Зошто десницата сака да зборува за политика на привилегии?

09.10.2015 10:55
Зошто десницата сака да зборува за политика на привилегии?

Минатиот месец напишав кратка статија за начините на кои некои луѓе – особено богатите либерали – се обидуваат да ја лишат формулацијата „99% против 1%“ од нејзината инхерентна класна политика, со цел да ја претворат во нов облик додевање заради привилегираноста.

Тврдев дека таканаречениот „еден процент“ подобро ќе го разбереме ако го набљудуваме како класа наместо преку група произволни привилегии или дури во однос на конкретен распон на платите – иако тоа е и сигурно подобар почеток од диференцијацијата врз основа на тоа дали некој пушел мет. Понатаму, тврдев дека, доколку ја изгубиме од вид таа владејачка класа на врвот, престануваме да се занимаваме со неа и наместо тоа вниманието го насочуваме кон себе, дозволувајќи им на реалните моќници во нашето општество да се извлечат сосема неказнето.

Некои делови од работничката класа без сомнеж се повеќе потчинети од другите, но таа статија ја напишав бидејќи Американците денес се преплавени од мноштво либерални политички ставови на кои она што би требало да биде политичка пресметка против вистински моќните настојува да се претвори во епидемија на вина и соучесништво, при што вината треба да ја понесе голем дел од нас, а понекогаш речиси сите.

Тоа не е само невистинито; ако целта ни е општествена еманципација тоа исто така е политички неефикасно.

Но, има уште еден проблем со политиката на привилегии: леснотијата со која ја употребуваат конзервативците.

За разлика од многу левичари од таканаречените „сини држави“, јас растев со Раш Лимбо. Раш, Марк Дејвис, Хју Хјуит – ги слушав сите нив додека родителите како момче ме возеа на тренинзите по безбол и на празниците. Кога ќе ја слушнев моќната бас делница во уводот на емисијата на Лимбо (од песната на Pretenders “My City Was Gone”) ми се стегаше желудникот од размислување за сите помпезни тиради кои ќе следат. Каква и да беше таа емисија не ми се допаѓаше нејзиниот ефект врз моите родители. Не толку заради тоа што беше полна со омраза, колку заради тоа што беше саркастична, полна со кикотење и растроена.

Во тоа време, кога немав никакво знаење за надворешниот свет, мислев дека тие радиски десничари се одвратни и веројатно не се во право. Но, истовремено почнав да ги забележувам ритамот и интонацијата на нивните аргументи.

Либералите сакаат да веруваат дека сите тие агресивни радиски водители се глупави и дека успеале да соберат голем број слушатели едноставно затоа што „има многу расисти“. Се разбира, постои голем пазар за такви емисии во САД. Но, не се работи само за тоа.

Постои причина заради која толку милиони ги слушаат нивните емисии во текот на сите овие децении. Конзервативната политика има доследна логика, а голем дел од таа логика е напад на она што го гледаат како низа неправедни и нечесни „привилегии“ кои ги штити либералната држава.

Конзервативното движење веќе со децении ја искористува слабоста на работничкото движење за да ги заврти надничарите против синдикално организираните работници. Со своите тешко изборени бенефиции и поголемите плати, синдикално организираните работници, сепак, се „привилегирани“ членови на работничката класа.

Колку неброени часови радиски простор потрошиле Лимбо и екипата на некој мрзелив „ништожник“ зачленет во синдикатот United Automobile Workers кој е платен 70 долари на час за да заврти светилка во автомобилот Шевролет? Или на центрите за повторно распоредување наставници на служба, од таканаречените „гумени соби“ кои се полни со наставници од јавните училишта – кои не можат да се отпуштат заради нивниот проклет синдикат? Само погледнете колку вешто гувернерот на Висконсин, Скот Вокер успеа да преобрати поголем дел од својата сојузна држава – вклучувајќи ја и работничката класа – против „привилегираните“ вработени во јавниот сектор.

Кога социјалдемократските партии од западниот свет се одлучија за решенија во облик на неолиберални политики наместо за застапување на материјалните интереси на работничката класа, десницата се придружи на тоа – тврдеше дека семејствата на доселениците се „привилегирани“ корисници на социјални програми за кои работниците се бореле во текот на целиот дваесетти век.

Имаме сопствена верзија од тоа во САД: дали изразено сиромашната личност која добива здравствена помош преку Medicaid е „попривилегирана“ од личност од работничката класа која е присилена од сопствениот џеб да плаќа претерано високи премии за здравствено осигурување? Десницата ќе рече дека е.

А, сепак, треба да забележиме колку конзервативците се уверени дека формулирањето на проблемот како прашање на „привилегиите“ секогаш ќе им оди во корист – дека ќе води кон намалување на Medicaid и намалување на финансирањето на социјалната држава – а никогаш во корист на солидарните политики за јавно финансираното здравство.

Понекогаш десницата дури и ширум светот ќе бара како сиромашните Американци да ги претстави како уште една од привилегираните класи. Што ќе направат кога ќе посакаат да ги отфрлат новите шокантни статистички податоци за сиромаштијата во САД? Брзо ќе ја спротивстават сиромаштијата на Американците со сиромаштијата на оние во помалку развиените земји.

„Сиромашните американци се привилегирани!“, вели десницата. Тие, пак, имаат кабловска телевизија, мобилни телефони, ладилници. Тоа се нешта кои сиромашните на други места ги немаат – па, дали заради тоа, капитализмот и економската нееднавкост навистина се толкав проблем?

Прашајте се: дали ова во суштина не е ист аргумент како оној што го промовира интернетската порака „проблемите на првиот свет“, која прогресивците толку ја сакаат? Дали се сеќавате кој беше аргументот на конзервативците за време на движењето Occupy? Сите тие момчиња имаат Ајподи! Купуваат кафе во Старбакс! Сите тие, будали, учесници – се привилегирани. Не слушајте ги тие хипстери!

И, се разбира, во ретки прилики кога некоја прогресивна celebrity личност ќе отиде неколку сантиметри повеќе кон лево, од она што е прифатливо – како што направи Мет Дејмон во својата брутална демонтажа на движењето за реформа на образованието – нè потсетува дека тие луѓе, на крајот на краиштата, се привилегирани. Дури и ако се залагаат за укинување на истите тие привилегии.

Ниеден од тие конзервативни аргументи не ја споменува владејачката класа на врвот. Наместо тоа, нашето внимание го насочуваат на друго место. Никогаш не се случува потрагата на некој конзервативец за „привилегија“ да се врати назад во неговото лице и притоа да посочи на капиталистичката класа во целина.

Десницата употребува политика на привилегии за да ја избегне класната политика, прикривајќи каде точно во нашето општество реално се наоѓаат богатството, моќта, и, секако, привилегиите. Јасно е дека има нешто во оваа тактика што ја погодува конзервативната мисија. Ја употребуваат веќе со децении. Очигледно е дека имаат причина да веруваат дека таа дејствува во нивна корист.

Тогаш, зошто мислиме дека дејствува во наша корист?

https://www.jacobinmag.com

ОкоБоли главаВицФото