Промоција на поетската збирка „Зборовите немаат значење“ од Биљана Стојановска

13.10.2015 01:58
Промоција на поетската збирка „Зборовите немаат значење“ од Биљана Стојановска

На 13 октомври (вторник) во фоајето на Кино Фросина во МКЦ, со почеток од 20 часот, ќе се одржи промоција на поетската збирка „Зборовите немаат значење“ на Биљана Стојановска, објавена во издание на „Антолог“.

За книгата ќе зборува Никола Маџиров, а песни ќе читаат Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Ана Голејшка и Николина Андова Шопова. Музичка поддршка на настанот ќе обезбеди Јаков Дренковски.

„Поезијата на Биљана Стојановска е длабок допир со ритуалноста на денот. Обичноста на објектите и нивната конкретна и вербална поврзаност со мигот и со телото на оној што пишува го исцртуваат топлиот амбиент на присуството на една широка љубов – љубов што живее во делбата пред да стане разделба и во припомнувањето пред да стане помнење“, забележува Никола Маџиров.

Ѓоко Здравески, пак, во својата рецензија пишува: „Треба да се има луцидност да се созерцне во секојдневјето, кое по својата природа е банално, и од него да се создаде мудрост. Кога би се барало од мене со една реченица да ја опишам книгата 'Зборовите немаат значење' од Биљана Стојановска, тоа би била мојата реченица. Пред вас имате сериозна книга од млад автор што многу ветува. Ваквите книги се вистинска реткост во македонската книжевна продукција.“

ПРИЧИНА

9.

Да не се убиеја Ромео и Јулија,
нивната љубов ќе наликуваше на нашата.
Ромео ќе лажеше дека мора да оди на патување,
Јулија, пак, дека ја задржале на работа
за да кисне во кафана.
Следниот ден, како ништо да не било,
ќе си го пиеја ритуалното кафе,
ќе си ги допираа стапалата под маса
додека разговараат за приказните во дневните весници.

Да не се убиеја Ромео и Јулија,
сигурно ќе си најдеа љубовници.

21.

Кога ќе ми дадеш комплимент,
ми станува непријатно.
Во тие мигови, знам дека ми се менува
бојата на лицето,
па ми станува уште понепријатно.

Истото чувство ми се јавува
и кога некој ќе ме праша
дали ми се нови патиките.

29.

Најдолгите седум минути во мојот живот
беа додека чекав да ти дојде таксито за дома.
Додека во себе превртував со очите, а со усните те љубев,
всушност, сакав да трчам по улиците,
да ги газам трендафилите што ги засадила општинската управа
и наглас да урлам дека сакам друг.
Ама дека го сакам само малку повеќе од тебе.
Онолку колку што е потребно
за да доцни таксито дури девет минути.