Големата 5-ка на Скопјепостер 2015!

08.10.2015 13:22
Големата 5-ка на Скопјепостер 2015!

Членовите на жирито на 8. Скопје постер фестивал „Сите за луѓето со хендикеп“ се светски познати и признаени дизајнери.

Оваа година жирито ќе го сочинуваат членови специјализирани по типографија, дизајн на постер, илустрација, кои на почетокот на декември ќе бидат во Скопје и ќе одржат свои работилници, а нивните дела ќе бидат дел од посебната поставка во рамки на 8. Скопје постер фестивал. Ви ја претставуваме големата 5-ка на Скопјепостер 2015!

 

Гец Грамлих

Најдобро познат по промоцијата на социјалните аспекти на постерот преку проектот „Mut Zur Wut?”. Неговите постери се со препознатлив стил на дизајнот, покрај другите причини, веројатно и заради влијанието од Никлаус Трокслер додека работел во неговото студио во Швајцарија. Гец бил ментор на голем број работилници за постер и дизајн низ целиот свет и е добитник на многу меѓународни награди за дизајн, како златна и платинеста Graphis награда, награда од Кинеското постер биенале во 2012, Red Dot дизајн наградата...

 

Петар Банков

Неодамна наградениот автор на 19. Меѓународна постер изложба во Колорадо, Петар Банков, е еден од најинспиративните руски плакатисти. Банков е со-основач на дизајн студиото „Design Depot“ и од 1997 година е издавач на дизајн магазинот „КАК“. Во последните години тој создава постери. Претпочита да дизајнира плакати поради тоа што перфектно се вклопува во нашите општества кои масовно користат социјални медиуми: „Според мене, ова е најинтересниот жанр на модерната графичка уметност. Постерот стана локална визуелна супкултура и конечно исчезна неговото поврзување само со комерцијални цели, што беше случај во минатиот век“.

 

Паула Трокслер

Паула Трокслер студирала визуелни комуникации на Универзитетот за применети уметности и дизајн во Луцерн. Во 2006 година го формира своето студио со седиште во Луцерн, а отвора и претставништво во Берлин. Нејзината кариера ја продолжува во Цирих, каде се сели во 2008 година и до денес живее и работи. Нејзиното портфолио е импресивно и вклучува учество во проекти за театар, културни настани, издаваштво, адвертајзинг и многу изложби. Таа има одржано работилници и предавања во Швајцарија и ширум светот. Трокслер е специјализирана во областа на илустрацијата и нејзините дела се издадени во голем број меѓународни публикации.

 

Петер Поч

Петер Поч е магистер по графички науки роден во Пекс, Унгарија. Од 1972 година работи како графички дизајнер и се занимава со постерот како медиум за културни цели. Од 80-тите, по политичките промени, дизајнира постери со политички предзнак. Хенрик Томашевски, Валдемар Швежи и Гиорг Конечни се неговите „спиритуални учители“. Неговите дела се постојан дел од меѓународни поставки, биеналиња, триеналиња, симпозиуми (Унгарски милениум, Децата се ритамот на светот, Сараево 2014, Славење на нашата планета...) и се наградени со многу унгарски и меѓународни награди. Постер дизајн студио го основа во 1991 година. Во 1997 година ја добива унгарската награда за уметност „Mihály Munkácsy“. Тој е основач на асоцијацијата „Унгарски постер“ и член е на Меѓународната алијансата за графички дизајн (AGI).

 

Ласко Џуровски

 

Ласко Џуровски е македонски графички дизајнер и типограф. „Типо-кујна“ е успешен проект за креирање типографски решенија, чиј организатор е токму тој. Живее во Скопје каде и го основа своето студио за дизајн и типографија „Тотем“.

Член е на Type Directors Club од Њујорк од 2000 година. Автор е на 4 фонт фамилии со вкупно 80 фонтови наменети за ексклузивна употреба во Владата на РМ, како и за слободна дистрибуција, исто така и на 20-тина авторски фонт фамилии со околу 200 фонтови. Во моментов работи на развивање на неколку фонт фамилии за странски компании и реномирани компании специјализирани за повеќејазични фонтови.

Негова желба е да го пренесе своето знаење за да може да се зголеми типографската сцена во Македонија, а со тоа и бројот на кирилични фонтови.

Слични содржини

Графички Дизајн / Око
Графички Дизајн / Око
Графички Дизајн / Око
Графички Дизајн / Култура

ОкоБоли главаВицФото