Мажите (повторно) смеат да плачат

08.10.2015 13:08
Мажите (повторно) смеат да плачат

Доколку се суди според историјата на литературата, некогаш претставниците на посилниот пол можеле да плачат без никаков проблем. Меѓутоа, таму некаде во времето на Шекспир почнале проблемите – солзите станале „женска работа“, знак на слабост.

Но, денешните генерации млади мажи повторно се опуштени во врска со солзите, па не им е туѓо ниту групното плачење.

Плачам. Говорот трае неколку минути, а мене веќе ми стежнуваат клепките и ме печат очите. Грлото ми е суво и видот ми се замаглува. Чувствувам непријатност, бидејќи не сум сам во собата. Не сакам другите да ме видат, но не знам зошто. Зарем овој момент не е емотивен за сите?

Во 2008 година Барак Обама излезе на сцена пред неколку стотини илјади луѓе за да го одржи првиот говор како претседател на САД. По околу петнаесет минути од говорот, Обама првпат ја споменува Ана Никсон Купер која на претседателските избори гласала во Атланта.

„Жената има 106 години. Родена е во првата генерација после ропството, во време кога на небото немало авиони, ниту на улиците имало автомобили. Родена е во време кога не можела да гласа поради две причини. Покрај тоа што е жена, таа исто така е и црна жена...“, зборуваше Обама.

Во тој момент солзите се стркалаа. Веќе беше невозможно да се скријат. Гледам низ прозорецот, подалеку од пријателите – цел ред мажи и никој да забележи дека јас прв заплакав.

До мене седи најдобриот пријател кој го познавам од детството. Има стотина килограми, висок е речиси два метра и има раце долги како стогодишно стебло. Но, ниту него не се осмелувам да го погледнам. Незабележливо ги бришам солзите со ракав, се преправам како нешто да ми паднало во окото. Дури откако станувам сигурен дека ништо не ми се забележува на лицето, се свртувам кон остатокот од екипата. И во тој момент, има што да видам.

Карпа од човек

Деветтемина мажи, сите со мокри ракави и мушички во очите, гледаат во своите чевли и ги избегнуваат меѓусебните погледи. А што се случува со најдобриот пријател? Оној карпа од човек седи до мене со стисната тупаница крената нагоре. Плаче како бебе.

Сите се свртуваат кон него, бидејќи тој сега, без нималку срам ронеше солзи како никогаш дотогаш. Тој е најголем меѓу нас, а плаче ли плаче... И воопшто не му е непријатно.

Колку долго после тоа го задевавме, ќе остане наша мала тајна. Но, како единствено тој од сите нас се осмели да заплаче јавно?

Дали поради тоа што беше опкружен со мажи помали од него, всушност се чувствувал најсигурно?

Студијата на истражувачкиот центар за општествени прашања во Оксфорд покажува дека во изминатите дваесетина години се менуваат навиките на мажите и дека расте бројот на мажи на кои не им е непријатно да плачат во јавност. Исто така, студијата покажала дека почесто плачат мажите на возраст помеѓу 18 и 24 години. За разлика од нив, дури 63% од испитаниците постари од педесет години изјавиле дека никогаш не го виделе својот татко да плаче. Повеќето испитаници, односно 78%, изјавиле дека најчесто плачат на погреби и доколку чувствуваат некаква тага. Многу помалку од половина, поточно 44% од мажите плачат на тажни моменти од филмови или после прекинување на долгогодишни врски (39%).

Резултатите се сосема различни од она што на што сме се навикнале, односно веќе не може да се рече дека мажите не плачат. Студиите покажуваат дека мажите во просек плачат дури неколку минути месечно, додека, според примерите на поголемиот број жени, тие плачат помеѓу 15 и 30 минути во истиот временски пеиод. Долго се сметаше дека причината поради која мажите не плачат е присуството на тестостеронот кој го спречува плачењето, а причината поради која жените го прават тоа е присуството на хормонот пролактин кој ја забрзува работата на солзниците.

Мажественост

Плачот не е само резултат на хемиските споеви во телото. Според истражувањето на професорот Ад Вингерхоутс од факултетот Тилбург во Холандија, во кое биле анализирани навиките за плачење во 35 држави, било докажано дека постои и културолошки аспект на плачењето. Во државите во кои слободата на говорот е поизразена, мажите се посклони кон плачење отколку, на пример, во земјите со понизок социјален статус, како што се Чиле, Гана, Нигерија, Непал и во патријархалните земји во Источна Европа.

