Тајната на црвенокосите

10.10.2015 12:01
Тајната на црвенокосите

Британската историчарка на уметност, Џеки Колис Харви, во најновата книга открива кога се појавил „црвениот“ ген, од каде доаѓаат повеќевековните предрасуди, кога станале популарни во уметноста, дали биле спалувани на клада...

За да ги успијат црвенокосите, анестезиолозите мораат во просек да им дадат 20% посилна анестезија отколку на луѓето со друга боја на коса. Луѓето со црвена боја на косата произведуваат повеќе адреналин, па многу побрзо реагираат во опасни ситуации. Но, црвенокосите луѓе исто така и поинтензивно чувствуваат болка и почувствителни се на екстремни температури.

Природно црвенокосите жени навистина се попривлечни, но не затоа што се „жешки“, туку затоа што „мирисаат“ поинаку – на фермонско рамниште и затоа што природно произведуваат повеќе витамин Д. Ова се само дел од откритијата собрани на едно место за луѓето со „огнена“ боја на коса, за што е одговорен генот кој се појавил пред педесет илјади години, открива во новата книга насловена Red: A Natural History of the Readhead (во слободен превод Црвено: Историја на луѓето со црвена коса) историчарката на уметност, Колис Харви.

Вистинските црвенокоси се исклучително ретки. Дури 2% од глобалната популација има природно црвена коса, а наголемиот број на црвенокоси се раѓаат на западниот брег на Шкотска и во Ирска, како и околу реката Волга во Русија. Црвениот ген, пишува авторката во нејзината книга, првпат најверојатно се појавил во Африка. Џеки Колис Харви во својата книга ги следи црвенокосите низ вековите и нивниот феномен го анализира од научна, религиозна, политичка, феминистичка и културолошка позиција.

Варвари

Авторката наведува дека грчкиот филозоф и поет Ксенофан ги споменува Трачаните како луѓе со сини очи и црвена коса. Поголемиот дел од античкиот свет не им бил особено наклонет на црвенокосите луѓе кои со векови се соочувале со предрасуди и задевање. Во старогрчкиот театар, робот секогаш имал црвено перо на главата и бил мрзлив, непослушен и недоветен. Најверојатно многу мал дел од Трачаните биле природно црвенокоси, но бидејќи старите Грци не ги сакале, ликовите имале пејоративно значење.

Низ историјата, како што се наведува во книгата, мажите со црвена коса често биле доживувани како варвари или како кловнови. Често биле доживувани и како крајно негативни ликови, како ликот на Урија Хип во романот на Чарлс Дикенс, Дејвид Коперфилд. А во други прилики биле претставувани како предавници, како Јуда. Навистина, Јуда Искариотски, апостолот кој според Библијата го издал Исус за триесет сребреници, прикажуван е како човек со црвена коса. Тоа секако не можеме да го знаеме со сигурност, но средновековните сликари често го портретирале со интензивна црвена коса и црвена брада. Дури и фразата „бојата на Јуда“ стана синоним за луѓето со црвена коса. Денес се верува дека уметниците од средниот век го направиле тоа со цел на платното визуелно да го издвојат предавникот од другите ученици, меѓутоа со тоа придонеле и да се зацрсти негативниот став кон црвенокосите кој потрајал низ вековите.

Црвенокосата Лилит со змија, како што ја замислил британскиот сликар Џон Колиер

Ноќен демон

Жените со огнена боја на коса често се перцепирани како лажливки спремни на сè, а истовремено сексуално слободни, како жени кои ги искористуваат мажите. Првата црвенокоса е Лилит, првата жена на Адам, чија положба не била рамноправна со неговата, па таа налутена ја напуштила рајската градина. Бог по неа испратил три ангели, но Лилит ги одбила, поради што била проколната. Опишана е како жена со долга црвена коса, а подоцна во средновековните митови била претставувана како ноќен демон, крадец на деца.

Ни христијанството не излегувало од тие шеми. Затоа ја имаме и прељубницата Марија Магдалена, на слики често претставувана со бујна црвена коса која ја прикажува како лоша девојка, проститутка-покајничка. Проститутките и жените со сомнителен морал своите коси не ги носеле собрани под марама или шешир, туку слободно им паѓале на рамената, а се тврди и дека ги обојувале со црвена к’на за да се разликуваат од чесните жени. Покрај тоа, црвената коса во сликарството била соодветна како контраст на сината, во која обично е претставувана Дева Марија.

