Светлана Алексиевич: Споменик на страдањето и храброста

10.10.2015 14:19
Светлана Алексиевич: Споменик на страдањето и храброста

Белоруската писателка Светлана Александровна Алексиевич е добитничка на Нобеловата награда за литература „за своето повеќеслојно дело, кое претставува споменик на страдањата и храброста на нашето време."

Светлана Александровна Алексиевич е родена на 31 мај 1948 година во местото Станислав, во тогашната Украинска Советска Социјалистичка Република. Нејзината мајка е Украинка, а татко ѝ е белоруски војник, кој по завршувањето на воениот рок, семејството го однел во Белорусија. Родителите на Алексиевич таму се вработиле како учители во едно село, местото во кое Светлана Алексиевич израснала.

До 1972 година студирала новинарство на Државниот универзитет во Белорусија, а потоа работела за локални весници и како учителка. Во 1976 година станала дописник на списанието за литература Neman, пишувајќи приказни, есеи и кратки раскази. Развила еден литературен метод кој овозможува големо приближување до реалниот живот и сумирање на индивидуалните гласови од секојдневниот живот во колаж.

По објавувањето на книгата „Војната нема женско лице“, која авторката ја завршила во 1985 година, тематизирајќи ја судбината на советските жени на војниците во Втората светска војна, советската цензура ја обвинува дека ја „уништила честа на големата патриотска војна“. Книгата е објавена дури по почетокот на Перестројка.

Белорускиот режисер Виктар Дашук (1980-1984), врз основа на материјалот од петстотини часови кој Светлана го направила во интервјуто со советските учесниците во војната, сними документарец во седум дела, со наслов „Војната нема женско лице“, кој на фестивалот на документарни филмови во 1983 година во Лајпциг освои една од главните награди, а на режисерот во 1985 година му е доделена советска државна награда.

Критичарка на деспотското владеење на Лукашенко

Во исто време кога е објавена цензурираната книга на Светлана Алексиевич, излезе и нејзината следна книга насловена „Последните сведоци“, во која ја тематизира судбината на своето семејство во војната. „Момчиња од цинк“ е следната книга, за која Алексиевич, помеѓу 1989 и 1992 година, интервјуираше петстотини советски ветерани кои се бореа во Авганистан, како и мајките на загинатите војници, кои од авганистанските куќи беа транспортирани во сандаци од цинк.

Иако во Минск неколкупати е изведена на суд поради оваа книга, никогаш не е осудена. Потоа следуваа книгите „Фасцинација од смртта“ и „Чернобилска молитва“, која претставува своевиден доказ за страдањата на луѓето погодени од нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година.

Светлана Александровна Алексиевич, како критичарка на деспотското владеење на претседателот Лукашенко, во Белорусија била следена, прислушкувана и имала забрана да учествува на јавни настапи. Но, во 2011 година, по долгиот престој во Париз, Стокхолм и Берлин, сепак се враќа во Минск.

Пред Нобеловата награда има добиено голем број на меѓународни признанија, меѓу кои и мировната награда на германските издавачи во 2013 година. Истата година излегува и нејзината книга „Време на second hand“.
Интересно е дека германската музичка група Samsas Traum уште во 2011 година го издаде албумот Упатство за состојбата на смрт со посвета во која пишува дека албумот меѓу другото е посветен и на Светлана Алексиевич „чии книги за смртта мене ме вратија во живот.“

Извор: www.dw.com

 

ОкоБоли главаВицФото