Судејќи според литературата, мажите низ историјата не секогаш ги криеле солзите. Во Античка Грција и Рим плачењето меѓу мажите не само што било било прифатено, туку дури и пожелно. На пример, во Хомеровата „Илијада“, Одисеј плаче за својот дом, за саканите, за паднатите борци... Главно, тој во поголемиот дел од книгата најчесто плаче, но речиси секогаш кога плаче, го прави тоа сам. Слично, во Стариот завет се наведува дека древните Евреи плачеле додека му се заблагодарувале на Бог или пред заминувањето во битка. Плачел и Исус, за нашите гревови.

Од кога всушност на мажите им било „дозволено“ да плачат? Според текстот на блогот за „вистински“ мажи, Art of Manliness, на мажите им е дозволено да плачат само кога станува збор за: смрт на саканата личност, смрт на домашниот миленик, раѓање на дете, запросување, венчавка, сообраќајна несреќа, пред спомениците на паднатите борци и на последниот спортски натпревар (професионален или аматерски).

Во исклучителни случаи дозволено е да се плаче на филмови како што се La vita è bella, We were soldiers, Gladiator, Saving Private Ryan или The Shawshank Redemption.

Мажите кои плачеле во книжевноста

 1. Илијада, Хомер
6 век пред Христа

Целата грчка војска се препуштала на едногласен плач дури трипати. Кралот Пријам не само што плачел, туку си ја кубел косата од тага. Зевс плачел со крвави солзи, а плачеле дури и бесмртните коњи на Ахил после смртта на Патрокло.

2. Библија
Од 1513 година пред Христос, до 98 година

Светата книга на Евреите и христијаните е преполна со примери на машки плач. Солзи ронеле кралевите, обичните луѓе, па дури и Бог, отелотворен во својот син Исус.

3. Песна за Роланд (непознат автор)
11 век

Најстарото и најзначајното ремек-дело на старофранцуската книжевност е посветено на битката во пиринејската клисура Ронсевал, која се одиграла во 778 година, за време на владеењето на Карло Велики. Во тоа доба, за време на пеењето, мажите воопшто не се воздржувале од плачење.

4. Ланселот, Кретјен Де Троа
12 век

Кретјен Де Троа е првиот писател кој во француската книжевност ја воведува келтската легенда за кралот Артус (Артур) и витезите од неговиот дворец. Прикажувајќи ги нивните подвизи, Кретјен де Троа го изразува својот аристократски светоглед и концепција на т.н. дворска (куртоазна) љубов, која ја презема од провансалските трубадури. Меѓу неговите авантуристични романи се истакнува „Ланселот“, роман за витезот кој, меѓу другото, посветено ѝ служи својата госпоѓа и горко се расплакува кога дури и накратко ќе се раздели од Гиневра.

5. Хеике Моногатари (непознат автор)
14 век

Јапонски еп во кој се раскажува за борбата меѓу клановите Хеике и Гени. Во делото кое често се цитира како извор за идеално однесување на самураите, и пријателите и непријателите плачеле после погубувањето на заповедникот, додека ракавите не им се распаднат.

6. Канцониер, Франческо Петрарка
14 век

Петрарка квалитетно се изнаплака за Лаура во Канцониер и додека била жива и после нејзината смрт. А еден од неговите најпознати сонети оди вака: „Плачам сега по деновите изминати, бол,/ Кога за тебе се тресев, смртен свету…“

7. Ромео и Јулија, Вилијам Шекспир
16 век

Младиот аристократ Парис добро се изнаплака за Јулија во гробницата на семејството Капулети, мислејќи дека таа е мртва.

„Крину, со цвеќа го китам невестинскиот одар,
О јаду, покровот ти е прашина и камен
што со слатка вода ќе го појам ноќе
а нејзе штом ја снема, со солзи од плачов
за почест кон неа постојано ќе итам
за да ја оплачам и гробот да ѝ го китам“.

Ништо подобар не е ни Ромео, кога ќе дознае дека поради убиството на Тибалд ќе биде прогонет од градот. Очаен поради казната веќе знае дека никогаш повеќе нема да ја види Јулија. Тоа сознание за него е полошо од самата смрт.

Но, неговото жалење го прекинува свештеникот Лоренцо:
„Дали си маж? Изгледот твој вреска дека си.
Но плачеш ко жена, а дивите постапки твои велат
Дека во тебе се разгневила неразумна ѕверка.
Неприлична жена со изглед на маж
Или изобличен ѕвер истовремено и жена и маж!
Ме чудиш многу. Жими светиот позив
мислев дека си од поинаков ков.“

Се чини дека кај Шекспир почнува проблемот со солзите и мажите.

Извор: Globus

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото