Груевски не смее да ги дочека наредните парламентарни избори надвор од ќелија

07.10.2015 13:38
Груевски не смее да ги дочека наредните парламентарни избори надвор од ќелија

Еден од најзначајните политички процеси во современата македонска историја беше објавувањето на аудио снимките со компромитирачка содржина за македонските политички елити. Тие снимки значително помогнаа во делегимитирањето на Никола Груевски, неговата врхушка, неговите формални и неформални коалициони партнери. Токму затоа, тие снимки ги сметам за јавно добро и барам нивно итно и целосно објавување на непартиски канали. Снимките не смееше да запрат, и жално е што беа предмет на пазарење и беа вклучени во срамниот Договор од Пржино (пинг Договорот од Пржино). Загрижувачки е што сега тие може да бидат отфрлени како докази, а нивното јавно емитување да биде криминализирано. Затоа, подолу нудам акциски план како да се надмине овој проблем, а да се помогне во борбата за враќање на институциите, но и враќање на мотивацијата за политичка промена помеѓу народот.

1) Процесот на објавување на снимките во првата половина на 2015 година беше во добар дел нетранспарентен, селективен и употребен за легитимирање на СДСМ и нејзиното лидерство. Наместо во јавно добро, тие се претворија во партиско оружје. Таа пракса не смее да се повтори, и затоа апелирам остатокот од снимките на кои има индикации за злоупотреба на службената должност да биде објавен од страна на независно тело составено од домашни и странски активисти и експерти, во соработка со домашни и странски медиуми, по примерот на Викиликс и слични случаи низ светот.

2) Тоа значи дека не смее да има повеќе драматично кураторство од страна на партиските лица на СДСМ, туку евентуално кус пишан извештај направен од правници, кој објективно би укажал на тоа за какви криминали би можеле да се сомневаме. Како што некои веќе укажаа, треба да се гледа холистички и да се најдат дури и најситните (а воедно и најлесни за докажување) кривични дела – како на пример од зборување на службен државен телефон за приватни/партиски цели, па сè до криење на факти за убиства.

3) Главниот критериум за селекција на тоа што ќе биде објавено би требало да биде дали на нив има индикации за злоупотреба на должност или некој друг криминал. Главниот критериум за редакција и цензура би бил заштита на недолжно инволвирани лица во разговорите. Овие два принципа не беа запазени во периодот на објавување на снимките. Имаше случаи на објавување приватни разговори, и вмешување на личности кои претрпеа нарушен углед заради тоа. Од друга страна, се чинеше дека снимките беа таргетирани не според сериозноста на криминалите, туку според некаква проценка. Потребно е нивното објавување да биде водено од принципи, а не од специјални интереси.

4) Поради најавената можност за криминализирање на објавувањето на снимките, тие што побрзо треба да бидат уредени, редактирани и закачени онлајн, на интернет сајтови (но не на партиските канали за комуникација на СДСМ) и на сајтови за споделување датотеки (во торент формат) на сервери кај што не може да бидат лесно тргнати. Во овој период доволно е тие да бидат објавени во компресиран формат, енкриптиран/заштитен со лозинка, кои луѓето ќе ги симнат, но нема да можат да ги отворат без лозинката. Доколку се пристапи кон донесување на закон со кој се криминализира користењето на снимките, лозинката да биде веднаш објавена на социјалните мрежи. Да се режат на дискови и да се копираат на УСБ стикови и да се делат.

5) Конечно, мора еднаш да има и објавување на списокот на прислушкувани броеви во најголемиот скандал со прислушкување. Може многу брзо и многу едноставно да се направи онлајн сервис за проверка, со СМС верификација. Ако сакате да проверите дали бројот 123456 бил прислушкуван, го впишувате бројот 123456 на сајтот за проверка. На бројот 123456 стигнува СМС со повратна информација со уникатна лозинка, која само сопственикот на тој број ќе може да ја искористи да се логира и да провери дали и колку бројот бил прислушкуван.

6) Да се формира независен експертски тим кој ќе ја истражи улогата на операторите во сево ова, во координација со меѓународни мрежи и организации. Станува збор за транснационален криминал.

7) Да не се чека сево ова да се прави по преговарање и договарање, туку да се пристапи веднаш и потфатот да се води и финансира независно, со централна улога на активистите и медиумите.

8) Целта на сево ова не би било да се зацврсти СДСМ или да се ослабне ВМРО-ДПМНЕ во очи на предвремените избори кои и онака се нелегитимни. Целта е да се надомести за загушувањето граѓанска мобилизација која многу лесно можеше да стане револуција. Груевски наредните парламентарни избори не само што не смее да ги дочека на власт, тој не смее да ги дочека надвор од ќелија.

9) Неповрзано со снимките – не смееме да прифатиме статус кво и не смееме да им ја оставиме политиката на партиите. Да беше мај, веќе ќе бевме на улица дури и за самата најава за забрана на снимките! Што чекаме?

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Странски служби (освен последната, која е на Небојша Гелевски)

ОкоБоли главаВицФото