнозата на турските власти дека по руските воздушни напади во Сирија, земјата би можеле да ја напуштат уште еден милион луѓе, наиде на одушевување во управата на Македонски железници.

Менаџментот на ова јавно претпријатие веќе се подготвува да ги прими новите потенцијални патници. Се планира дополнително да се зголеми цената на билетите за железнички превоз на релација Гевгелија-Табановце за 800%, со посебна повисока такса за пренесување деца, која кондуктерите ќе ја одредат на лице место, по сопствена проценка.

Новиот ценовник на Македонски железници ќе важи само за бегалците.

„Прекрасно е тоа што се најавува нов бран бегалци од Сирија. Нашето претпријатие ги поздравува новите воени судири во земјата. Спремни сме да ги пречекаме сите заинтересирани во нашите модерни вагони и да ги пренесеме каде било, само да не остануваат во земјава“, стои во соопштението на МЖ до медиумите.

Од оваа компанија ја истакнуваат и хуманата страна на нивната работа, бидејќи, иако пренесувањето патници и товар е нивна основна дејност, сепак, на некој начин, им се наоѓаат на бегалците во невојла.

„МЖ е пример за идеален спој на рентабилното работење со хуманоста и општествената одговорност. Во земјава дефинитивно немаме конкуренција, а полека се наметнуваме и како лидери во регионот на ова поле“, се фалат менаџерите на Македонски железници.

Слика: Александар Јосифовски