Право на град (1)

10.10.2015 13:17
Право на град (1)

Живееме во ера во која идеалите за човечките права го заземаат централното место, како во политичка така и во етичка смисла. Огромен дел од политичката енергија се вложува во промовирање, заштита и артикулирање на нивното значење во изградбата на подобар свет. Во најголем дел, концептите кои циркулираат се индивидуалистички и се засновани на сопственоста, и како такви никако не ја загрозуваат хегемонистичката либерална и неолиберална пазарна логика или неолибералните законитости и државните акции. Меѓу другото, ние живееме во свет во кој правото на приватна сопственост и профитните стапки ги истиснуваат сите други концепции на права кои воопшто можат да се замислат. Но, постојат околности во кои идеалот на човечките права доживува колективен пресврт, како кога правата на работниците, жените, геј популацијата и малцинствата доаѓаат во прв план (наследството на старото работничко движење и, да речеме, движењето за граѓанските права кое се појави во САД во шеесеттите години, кое беше колективно и имаше глобално влијание). Таквите борби за колективните права периодично донесуваа важни резултати.

Тука би сакал да истражам еден друг вид колективно право – правото на град во контекст на оживување на интересот за идејата на Анри Лефевр за тоа прашање, како и појавата на сите видови општествени движења ширум светот кои сега бараат такво право. Значи, како може да се дефинира ова право?

Градот, како што еднаш напиша знаменитиот урбан социолог Роберт Парк, претставува „најдоследен човечки и, во целина, негов најуспешен обид да го реконструира светот во кој живее според своите желби. Но, ако градот е свет кој го создал човекот, тоа е свет во кој оттогаш тој е осуден да живее. На тој начин, индиректно и без никакво јасно чувство за природата на својата задача, човекот преку изградбата на градот се реконструирал самиот себеси.“1 Ако Парк е во право, тогаш прашањето каков вид град сакаме не може да биде одвоено од прашањето каков вид луѓе сакаме да бидеме, за какви видови општествени односи трагаме, каков однос негуваме кон природата, за каков начин на живот копнееме и до какви естетски вредности се придржуваме. Оттука, правото на град е далеку повеќе од право на индивидуален или групен пристап до ресурсите кои ги отелотворува градот: тоа право на менување и повторно осмислување на градот во сè поголема мера е во согласност со нашите најискрени желби. Покрај тоа, тоа е колективно, а не индивидуално право, бидејќи повторното осмислување неизбежно зависи од изразувањето на колективната моќ на процесите на урбанизација. Слободата да се градиме и обновуваме себеси и нашите градови е, како што би сакал овде да истакнам, едно од најдрагоцените а повторно едно од најзанемарените наши човечки права. Како на најдобар можен начин да го изразиме тоа право?

Со оглед на тоа дека, како што тврдеше Парк, ние досега не сме имале никакво јасно чувство за природата на нашата задача, пожелно е прво да разгледаме како сме се создавале и унапредувале низ историјата, со посредство на процесите на урбанизацијата кои ги наметнувале моќните општествени сили. Зачудувачкото темпо и обемот на урбанизација во изминатите стотина години, да речеме, значи дека ние одново сме се реконструирале неколкупати, притоа не знаејќи зошто и како. Дали оваа драматична урбанизација придонесе за човечката благосостојба? Дали таа од нас направи подобри луѓе или нè остави да висиме во светот на моралната дезориентација и отуѓувањето, бесот и фрустрациите? Дали станавме само прости монади расфрлани наоколу во урбаното море? Ова биле прашањата кои ги преокупирале разните толкувачи од деветнаесеттиот век, како Фридрих Енгелс и Георг Зимел, кои давале остроумни критики за урбаните карактери што тогаш се јавувале како одговор на рапидната урбанизација.2 Денес не е тешко да се набројат сите видови незадоволство и стравови, како и возбудувања, среде уште порапидните процеси на урбаните трансформации. Сепак, некако ми изгледа дека немаме волја за систематска критика. Вителот на промените нè обзема во онаа мера во која се покажуваат очигледните прашања. На пример, што ќе направиме со неизмерните концентрации богатство, привилегии и конзумеризам во речиси сите градови во светот, во околности кои дури и Обединетите Нации во ненадејната експанзија ги опишуваат како „планета на сиромашни квартови“?3