Марија Магдалена (1598), во интерпретација на италијанскиот сликар Доменико Тинторето

Во главната книга за лов на вештерки, Malleus Maleficarum, односно „Стап за вештерки“, оригинално објавена во 1486 година во Германија, не се споменува дека вештерките имаат црвена коса, но во англискиот превод, свештеникот Монтегју Самерс додал делови во кои стои дека станува збор за грозни црвенокоси жени.

Жените кои завршувале на клада всушност најчесто биле постари, седокоси бедници, меѓутоа во општата меморија влегле оние со коси со боја на бакар.

Англискиот крал Хенри VIII, како и повеќето Тудори, бил црвенокос

Црвената боја на коса, секако не била препрека доколку на глава ја „носел“ кралот. Хенри VIII бил црвенокос, наводно се срамувал од својот црвен пигмент и се обидувал да го потисне, па затоа се оженил со темнокосата Ан Болејн. И покрај тоа, нивната ќерка Елизабета била црвенокоса. Кралот Хенри ја прогласил за незаконска, иако таа наликувала на него многу повеќе од сите други деца.

Тука се Едвард VI и Мери, која исто така имала коса со бакарна нијанса. Елизабета I која била нарекувана и Дева Кралица и Глоријана, уште повеќе ја интензивирала својата црвена, кадрава коса и ја правела својата кожа уште побледа, а се зборувало дека тоа го правела за да го истакне изгледот типичен за династијата Тудор. Користела повеќе од 80 перики и сите имале огнено црвена боја. Имала склоност кон мажи со црвенкасто-смеѓи бои на коса и брада, но потомството не било нејзин приоритет. После нејзината смрт во 1603 година, наклоноста кон црвенокосите луѓе почнала повторно да опаѓа.

Кралицата Елизабета I намерно ја истакнувала црвената коса и светлата кожа

Тоа можеме да го видиме и во некои книжевни дела, наведува Колис Харви во нејзината книга. На пример, во познатата драма на Томас Мидлтон, Вештица, волшебничките подготвуваат напиток од зготвена крастава жаба, отров од змија и делови од црвенокоса девојка. Нешто слично може да се најде и во некои верзии на Магбет на Шекспир, после смртта на славниот автор. Наскоро, за време на владеењето на англискиот крал Џејмс I, црвенокосите девојки пак станале грозни како крастави жаби и змии отровници.

Според анализите на британската историчарка на уметност, оттогаш Британија веќе никогаш немала црвенокос владетел. Потоа, во 19 век на сцена доаѓа уметичкото братство прерафаелити со својата револуција кога станува збор за многу општествени прашања, па така и за црвениот пигмент на коса. Истакнатиот претставник на тоа културно движење, Данте Габриел Росети имал црвена коса. Неговата муза и љубовница, Лизи Сидал имала огнено црвена коса. Додека „дрндала“ на харфата, прамени од густата коса еротски се спуштале на нејзините раменици. Росети и неговите пријатели од групата ги сликале црвенокосите хероини кои, во склад со викторијанските начела, не се опасни и алчни, туку пасивни сопруги, верни на своите мажи.

Во 1946 година, Рита Хајворт, црвенокосата убавица и секс симбол од четириесетите, влегува во историјата со филмот Гилда, сензуално свлекувајќи ја едната ракавица

Вештица на бојата

Почетокот на 20 век е наклонет на девојките со бакарна боја на коса, а и тицијанската црвена станува многу популарна. Оние кои некогаш биле нарекувани жени-моркови, станале посакувани убавици. Во 1946 година, Рита Хајворт, црвенокосата убавица и секс симбол на четириесетите, со својот најпознат филм Гилда влегува во историјата на сензуалното свлекување на едната ракавица.

