1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
1.
Првпат се појави на 27 јули околу осум часот изутрината. Можеби беше моја грешка што тоа утро на работа дојдов толку рано. Сварив кафе и го прегледав утринскиот весник. Сè беше вообичаено: Иран-Ирак, Израел-ПЛО, фељтон, култура, спорт, стрип. Иако имам повремени екстрасистоли, го испив кафето, го оставив весникот настрана и зедов бели листови хартија со намера да пишувам есеј за Леонид Шејка. Погледнав на часовникот, беше осум и дваесет. Штотуку почнав да пишувам, некој чукна на вратата. Ја кренав главата и прашав: „Кој е?“ Бидејќи никој не одговори, отидов до вратата и ширум ја отворив. Пред вратата стоеше непознат млад човек. Ме гледаше право в очи, чудно, но не непријателски. Молчеше. Се вратив зад мојата работна маса, седнав во мекиот удобен стол кој ми влеваше самодоверба и го прашав што сака. Помислив дека ќе продолжи да молчи, но тој сепак прозборе. Рече дека сака да го разгледа Музејот и праша дали за тоа треба да се плати. Музејот беше затворен за посети веќе четири години, за тоа време вратив стотици посетители кои сакаа да ја разгледаат поставката. Не знам зошто, на овој му реков дека може и дека не треба ништо да плати. Иако во Музејот нема многу експонати, посетителот остана невообичаено долго, што на крај мене почна да ме нервира. Пред еден документ, кој беше напишан на грчки или на ерменски, остана цели десет минути. Најпосле ми здодеа да одам по него и слегов долу во канцеларијата, зедов една книга, но бев многу растревожен за да можам да читам. Си префрлував себеси што му дозволив на типот да го разгледа Музејот. Да го вратев, ќе си бев мирен, ќе си читав некоја книга или ќе го пишував есејот за Леонид Шејка. Размислував кој ли е тој, некако ми беше познат неговиот лик, неговата појава. Најпосле, кога веќе имав изгубено надеж, тој слезе, дојде до вратата на мојата канцеларија која беше отворена, ме погледна и ми рече: „Догледање.“ „Здраво“, му реков јас, а во себе си помислив каков будала е овој кога наместо на плажа, по вака убаво време оди да разгледува музеи.
Откако си отиде, се обидов да се средам, ги прибрав растурените листови хартија и почнав да го пишувам есејот. Сакав да пишувам за религиозноста на Леонид Шејка и за неговото интегрално сликарство со акцент на неговиот космогониски знак Кадис. Околу еден часот напладне ја заклучив големата врата на Музејот и си отидов дома. На есејот работев уште еден час, бев задоволен од она што го напишав. Потоа читав од книгата на Елијаде, Свето и профано, а потоа во својот дневник (една голема црна тетратка) што секојдневно го водам, направив забелешки, што беше невообичаено бидејќи тоа го правев секогаш пред легнување. Но плашејќи се од заборав, настанот со чудниот посетител го забележав веднаш.
Размислував по направените забелешки и најчудно во сето тоа ми беше неговиот изглед. Ме потсетуваше на некого, но никако не можев да се сетам на кого.
2.
Првпат го видов на 27 јули околу осум часот утрото. Тоа утро се разбудив рано, па имав време да направам многу работи. Се напив кафе иако имам повремени екстрасистоли, го прелистав весникот, сè беше вообичаено. Бидејќи беше рано за излегување, зедов бели листови хартија со цел да пишувам есеј за Леонид Шејка. Напишав неколку редови, ги турнав настрана листовите, запалив цигара, тргнав неколкупати и ја изгаснав во талогот од испиеното кафе. Станав и излегов. Беше околу осум и дваесет кога се најдов пред Музејот. Големата врата беше отворена; знак дека внатре има некој. Влегов внимателно, дојдов до вратата на канцеларијата и чукнав. Однатре еден глас праша: „Кој е?“ Молчев. По малку вратата се отвори. Наспроти мене стоеше млад човек кого за првпат го гледав.
Ме погледна в очи, но ништо не рече. Се врати зад работната маса и седна на удобниот стол. Не се надевав дека ќе прозбори, но тој ме изненади, ме праша што сакам. Му реков дека сакам да го разгледам Музејот и дали треба да платам.
Забележав дека малку се двоуми, но најпосле рече дека може и дека не се наплатува. Во Музејот нема многу предмети што би го задржале вниманието на посетителот, нема некои скапоцености да се чуваат, а тој сепак дојде по мене. Ме надгледуваше во чекор. Пред еден документ, иако воопшто не разбирав што пишува (беше напишан на грчки или ерменски) останав цели десет минути. Најпосле тој виде дека е глупаво да ме надгледува, се врати во својата канцеларија и ме остави сам. По малку време, бидејќи немаше што повеќе да се гледа, слегов и јас, дојдов до отворената врата на канцеларијата, го погледнав и му реков: „До гледање“. Си помислив колку е жалосно што тој мора да седи овде да го чува Музејот кога никој не го посетува, наместо да оди на плажа.
Излегов надвор, беше многу топло, ретките минувачи брзаа кон водите на езерото. Се вратив дома, во својата работна соба, ги прибрав растурените листови хартија и продолжив да го пишувам есејот. Сакав да пишувам за религиозноста на интегралното сликарство на Леонид Шејка, со посебен акцент на значењето на неговиот космогониски знак Кадис. Пишував околу еден час, потоа го читав Борхес и правев забелешки во дневникот што секојдневно го водам. Размислував по направените забелешки за средбата во Музејот и најчудно во сето тоа ми беше неговиот изглед; ме потсетуваше на некого, но никако не можев да се сетам на кого.
3.
Мојот пријател Деспотов внимателно го слушаше моето раскажување за чудниот настан, без да ме прекинува. Кога завршив, прозборе: „Добро, што ти е тебе, двапати ми го кажуваш истото, еднаш си чувар на Музејот, а другпат посетител.“ Ме гледаше збунето, запали цигара и рече: „Премногу читаш окултна литература.“
Го погледнав сожалувачки, му се насмевнав и без поздрав си отидов дома. На мојата работна маса беа листовите хартија со започнатиот есеј за Леонид Шејка. Се зачудив кога во талогот кафе видов изгасната цигара; има веќе седум години како престанав да пушам.
Зедов бела хартија во вид на лента, ја свиткав околу оската по должина, ги залепив краевите во вид на прстен. Тоа беше Мебиусова лента. Кружејќи по надворешната површина на лентата, ненадејно се преминува на внатрешната површина, се јавува еден бескрај во два правци каде што егзистираат паралелни светови, каде што владее една ужасна симетрија. Избезумен, наеднаш сфатив дека повеќе никогаш нема да бидам сам.
Слики: Боби Бекер