Да се бара право на град во смислата во која зборувам овде значи да се бара право на некаков вид обликувачка моќ над процесите на урбанизацијата, над начините на кои се градат и обновуваат нашите градови, и тоа да се прави на фундаментален и радикален начин. Уште од нивното раѓање, градовите растеле низ процесите на географската и општествената концентрација на вишокот производи. Оттука, урбанизацијата секогаш била класен феномен од одреден вид, бидејќи вишоците се издвојуваат од некое одредено место и од некого, додека контролата над употребата на вишоците вообичаено се наоѓа во рацете на малцинствата (како што се религиската олигархија или поетот воин со амбиции за кралскиот престол). Се разбира, оваа општа ситуација се одржува во услови на капитализам, но во тој случај на дело е сосема поинаква динамика. Капитализмот се темели, како што ни вели Маркс, на постојаната потрага по вишок вредност (профит). Но, за да создадат вишок вредност, капиталистите мораат да произведат вишок производи. Тоа значи дека капитализмот постојано произведува вишок производи кои ги бара урбанизацијата. Исто така, важи и обратната релација. Урбанизацијата му е потребна на капитализмот за да ги апсорбира вишоците производи кои ги произведува во континуитет. На тој начин се појавува внатрешна врска помеѓу развојот на капитализмот и урбанизацијата. Заради тоа, не е изненадување што логистичките криви на растот на капиталистичкиот аутпут со текот на времето многу се совпаѓаат со логистичките криви на урбанизацијата на светската популација.

Ајде малку поблиску да погледнеме што прават капиталистите. Тие го започнуваат својот работен ден со одреден паричен износ, а го завршуваат со износ кој е поголем од почетниот (т.е профит). Следниот ден тие мораат да одлучат што ќе направат со вишокот пари кои ги стекнале претходниот ден. Тие се соочуваат со фаустовската дилема: дали повторно да инвестираат за да добијат уште пари или да го потрошат стекнатиот вишок на задоволства. Немилосрдните закони на конкуренцијата ги принудуваат да реинвестираат, бидејќи ако кој било од нив не реинвестира, некој друг сигурно ќе го направи тоа. За капиталистот да остане капиталист, мора да реинвестира одреден вишок за да создаде поголем вишок. Успешните капиталисти вообичаено вложуваат повеќе отколку што им е доволно за да можат да реинвестираат во експанзијата и воедно да ја задоволат својата страст за задоволства. Но, резултатот од постојаното реинвестирање е експанзија на вишокот производство. Уште поважно е тоа што таа активност со себе повлекува експанзија по сложена стапка – оттука сите логистички криви на растот (пари, капитал, аутпути и популација), кои се поврзуваат со историјата на акумулацијата на капиталот.