За тоа колку сексипилот нагласен со црвената боја на коса станал доминантен, зборува и фактот дека една од опитните атомски бомби фрлени во Пацификот е наречена Гилда. Пораката е јасна – црвенокосите жени разоруваат. Писателката Колис Харви нагласува дека француските уметници, како што се сликарите Едгар Дега и Анри де Тулуз-Лотрек полудувале по црвенокосите музи и модели. Професорката Жељка Чорак од Институтот за историја на уметност вели дека станува збор за исклучително интересна тема.

Францускиот сликар Анри де Тулуз-Лотрек сликал црвенокоси танчерки

„Со векови црвената коса била боја на коса на вештерките, а потоа наеднаш оние прекрасни венецијански госпоѓи почнале да се потпираат на оние преубави, готички прозорци за да ги изложат на сонце своите долги коси. Косата станувала посветла, златно-црвенкаста и оттука настанала тицијанската црвена боја како боја на убавината. Тоа не е онаа северна портокалова, добиена според рецептот на вештерките, туку таа имала интензивна златна подлога. Многу е интересно како поимот за убавина се менува со текот на времето. Сè зависи од нијансите, во еден општествен момент нештата се проклети и опасни, во друг посакувани“ – вели Чорак.

Професорот Емил Хершак од Катедрата за антропологија во Загребскиот Филозофски факултет вели дека најголемиот процент на црвенокоси луѓе се наоѓаат во северните делови од Европа, Ирска и Шкотска и во подрачјето околу Урал. „Црвената боја на коса дошла со прачовекот, па покрај тоа што имаме крапински прачовек, речиси сме на нула со тој ген“ – вели Хершак.

Час по танцување, слика на францускиот сликар Едгар Дега

„Црвената коса, светлата кожа, тоа се прачовекот и неговата сопруга. Затоа и Вилма во популарниот цртан филм „Каменко и Кременко“ има црвена коса. На подрачјето на Велика Британија црвенокосите луѓе не се реткост, како на пример на подрачјето на Медитеранот, па интересно е да се знае дека црвенокосите наидувале на предрасуди од своите сограѓани. Можеби тоа во одреден дел е и поради тоа што станува збор за Шкотите и Ирците кои имаат изразен црвенокос ген. Веројатно во тоа лежи и дел од одговорот, но не постои научна рамка според која денес би се потврдило дека црвенокосите луѓе страдаат во општеството поради бојата на косата. Поимот за убавината едноставно се менува низ вековите“ – вели Хершак.

Римската божица Прозепина, слика на италијанскиот сликар, Данте Габриел Росети

Поим за убавина

Во 21 век сè повеќе се шири наклонетоста на сите нијанси на огнено портокалова и црвена. Пред сè, тоа се гледа по мегапопуларните холивудски актерки кои речиси сите во една фаза имаа барем црвени прамени. Да се потсетиме на убавиците како што се британската актерка Еленор Томлинсон, како и на Никол Кидман која секогаш блеска пред објективите...

Интересен податок е дека во 2011 година, од најголемата банка за сперма, Cyros International со седиште во Данска, објавиле дека веќе не земаат сперма од црвенокоси мажи бидејќи имале доволно. Дошло до тоа и да се оформат различни организации кои ги бранат правата на црвенокосите луѓе, штитејќи ги од предрасуди, а во многу земји се одржуваат и фестивали, како што е Денот на црвенокосите во Холандија на кој се собираат сите горди сопственици на црвени коси, мајки, татковци, деца, готвачи, рокери...

Наташа Кулзак, фотографија на Мишел Маршал како дел од проектот MC1R, насловен според генот одговорен за црвената коса

„Освен што брзо паѓа во очи, црвената боја на коса буди чувство да посакаме да ја допреме“ – вели Колис Харви. Сакаме да почувствуваме каква е на допир, да поминеме низ неа со прстите, а тоа го знае секое црвенокосо дете на кое ќе му пријдеме и ќе го погалиме по глава без прашање. И додека околу нас, на телевизија и во филмовите врие од огнени коси, популациски ги има едвај меѓу два и шест проценти.

Низ историјата луѓето ги обојувале косите со секакви можни средства, со к’на, сок од ореви, црвено вино, и различни билки. Но, вистинската револуција ја направи хемиската индустрија со боите за коса кои потоа го покорија Холивуд, а тој потоа ги покори нашите ставови и предрасуди за убавината.

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото