Време е...! За што?

08.10.2015 09:54
Време е...! За што?

Пред некое време во еден текст („Ропска Македонијо“) пишував за култот кон земјата, како љубов кон татковината и заклучив дека тој култ е побитен, посуштински од култот кон личностите (историски). (Впрочем, тие личности станале историски токму задари тој култ што го негувале). Зашто овој култ не само што нè хармонизира со еко-системот и нè прави поздрави, и психички и физички, туку и нè инспирира и придонесува за нашата креативност. Да се биде во склад со природата и да се гради откривајќи ги и следејќи ги нејзините скриени закони, значи да се биде блиску до креативниот импулс. Така, да се сака својата земја и воопшто планетата Земја и да се живее во и со тој креативен импулс е најдиректен начин да се доближиме до себеси и да бидеме вистински среќни и исполнети.

Оваа земја Македонија ќе ја наследат тие што најмногу ја сакаат. Не тие кои безмилосно ја ограбуваат, кои остануваат тука до крај да ја исцицаат, пред да збришат таму каде што си ги вложиле милионите. Заради таквите луѓе стотици илјади граѓани веќе се иселија, сакајќи што побргу да го заборават претходниот живот овде. Или се „во процес на иселување“. Полесно им е да започнат нов живот и да ја засакаат новата земја во која си заминале отколку да останат во ова „проклето место“.

Третата група граѓани упорно се борат и го туркаат како-така процесот на промени, но, затоа секојдневно се жртви на невидени малтретирања и апсурдности.

Време е! За што?

Така, претпоставувам, и нашите деспоти, кои како бегови се шетаат низ Македонија, небаре нивен личен посед, мавтајќи со мобилните телефони и дипломатски пасоши, рекле вечерта на 8 мај! „Време е за мала војна, за мала дестабилизација!“ А добро памтам, тоа се случи утрото после големите протести пред МВР и зградата во која живее премиерот Груевски, кога илјадници граѓани бараа оставка од Груевски и Мијалков. И затоа следното утро веќе било ВРЕМЕТО за безбедносна криза! Во Куманово!
Да се предизвика таков сериозен инцидент со толку многу жртви и голема материјална штета и да се поремети мирот на цел еден град, само за да се дефокусира јавноста од протестите (бидејќи веќе му дојдоа под прозорот и бараа да си оди!) е монструозен чин!

А сега е време јас да го поставам ова директно прашање. Ахмети повеќе не е добредојден во Куманово, во моментов се отцепува фракција од ДУИ. Зошто промените што се случуваат со ДУИ сè уште не се случиле и во ВМРО ДПМНЕ? Зашто, и после сите скандали за кои слушнавме изминатиот период, па дури и после таа мини-војна во Куманово, а пред сè после тој и заради тој инцидент, сè уште не се отцепи огранок и од оваа партија? Што чекаат посовесните членови во оваа партија? Да се случи чудо? Па одвнатре таа „да се преобрази“? Така „внатрешно“ да се реформира самата себеси? Бидејќи како СТРУКТУРА таа си била во ред, само раководството не чинело?

Структурите на Груевски и Мијалков самите да се реформираат „внатрешно“? Тие што така размислуваат се во заблуда, а и самите се трулеж во таа „демохристијанска“ структура.

А што се случи со „Амстердамската тројка“? Можеби се повлекоа за да дејствуваат од заднината? Или сметаат дека веќе доволно придонесоа со својот граѓански активизам, и не сакаат понатаму „политички“ да се ангажираат? Ете толку, нема сега уште да го вложуваат „својот живот“ и „спокој“ за Македонија. Толку.

Така што, увидувате ли кој ќе ја наследи оваа земја? Оваа земја ќе ја наследат тие кои ù се враќаат и вложуваат капитал и УМ тука, бидејќи ја сакаат својата земја, а не тие кои бегаат и што побргу гледаат да ја заборават.

Ако не се случи крах во ВМРО ДПМНЕ и расцеп и фракција која ќе се приклучи на опозицијата, сега, веднаш, бидејќи е време, како што се случува во албанскиот блок, тогаш нов голем бран граѓани веќе бараат начин како да избегаат од овде, без коментар и без многу конфронтирање, бидејќи тој сегмент од „македонскиов народ“ е кукавички и немојте да ме убедувате дека тоа е така заради нашето „вековно ропско минато“ или бидејќи „наведната глава сабја не сече“ е нашата судбина. Ако е така, тој „народ“ останал без глава и му заврши неговото време.

Така преполовена ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нека си го има верниот „македонски народ“, заглупен од турските серии и реални шоуа, серии во кои се уфрлуваат вестите за најуспешната нација на светов, како свое гласачко тело. Исто како што преполовената ДУИ ќе си го има „верниот албански народ“, кој веќе покажува знаци дека не е до толку слеп и глуп како „македонскиов“.

Овој „македонскиот народ“ кој вечно ќе гласа за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се во голема љубов од интерес, се задоволува со ситни трошки: мизерен живот за плата од десет илјади денари, или да биде вработен, а да си седи дома и сепак да прима плата во земјата дембелија, пензија зголемена за шесто денари (секогаш во клучен момент), бесплатни билети за градски превоз за забава на „третата доба“, рингишпили и тркала да го вртат до бесвест, жичари до врвот на Водно за „да ужива во панорамата“, а не да пешачи и да се рекреира, да се восхитува на десетици новоизградени катни гаражи за сметка на зелената површина, како луѓето да им служат на автомобилите а не обратно, плажи и плоштади со палми, да си молчи и да си биде конформист и кариерист. Ми се згади од сето тоа. Но нема да ја напуштам земјата и останувам со луѓето кои ја заслужуваат бидејќи ја сакаат, со луѓето кои се грижат и до крај пружаат отпор на секаков начин.

А тој сегмент од народов кој е толку заглупен и заслепен што не може, поточно не сака, да види што се случува во неговата земја, не ја сака оваа земја, ниту пак знае што е тоа ЗЕМЈА, бидејќи нема ВИЗИЈА ЗА ЗЕМЈА, туку е принуден, за жал, од денес за утре некако да преживува (или алчен да натрупа што поголем капитал или славата и престижот му се побитни од сè друго), без трошка достоинство.

Па ВРЕМЕ Е , се согласувам и јас, но дали јасно знаеме ЗА ШТО?

ОкоБоли главаВицФото