На плоштадот ќе се извишат нови хотели и споменик повисок од Воинот!

09.10.2015 02:03
На плоштадот ќе се извишат нови хотели и споменик повисок од Воинот!

На плоштадот во Скопје врие од градежни работи и со секој изминат ден се смалува местото каде што некогаш се одржуваа концерти, митинзи, протести. Градот полека го губи плоштадот, новиот централен изглед ќе биде главно со хотели во височина од 29 и 30 метри, а над сите објекти ќе се издигнува споменикот на Мајка Тереза со височина од 32 метри, со што ќе го надвиши и споменикот Воин на коњ и тоа за 7,5 метри.

Од објектите што веќе се градат, при крај е изградбата на хотелот „Мериот“, висок 30 метри. Хотелот е од висока класа, од светски познат синџир со седиште во Америка и ќе има 180 соби и 16 луксузни апартмани. Инвеститор на овој хотел е македонската компанија „Дивелоп груп“, а според најавите, инвестицијата е 38 милиони евра.

Веднаш до хотелот „Мериот“, пред една недела почна изградбата на објект со скулптурална композиција посветен на Мајка Тереза, и тоа на само неколку стотици метри оддалеченост од спомен-куќата на Мајка Тереза. Во знак на несогласување со одлуката на Владата, донаторот на бистата на Мајка Тереза, Трифун Костовски, и скулпторот Томе Серафимовски, најавија нејзина дислокација од пред спомен-куќата. Објектот со скулптурална композиција на плоштадот ќе чини 5,6 милиони евра, а парите се од Буџетот на Република Македонија. Само пред две години бомбастично се најавуваше дека овој објект ќе го гради Субрата Рој и дека, всушност, споменикот е негова донација. Рој симболично постави и обележје каде што ќе гради и одржа долг говор за Мајка Тереза, која, како што потенцираше, лично ја познавал. Но и овој, како и другите најавени проекти од контрoверзниот бизнисмен, пропаднаа откако тој замина во затвор во Индија.

Кругот, од споменикот на Мајка Тереза до кејот на Вардар е ограден, дел е раскопан, а зградата на поранешниот Офицерски дом е во тек на изградба. Токму за ова земјиште во јавноста долго се зборуваше. Во 2011 година замјиштето со површина од околу 6.000 квадратни метри за 620.000 евра го купи грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас, чие име деновиве повторно се актуелизира со објавеното сведочење на Слободан Богоевски од страна на судот во Њујорк за негова вмешаност во аферата „Македонски телеком“. Контоминас во 2012 година беше уапсен во Грција за тамошна проневера, а потоа беше пуштен со кауција од 5 милиони евра за да се брани од слобода.

Во август годинава, како што објави порталот „Призма“, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко стана газда на фирмата на Контоминас, која веќе почна да го гради Офицерскиот дом. Според договорот што беше склучен со Контоминас, тој требаше дел од Офицерскиот дом да го даде без надоместок на градските власти, а хотелот што ќе се гради, треба да биде најмалку со 4 ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на синџир од најмалку 250 хотели. Самсоненко е газда и на хотелот „Русија“ во скопската населба Аеродром.

Според деталниот урбанистички план Мал ринг за скопскиот плоштад, покрај маркичка за хотел и Офицерски дом, на истата парцела на која гради Самсоненко има маркичка и за деловно-комерцијален објект, во чиј состав, пак, има предвидено хотел! Висината на овој комплекс е 29 метри и вклучува приземје, седум ката и поткровје.

Од другата страна на плоштадот, на просторот меѓу „Сити галери“ и ресторанот „Пелистер“, пред „Лумикс“ треба исто така да се гради деловно-комерцијален објект со висина од 29 метри, пред кои ќе бидат Шпанските скали. Од овој објект до Камени мост, за плоштадот треба да останат само дваесетина метри.

За да го спаси кејот на Вардар да не стане улица, но и источниот дел од Плоштадот од градежната експанзија, Општина Центар донесе времена мерка за забрана на градежните работи до 31.12.2015 година.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни Простори / Став
Јавни Простори / Став
Јавни Простори / Екологија

ОкоБоли главаВицФото