Политиката на капитализмот е условена од постојаната потреба да се пронајдат профитабилни зони за производство и апсорпција на вишокот капитал. Притоа, капиталистот се соочува со мноштво пречки кои стојат на патот на континуираната и непречена експанзија. Ако постои недостиг на работна сила, а заработките се превисоки, во тој случај или постоечката работна сила мора да биде дисциплинирана (предизвикување невработеност со помош на технологијата или напад на организираната работна сила – како онаа што ја започнаа Тачер и Реган во осумдесеттите години – претставуваат два приоритетни методи на власта) или мора да се најде нова работна сила (преку имиграции, извоз на капитал или пролетаризација на дотогаш независните елементи кај популацијата). Мораат да се пронајдат нови начини на производство, општо, или нови природни ресурси, конкретно. Сето тоа доведува до растечки притисок врз природното опкружување за од него да се извлечат неопходните суровини, а во него да се апсорбираат неизбежните отпадни материи. Обврзувачките закони и конкуренцијата исто така форсираат постојано да се исфрлаат нови технологии и организациски форми, додека капиталистите со повисоко ниво продуктивност се во состојба да ги надиграат оние кои користат послаби методи. Иновациите дефинираат нови барања и потреби, и воедно го редуцираат времето за обрт на капиталот и отпорот кон оддалеченоста. Со тоа се проширува географскиот распон во чии рамки капиталистот е слободен да трага по дополнителни залихи работна сила, суровини и друго. Ако на постоечкиот пазар нема доволна куповна моќ, тогаш можат да се пронајдат нови пазари за експанзија на надворешната трговија, промовирање нови производи и начини на живот, создавање нови кредитни инструменти и државни трошоци финансирани со дефицит. Најпосле, ако профитната стапка е премногу ниска, тогаш соодветни решенија обезбедуваат државно регулирање на „разорувачката конкуренција“, монополизација (поврзување и спојување) и извоз на капитал на сè уште недопрените наоѓалишта.

Ако во еден момент е невозможно да се заобиколи која било од наведените пречки за континуирано кружење и експанзија на капиталот, тогаш акумулацијата на капиталот се блокира и капиталистите се соочени со криза. Капиталот не може да се реинвестира профитабилно, акумулацијата стагнира или запира целосно, а капиталот девалвира (губи вредност), а во некои случаи дури и физички се уништува. Девалвацијата може да добие голем број форми. Вишоците добра можат да бидат девалвирани или уништени, производните капацитети и имотот можат да бидат отпишани во одреден износ или да бидат недоволно ангажирани или пак самите пари можат да бидат девалвирани преку инфлација. И, се разбира, во време на криза и работната сила девалвира преку масовна невработеност. На кои начини, во такви услови, се води капиталистичката урбанизација од потребата за заобиколување на тие пречки и ширењето на подрачјата на профитабилната капиталистичка активност? Јас тука докажувам дека таа игра особено активна улога (споредено со другите феномени, како што се трошоците за војската) во апсорбирањето на вишокот производ кој капиталистите постојано го создаваат во својата потрага по вишок вредност.4

Најпрвин, да го разгледаме случајот на Второто царство во Париз. Кризата од 1848 година била една од првите јасни кризи на неискористениот вишок капитал и вишокот работна сила во подеднаква мера, и во вистинска смисла била европска. Таа особено силно го погодила Париз, а резултатот бил прераната револуција која ја кренале невработените работници и оние граѓански утописти кои ја гледале социјалната република како лек за капиталистичката алчност и нееднаквоста. Републиканската буржоазија насилно ги загушила револуционерите, но не успеала да ја разреши кризата. Тоа резултирало со доаѓање на власт на Луј Бонапарта, кој го испланирал пучот во 1851 година и се прогласил за цар во 1852 година. За да опстане политички, авторитарниот цар прибегнал кон масовна политичка репресија над алтернативните политички движења, но исто така знаел дека мора да се позанимава со проблемот на апсорбирањето на вишокот капитал, и тоа и го направил со најавувањето широка програма за инфраструктурни инвестиции во земјата и во странство. Ова „во странство“ значело да се изградат железнички пруги ширум Европа и понатаму на Исток, како и поддршка за големите градежни работи како Суецкиот канал. „Дома“ подразбирало консолидирање на железничката мрежа, изградба на пристаништа, сушење на мочурливото земјиште и слично. Но, пред сè, тоа со себе повлекувало реконфигурирање на урбаната инфраструктура на Париз. Бо 1853 година, Бонапарта во Париз го донел Осман за да раководи со јавните работи.

