Промовирана новата едиција „Градот“

29.03.2010 11:06
P3287778_resize.JPG

Во неделата навечер, на 28 март, на годишнината од насилнички оневозможениот протест против изградба на верски објекти на скопскиот плоштад, во Точка беше одржана промоција на првите три книги од новата едиција, „Градот“.

Станува збор за следниве наслови:

1. НЕРЕД И ГРОТЕСКА; разговори и сатири за проектот „Скопје 2014“, од 13 автори: Георги Константиновски, Борис Чипан, Јасмина Силјаноска, Ана Ивановска, Минас Бакалчев, Јован Ивановски, Владимир Петрушевски, Небојша Вилиќ, Сузана Милевска, Копач, Арвидас Кртина, Ирена Цветковиќ и Пандалф Вулкански;

2. КРАДАТ ГРАД!; зборник текстови за проектот „Скопје 2014“, од 14 автори: Мирослав Грчев, Драган Поповски, Влатко П. Коробар, Радмила Шеќеринска, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Мерсел Биљали, Жарко Трајаноски, Дејан Буѓевац, Петрула Костовска, Ана Ангелова, Томислав Османли, Ристо Лазаров, Михаил Токарев и Прва Архи-бригада;

3. АРХИТОРТУРА И ГРОБАЛИЗАЦИЈА, текстови за градот, од Никола Гелевски.

На промоцијата во културниот центар „Точка“ се собраа педесетина луѓе, меѓу кои беа и дваесетина од застапените автори. За книгите и за поводот зборуваа Никола Гелевски, уредникот на едицијата, и Никола Наумовски, како член на здружението „Плоштад Слобода“ (познато по својот едногодишен активизам против урбанистичкото насилство на власта).

Гелевски, меѓу другото, истакна дека единствената добра работа од ужасниот владин проект „Скопје 2014“ е што конечно интензивно почнавме да разговараме за сопствениот град. И дека ни претстои не само градење на нови физички инфраструктури, толку потребни за градот, туку и градење на нови социјални мрежи, една поинаква, поблагородна и поодговорна „човечка инфраструктура“ која е суштината на градот.

На крајот од своето обраќање, Гелевски обрна внимание дека вечерашниот настан е еден од последните во културниот центар „Точка“, со оглед на фактот што државата, сопственик на објектот, нема никаква намера да ја поддржува реалната и независната културна продукција и вистинските брендови на Скопје, меѓу кои сигурно спаѓа и „Точка“.

Никола Наумовски направи мал преглед на настаните од 28 март 2009 до денес, спомнувајќи ги судските процеси против организаторите на протестот, како и постојаните закани и заплашувања од власта. „Што воопшто не нè обесхрабрува во борбата против урбанистичкото лудило; баш обратно: нè мотивира“, истакна Наумовски.

Издавач на книгите е книгоиздаталството „Темплум“ во соработка со „Плоштад Слобода“. Беа најавени и нови промоции, во неколку градови низ земјата, како и претставување на едицијата на претстојниот скопски Саем на книгата.

повеќе за едицијата на следниов линк

Дали во оваа едиција се

Дали во оваа едиција се планираат и други изданија освен овие?

odgovor do Ivan: da! Vekje i

odgovor do Ivan: da! Vekje i preveduvame neshto, no javete se slobodno, ako imate predlog...

Имам неколку идеи на памет.

Имам неколку идеи на памет. Во ред е да ви ги соопштам преку коментар или имате некој mail за контакт?

ОкоБоли главаВицФото