Осман јасно согледал дека неговата мисија била да помогне да се реши проблемот со вишокот капитал и невработеноста преку урбанизација. Обновата на Париз апсорбирала огромни количини труд и капитал, според стандардите од тоа време и, паралелно со авторитарното потиснување на париската работна сила, претставувала примарен инструмент за општествена стабилизација. Осман во голема мера ги користел идеите од утописките планови (кои ги осмислиле фуриеистите и сенсимонистите) за преуредување на Париз, за кои се воделе дискусии во текот на четириесеттите години од 19 век, но со една голема разлика: тој го трансформирал опсегот во кој бил замислен урбаниот процес. Кога архитектот Иторф му ги покажал на Осман своите планови за изградба на нов булевар, Осман му ги фрлил нацртите в лице, велејќи му: „Недоволно широко... си ставил 40 метри ширина, а јас сакам да биде 120“. Осман размислувал за градот во поголеми размери, па така ги присоединил предградијата и преуредил цели соседни населби (како Ле Ала), наместо да се занимава со ситни преправки на градското ткиво. Тој го променил градот во целина, а не во делови. За да го изведе тоа, барал нови финансиски институции и кредитни инструменти осмислени на сенсимоносвки основи (Credit Mobilier и Immobiliere). Она што во суштина го направил било тоа што помогнал да се реши проблемот со располагањето на вишокот капитал преку воспоставување кејнзијански систем на инфраструктурни урбани подобрувања финансирани од дефицити.

Тој систем функционирал одлично петнаесетина години и тој барал не само трансформација на урбаните инфраструктури, туку и изградба на потполно нов урбан начин на живот и изградба на нов вид урбан карактер. Париз станал „град на светлината“, грандиозен центар на потрошувачката, туризмот и задоволствата – кафулињата, големите дисконти, модната индустрија, величествените изложби во целост го измениле урбаниот начин на живот така што било можно да се апсорбираат огромните вишоци преку краен конзумеризам (кој подеднакво ги навредил традиционалистите и ги исклучил работниците). Но, тогаш, 1868 година, пренапрегнатиот и сè поспекулативниот финансиски систем и кредитните структури на кои се темелел системот, доживеале крах. Осман бил тргнат од својата позиција. Очаен, Наполеон III влегол во војна со Германија на Бизмарк, и загубил. Во новосоздадениот вакуум е родена Париската комуна, една од најголемите револуционерни епизоди во капиталистичката урбана историја. Делумно, Комуната била скршена како производ на носталгијата по урбаниот свет што го уништил Осман (сенките на револуцијата од 1848 година) и тенденцијата за повторно запоседнување на градот од страна на оние кои од него биле изземени благодарение на ангажманите на Осман. Но, исто така, Комуната ги артикулирала конфликтните далекусежни визии на алтернативните социјалистички (наспроти монополистичките капиталистички) модернитети, кои ги спротивставиле идеалите на централизираната хиерархиска контрола (јакобинската струја) на децентрализираните анархистички визии за народна контрола (предводени од прудонистите). Во 1872 година, среде интензивното изнесување контраобвиненија во врска со прашањето кој е виновен за падот на Комуната, се случил радикален политички крах помеѓу марксистите и анархистите кој, за жал, до денешен ден сè уште во голема мера ја дели левичарската опозиција на капитализмот.5

(продолжува)

_____________________________________________

[1] Robert Park, On Socioal Control and Collective Behaviour, Chicago: Chicago University Press, 1967:3.

[2] Friedrich Engels, The Condition of the Working-Class in England in 1844, London: Penguin Classics, 2009: Georg Simmel, “The Metropolos and Mental Life” во: David Levine, ed., On Individualism and Social Forms, Chicago: Chicago University Press, 1971.

[3] Mike Davis, Planet of Slums, London: Verso, 2006.

[4] За поцелосен преглед на овие идеи види: David Harvey, The Enigma of Capital and The Crises of Capitalism, London: Profile Books, 2010.

[5] Овој преглед се заснова на: David Harvey, Paris, Capital of Modernity, New York: Routledge, 2003.
 

Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Мурали: Финтан Меги

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото